Не е точно дека паразитите предизвикуваат рак

Графички приказ на рак на панкреас Фото: Scientific Animations Inc., CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Ракот е болест која се јавува кога сопствените клетки на една личност мутираат, неконтролирано се размножуваат и се шират на околните ткива. Паразитите пак се одделни организми кои живеат на или во организмот домаќин за да преживеат

Нема докази дека „чистење од паразити ќе спречи појава на рак“, како што невистинито се тврди во објавата. Ракот е болест која се јавува кога сопствените клетки на една личност мутираат, неконтролирано се размножуваат и се шират на околните ткива. Настанува од сопствениот генетски материјал на телото. Паразитите пак се одделни организми кои живеат на или во организмот домаќин за да преживеат

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Само да ви кажам ракот се паразитите ама неќат да ви кажат чистете се.

Не е точно дека ракот е паразит. Како што пишуваат проверувачите на факти на „Африка чек“, тврдењата дека ракот е резултат на паразитска инфекција и дополнително, како што се тврдело во објавата што тие ја рецензирале, „дека може да се излекува за денови со тревки“, е потенцијално опасен совет.

Истражувањата покажуваат дека ракот е сериозна генетска болест која бара специјализиран медицински третман и внимание, зависно од причинителот на ракот и неговиот стадиум, пишуваат тие.

Професорот Мајкл Хербст, доктор и член на непрофитната организација Cancer Association of South Africa вели дека туморите се резултат од генетската интеракција на одредена личност со надворешни агенти познати како „канцерогени“.

Овие канцерогени вклучуваат инфекции од одредени вируси, бактерии или паразити. Но, овие видови на канцерогени, се одговорни само за 30 проценти од причинителите на рак во земјите со ниски и средни приходи.

Дури и ракот предизвикан од паразитски инфекции, сепак е генетска болест. Ова е поради тоа што инфекцијата ги нарушува генетските сигнали на телото кои осигуруваат дека клетките умираат и се формираат на природен начин, пишуваат проверувачите на факти на „Африка чек“. 

Клучната разлика е во тоа што ракот е болест која се јавува кога сопствените клетки на една личност мутираат, неконтролирано се размножуваат и се шират на околните ткива. Настанува од сопствениот генетски материјал на телото. Паразитите пак од своја страна, се одделни организми кои живеат на или во организмот домаќин за да преживеат.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Политифакт“, карциномот не е паразит.

Ракот не е паразит – тој расте од мутации во клетките на човекот. Паразитите се одделни организми кои живеат на или во друг организам домаќин. Ракот дели некои својства со паразитите, но тој не е паразит. Ракот настанува од клеточни мутации во телото на една личност; тој не е посебен организам. Овие мутации се наследуваат, се развиваат случајно или се предизвикани од околината на една личност. Паразит е посебен организам кој живее на или во друг организам домаќин и добива хранливи материи од него. Ракот го дели поголемиот дел од својата ДНК со лицето кое го има, со некои мутации. Паразитите, како што се тркалезните црви или тениите, имаат сосема различна ДНК од домаќинот во кој влегуваат, наведуваат тие.

Од Клиника Барселона посочуваат дека причината зошто едно лице развива рак е непозната, но некои од факторите што можат да го зголемат ризикот од негово развивање, познати како фактори на ризик, се испитани. На некои фактори може да се влијае како што е пушењето, додека други не се модифицираат, како што се возраста или семејната историја. Сепак, поседувањето на еден фактор на ризик, или дури и неколку, не значи дека ја имате болеста.

Она што е познато е дека одредени паразити, можат да предизвикаат рак или да го зголемат ризикот од развој на рак, но тоа не значи дека ракот е паразит. Во моментот не постојат антипаразитски лекови одобрени од која било здравствена организација со цел лекување на рак кај луѓето. Додека некои, како што се ивермектин и фенбендазол, покажуваат потенцијал во лабораториски студии и студии на животни за инхибирање на растот на клетките на ракот, сепак недостасуваат клинички докази на високо ниво што ја потврдуваат нивната безбедност и ефикасност кај луѓето.

Нема докази дека „чистење од паразити ќе спречи појава на рак“, како што невистинито се тврди во објавата и оваа дезинформација се појавува и во странство на различни јазици.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција