Не е точно дека повеќе од 70 проценти од Македонците се против ЕУ и НАТО

Наспроти тврдењата во постот анкетата на ИРИ покажа силна поддршка за членството во ЕУ, и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021. Седумдесет и три проценти од Македонците сакаат да се приклучат кон Европската Унија, додека дваесет и четири проценти преферираат да не се приклучат. На прашањето: Дали го поддржувате членството на Северна Македонија во НАТО? седумдесет и два проценти од испитаниците одговориле „да“, 24 одговориле „не

Наспроти тврдењата во постот анкетата на ИРИ покажа силна поддршка за членството во ЕУ, и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021. Седумдесет и три проценти од Македонците сакаат да се приклучат кон Европската Унија, додека дваесет и четири проценти преферираат да не се приклучат. На прашањето: Дали го поддржувате членството на Северна Македонија во НАТО? седумдесет и два проценти од испитаниците одговориле „да“, 24 одговориле „не

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Вистина е дека повеќе од 70 проценти од Македонците се против ЕУ и НАТО. Кратко и јасно.

Постот е објавен на 19 декември 2022 година, истиот ден кога ИРИ (International Republican Institute) објави испитување на јавното мислење. 

Анкетата на ИРИ покажа силна поддршка за членството во ЕУ, и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021. Седумдесет и три проценти од Македонците сакаат да се приклучат кон Европската Унија, додека дваесет и четири проценти преферираат да не се приклучат.

Многу е охрабрувачки да се види таква силна поддршка за членството во ЕУ зашто има и други недемократски актери кои многу напорно се ангажирани да ја подобрат својата позиција во земјата, изјави Пол Мек Карти, европски регионален директор за ИРИ, а објавено е на страницата на ИРИ.

Податоците биле прибавени од 23 септември до 13 октомври 2022, преку лични интервјуа дома кај испитаниците. Испитан е репрезентативен примерок од 1.207 испитаници на возраст над 18 години. Маргината на грешка е плус минус 2.8 поени. Во истражувањето не е направена распределба на испитаниците по етникуми. На почетокот од истражувањето е опишана методологијата според која националниот примерок бил подготвен во согласност со податоците од пописот од 2021 година спроведен од Државниот завод за статистика, за популација на возраст над 18 години.

Исто така примерокот ги зема предвид структурата на популацијата според возраст, пол, место на живеење, образование, национална афилијација и регион.

На страница 71 од истражувањето поставено е прашањето: Дали поддржувате Северна Македонија да стане членка на Европската Унија?

Седумдесет и три проценти од испитаниците одговориле „да“, а 24 отсто одговориле „не“, додека 3 проценти одговориле дека „не знаат“ или „одбиле“ да одговорат.

Фото: Принтскрин од анкетата на ИРИ

Не е наведено колку проценти од тие што одговориле да, биле етнички Македонци. Наведено е дека во возрасната група од 18 до 35 години, 75 проценти од испитаниците одговориле дека поддржуваат Македонија да стане дел од ЕУ. Во возрасната група од 36 до 55 години, 73 проценти од испитаниците одговориле дека поддржуваат Македонија да стане членка на ЕУ. Во возрасната група над 56 години, 70 проценти од испитаниците одговориле дека поддржуваат Македонија да стане членка на ЕУ.

На страница 67 од истражувањето, поставено е прашањето: Ако нашата земја може да се приклучи кон една интернационална економска унија, која би требало да биде таа?

На ова прашање 71 процент од испитаниците одговориле ЕУ, 13 проценти одговориле Евроазиската унија, составена од Ермија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Русија и 13 отсто одбиле да одговорат или кажале дека „не знаат“.

Фото: Принтскрин од анкетата на ИРИ

На страница 78 од истражувањето, поставено е прашањето: Дали го поддржувате членството на Северна Македонија во НАТО?

Седумдесет и два проценти од испитаниците одговориле „да“, 24 одговориле „не“ и 4 проценти одбиле да одговорат или кажале дека „не знаат“.

Фото: Принтскрин од анкетата на ИРИ

Во самото истражување наведено е како испитаниците одговарале низ годините на истото прашање : „Дали поддржувате Северна Македонија да стане членка на ЕУ?“. Во септември 2010 година 90 проценти одговориле потврдно, декември 2010 година 87 проценти одговориле потврдно, декември 2014 година 76 проценти одговориле потврдно, во октомври 2015 година 72 проценти одговориле потврдно. Во ноември 2016 година потврдно одговориле 76 проценти од прашаните. Во август 2017 година 77 проценти одговориле потврдно на истото прашање. Во јули 2018 година 83 проценти одговориле потврдно. Во февруари 2020 година 80 проценти одговориле потврдно, а во 2021 година во ноември 84 проценти кажале дека поддржуваат Северна Македонија да стане членка на ЕУ.

Фото: Принтскрин од анкетата на ИРИ

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека повеќе од 70 проценти од Македонците се против ЕУ и НАТО. Трендот на истражувањата на ИРИ, покажува константна поддршка на граѓаните за членството во ЕУ и НАТО.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција