Не е точно дека поради вакцината на Фајзер e зголемена стапката на канцер, невролошки проблеми и на смрт

Фото: Принтскрин

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер. Харвард објави студија која откри придобивки од ковид вакцините за пациентите со рак, а истото го покажа и студијата на Стенфорд објавена во декември. Во однос на наводната смртност по вакцинацијата, портпаролот на Фајзер за Ројтерс, вели дека смртта во најголем дел од случаите нема врска со самата вакцина, туку со коморбидитети или други фактори

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер. Харвард објави студија која откри придобивки од ковид вакцините за пациентите со рак, а истото го покажа и студијата на Стенфорд објавена во декември. Во однос на наводната смртност по вакцинацијата, портпаролот на Фајзер за Ројтерс, вели дека смртта во најголем дел од случаите нема врска со самата вакцина, туку со коморбидитети или други фактори

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен напис од веб-сајтот Коловрт, во кој е презентирана изјава од српскиот лекар Бранимир Несторовиќ. Во постот, написот и како атрибуција на изјавата на Несторовиќ, наведено е дека „на пациенти со карцином им се бара да се вакцинираат“, а во постот пишува дека „шесткратно е зголемен бројот на рак кај вакцинираните“.

Несторовиќ во прашање ја доведува ефикасноста и безбедноста на вакцината на Фајзер против ковид-19 и вели:

Значи, ги повикувам тие „независни истражувачки новинари“ да ја објават студијата на Фaјзер за клиничко испитување на вaкцината на 44.000 пациенти, а која стана достапна за јавноста благодарение на тужбата на американските адвокати, со огромен број несакани ефекти, 1.222 смртни случаи во рок од 6 месеци! Значи, резултатите се толку застрашувачки, податоците од американската армија за зачестеноста на невролошки компликации кои се 10 пати повисоки и шесткратно зголемување на бројот на малигни болести кај вaкцинираните! И вие баратe од пациентот кој има малигна болест да се вaкцинира сега за интервенција која ќе биде во септември, се вели во изјавата на Несторовиќ споделена во постот што го рецензираме.

Околу изнесениот податок дека зачестеноста на невролошки компликации кај американската армија е повисока за 10 пати, станува збор за погрешно пренесен статистички податок од страна на армијата, кој беше дополнително поправен.

ДMЕД е јавно достапен ресурс кој содржи моментални и минати податоци за болести и медицински појави од страна на членови на армискиот персонал. Откако во 2021 година се појави ненадеен раст на смртноста и медицински состојби како канцер, Питер Грејвс, портпарол на одделот за набљудување во Агенцијата за здравје на армиските припадници во одделот за одбрана, за Политифакт рече дека откако ги разгледале податоците, утврдиле дека во нив имало грешки во годините од 2016 до 2020 година.

Причината за грешката било тоа што точни податоци од 2021 година, биле споредувани со неточни податоци во петте години претходно, така што се добил лажен впечаток за значителен раст на смртноста и на невролошките компликации меѓу членовите во армијата во 2021 година, кој во суштина не постоел.

Потоа, базата на податоци беше симната од веб страницата, коригирана и во неа повеќе не фигурира ваков скок во невролошките компликации кај членовите на армијата. Сега, податоците од 2021 година се споредуваат со точни просечни податоци од минатите пет години.

Во врска со тврдењето на Несторовиќ дека шесткратно се зголемил канцерот кај вакцинираните против ковид-19, не е наведен никаков извор. Од изјавата не е јасно на кои случаи Несторовиќ мисли, за која држава и од каде ги црпи информациите. Сепак, генерално е познато дека од почетокот на вакцинацијата против ковид-19, до денеска, дезинформациите дека вакцината е причинител на многу болести е присутна во антивакциналниот сет на наративи за создавање страв и недоверба во вакциналниот процес. Сепак, станува збор за невистина. Вакцините против ковид-19 и канцерот не се поврзани. Нема зголемување на стапката на канцер во светот откако е почната вакцинацијата, како резултат на самата вакцина. Во земјава и во светот, секаде се препорачува вакцинација против ковид-19 за пациентите со канцер затоа што тие имаат имунокомпромитиран систем.

Професорот за биологија на канцер, на Мехари медицинскиот колеџ, Доналд Алцендор за „Ју Ес Еј Тудеј“, вели дека нема основа за тврдењето дека вакцината предизвикува канцер.

Податоците од клиничките тестирања и почетокот на вакцинацијата против ковид-19, не покажуваат поврзаност меѓу вакцините и стапката на канцер, според експертите за здравство.

Повеќе од 6 милијарди луѓе имаат примено вакцина против ковид-19 ширум светот и инциденцата за канцер не е поврзана со апликацијата на вакцините, вели Алцендор.

И доктор Мајкл Имперале, професор на одделот за микробиологија и имунологија на Универзитетот во Мичиген, вели дека тврдењето дека ковид вакцините може да предизвикаат канцер е невистинито.

Ниедна состојка во вакцините не предизвикува канцер и нема докази за да се поврзе канцерот со вакцинацијата, изјави тој.

Доктор Марк Шломчик, претседател на Одделот за имунологија на Универзитетот во Питсбург за медицина, вели дека идејата дека вакцините може да предизвикаат канцер се невистинити.

Нема практичен начин вакцината да предизвика рак. Ниедна вакцина која било кога сме ја проучувале или е користена за да се превенира инфекција, било кога, била поврзана со канцер, вели тој.

Во сите упатства за користење на вакцините, канцерот не е наведен како несакан ефект. Повеќето луѓе кои се вакцинираат против ковид-19 имаат благи симптоми кои исчезнуваат за еден или два дена.

Пациентите со малигни хематолошки заболувања во Северна Македонија имаат и официјални препораки да се вакцинираат, од Клиниката за хематологија. Австралиската организација за канцер исто така препорачува вакцина за имунокомпромитираните пациенти со канцер.

Харвард објави студија која откри придобивки од ковид вакцините за пациентите со рак, а истото го покажа и студијата на Стенфорд во декември.

На крајот во рецензијата, ќе се осврнеме на тврдењето на Несторовиќ, дека клиничко тестирање од Фајзер изведено на 44 илјади испитаници покажало висока смртност од 1222 лица.  Како што странски проверувачи на факти веќе имаат утврдено, во извештајот на Фајзер никаде не е наведено дека тие смртни случаи се поврзани со вакцината. Она што исто така не е наведено, е дека во клиничките тестирања, секој може да пријави несакан ефект по примањето вакцина, што сепак не докажува причинско-последична врска меѓу вакцината и смртниот исход. Едноставно, можно е да се работи за смрт настаната поради други ризик фактори, коморбидитети, несреќи, болести, природна смрт поради старост итн.

Доктор Џакес Раубенхајмер во врска со тврдењето околу смртноста на 1222 лица изјавил:

Ако имаме 10 милиони администрирани дози и извештаи за 42.086 случаи, тогаш тоа се 0,4 проценти од дадените дози за кои има извештај. Ако подетално разгледаме, повеќето од тие извештаи не се сериозни несакани ефекти, што значи дека наспроти лажниот аларм, овој документ покажува сосема спротивна слика, односно сугерира безбедност, изјавил тој.

Професорот Нигел Мек Милан, директор на програмата за имунологија на Грифит Универзитетот, вели дека 1.222 смртни случаи поврзани со вакцината се „злоупотреба на информациите“.

Кај било која група луѓе гледаме смртни случаи од срцеви удари, канцер. Во Австралија има 450 такви случаи на ден и некои од тие лица може да биле вакцинирани минатиот месец. Не значи дека тие луѓе починале поради вакцината. Во Австралија, истрагата на регулаторот резултираше со 12 смртни случаи поврзани со вакцината на 50 администрирани дози, изјавил професор Мек Милан.

Како што може да се види од друг извештај на Фајзер за несакани реакции по вакцината, дел од лицата кои се вакцинирале, подоцна се заразиле со коронавирусот и за жал, завршиле со смртен исход.

На страница 10 од извештајот пишува дека имало четири лица кои доживеале анафилакса и починале истиот ден кога биле вакцинирани.

Иако овие пациенти искусија несакан ефект кој е потенцијален симптом на анафилакса, сите имаа сериозни коморбидитети, а едно лице имаше и ковид-19 предизвикана пневмонија која веројатно придонесе за смртта, пишува на страница 10 од извештајот.

На страница 29 од извештајот, во заклучоците е наведено дека прегледот на достапните информации и искуства потврдува дека постои поголем бенефит отколку штета од вакцината на Фајзер против ковид-19.

Портпаролот на Фајзер за Ројтерс, исто така адресирал тврдења околу смртноста по вакцинацијата, објаснувајќи дека смртта во најголем дел од случаите нема врска со самата вакцина, туку со коморбидитети или други фактори. Тој потенцира дека контролите и мониторингот на вакцината е во согласност со сите барања на Американската агенција за храна и лекови. Тој исто така додава дека самата пријава во системот за мониторинг на несакани ефекти во САД, ВАЕРС, не значи причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта, односно секој може да поднесе пријава, дури и нецелосна, па и анонимно, и без докази, само ако има сомнеѝ дека некако вакцината е поврзана со нечиј смртен исход. Сепак, корелација меѓу вакцината против ковид-19 и самата смрт не е докажана, туку напротив, вакцината спасува животи, го намалува ризикот од хоспитализација и смртност и развој на тешки симптоми на ковид-19.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно дека 1.222 лица починале од вакцината на Фајзер (нема докажана причинско-последична релација меѓу вакцинацијата и смртниот исход), не е точно дека има 10 пати зголемен број на невролошки компликации кај припадниците на американската армија и нема шесткратно зголемување на бројот на малигни болести кај вакцинираните.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција