Не е точно дека пожарите во ЛА се намерно предизвикани за да се градат „паметни градови“
Објавата содржи неколку теории на заговор меѓу кои и онаа дека климатските промени се измислени и дека во иднина ќе се создаваат некакви паметни градови за контрола на луѓето. Според ваквите заговорнички сценарија, официјални лица и инвеститори ги подметнуваат пожарите за да направат простор за „паметен град“ – концепт на урбанистичко планирање кој користи широк опсег на технологија за следење на сообраќајните шеми, потрошувачката на електрична енергија и комунални услуги, информатички и комуникациски технологии за подобрување на јавните услуги и намалување на емисиите на стакленички гасови
Објавата содржи неколку теории на заговор меѓу кои и онаа дека климатските промени се измислени и дека во иднина ќе се создаваат некакви паметни градови за контрола на луѓето. Според ваквите заговорнички сценарија, официјални лица и инвеститори ги подметнуваат пожарите за да направат простор за „паметен град“ – концепт на урбанистичко планирање кој користи широк опсег на технологија за следење на сообраќајните шеми, потрошувачката на електрична енергија и комунални услуги, информатички и комуникациски технологии за подобрување на јавните услуги и намалување на емисиите на стакленички гасови
Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека пожарите во Лос Анџелес биле намерно подметнати за да се направат некакви паметни градови во кои Американците ќе живееле како во индијански резервати.
Еве ви ги формите и методите на сатанското друштво покриени со ку*винската лага „климатски промени“ длабока сотонска држава сака да владее со светот. Изгорената територија ќе биде резервата за американските граѓани во кои ќе живеат како Индијанците во Аризона, стои во објавата.
Објавата споделува и видео како „поткрепа“ на тврдењата дека пожарите се намерно предзивикани за „сатанистите од длабоката држава“ од Лос Анџелес да направат паметен град за контрола на луѓето.
Објавата содржи неколку теории на заговор како онаа за длабоката држава и сатанистите, но и онаа дека климатските промени се измислени и дека во иднина ќе се создаваат некакви паметни градови (кои најчесто се поистоветуваат со 15-минутните градови) за контрола на луѓето.
За овие теории на заговор Вистиномер досега има пишувано во повеќе наврати, но ќе се осврнеме повторно на нив, бидејќи очигледно е дека тие непрестајно се шират на социјалните мрежи.
Терминологијата „сатанисти од длабоката држава“ кореспондира со терминологијата што се шири кога се споделува теоријата на заговор Кју Анон, според која една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и сл.
Теоријата на заговор Кју Анон почна на 28 октомври 2017 година на анонимниот интернет форум Форчен (4Chan) со тема насловена: „Затишје пред бура“, тогаш анонимен корисник со псевдоним „Кју“ постираше дека Хилари Клинтон ќе биде уапсена меѓу 7 и 45 и 8 и 30 часот во понеделник на 30 октомври 2017 година, што не се оствари. Ниту една Кју анон приказна не се докажа, иако имаше многу предвидувања за наводни апсења на елитите и разбивање на „кабалата“ во која секогаш како ликови што ја претставуваат, беа наведувани демократи од Америка.
Во објавата климатските промени се претставуваат како измислени, како наводна „ку*винска лага на сатанистите од длабоката држава“.
Арно ама, климатските промени се меѓу најгорливите проблеми на нашето време. Светот станува сè пожежок. Според шестиот извештај за проценка на IPCC за состојбата на климата, изминатата деценија веројатно е најтоплиот период во последните 125.000 години. Проценката на IPCC, исто така е дека периодот од 2016 до 2020 година е најтоплиот петгодишен период забележан од најмалку 1850 година.
Обединетите Нации на 5 јуни 2024 година, предупредија дека просечната глобална температура ќе се зголеми за 1,5 степени Целзиусови, споредено со прединдустриските нивоа во барем една од следните пет години.
Светската метеоролошка организација предупредува дека ќе се зголеми температурата за 1.5 степени со тенденција да се зголемува. Веќе привремено го поминавме ова ниво во некои поединечни месеци, а и како просек во изминатите 12 месеци, посочува заменик генералниот секретар на Светската метеоролошка организација Ко Барет.
Повеќе на оваа тема прочитајте на линкот тука.
Понатаму, објавата тврди дека „сатанистите од длабоката држава“ намерно ги подметнале пожарите за да го поттикнат развојот на таканаречените „паметни градови“.
Според теориите на заговор кои ги поврзуваат природните катастрофи со плановите за паметни градови, а кои често се појавуваат во САД и Канада, официјални лица и инвеститори ги подметнуваат пожарите за да направат простор за „паметен град“, концепт на урбанистичко планирање кој користи широк опсег на технологија за следење на сообраќајните шеми, потрошувачката на електрична енергија и комунални услуги, информатички и комуникациски технологии за подобрување на јавните услуги и намалување на емисиите на стакленички гасови.
Други корисници ги поистоветуваат паметните градови со „15-минутите градови“, различна филозофија која вклучува резонирање на градовите за да се постават повеќето секојдневни погодности, како што се продавници, паркови, медицински услуги и училишта, во непосредна близина од станбените области.
Во декември 2020 година, градските власти на Лос Анџелес објавија план за инвестиции во инфраструктурата наречен SmartLA 2028, кој предлага користење на технологија за следење на користењето електрична енергија, интегрирање на градските услуги на мобилна апликација и инсталирање сензори кои можат да ги предупредат службите за итни случаи за потенцијални злосторства и пожари во домот.
Лос Анџелес треба да биде домаќин на Летните олимписки и параолимписки игри во 2028 година, поттикнувајќи надежи дека градот ќе може да го олесни својот познат густ сообраќај, да ги намали емисиите на стакленички гасови и да ги подобри службите за итни случаи.
Планот SmartLA 2028 не предвидува уништување цели населби или обнова на делови од градот почнувајќи од нула. Наместо тоа, се фокусира на напорите, вклучително и инсталирањето уреди за следење на сообраќајните шеми и собирање податоци за квалитетот на воздухот, криминалот, условите на патиштата и други работи за да се помогне во подобрувањето на локалните услуги.
Планот SmartLA 2028, исто така, се однесува само на градот Лос Анџелес и не исцртува шеми за остатокот од округот, кој вклучува и други градови погодени од пожарите, како што е Пасадена.
Оваа теорија на заговор, исто така, доби на сила по шумските пожари во Мауи, кога видео од гувернерот на Хаваите беше исечено, извадено од контекст и споделено за да се зајакне лажното тврдење дека државата имала за цел да создаде „паметен град“ на изгорената земја. Слични теории беа дебанкирани по шумските пожари во Канада и на шпанските Канарски острови.
Вистиномер дебанкираше и други тврдења поврзани со пожарите во Лос Анџелес.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар