Не е точно дека само вакцинираните и лекуваните во болница починале од ковид-19
Да се тврди дека „Фаучи молчи во врска со вакцините“ е манипулативно, објавата создава впечаток дека Фаучи денес молчи затоа што „се открило дека вакцините биле опасни“. Тоа не произлегува од неговото одбивање да одговара на прашања пред Комитетот за домашна безбедност и владини прашања на Сенатот на 29 јули 2026 година. Фаучи на актуелното сослушување главно се повикуваше на правото против самоинкриминација.
Да се тврди дека „Фаучи молчи во врска со вакцините“ е манипулативно, објавата создава впечаток дека Фаучи денес молчи затоа што „се открило дека вакцините биле опасни“. Тоа не произлегува од неговото одбивање да одговара на прашања пред Комитетот за домашна безбедност и владини прашања на Сенатот на 29 јули 2026 година. Фаучи на актуелното сослушување главно се повикуваше на правото против самоинкриминација. Тоа не претставува изјава дека вакцините биле неефикасни или опасни. Исто така, актуелното сослушување се однесува на многу поширок спектар прашања – потеклото на вирусот, финансирањето на истражувања, пандемијата и одлуките на американските здравствени институции, а не претставува „судење на вакцините“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
НЕВАКЦИНИРАНИТЕ…Сите гледате што се случува со Фаучи, оној „научникот” што знаеше сѐ за Кромид19 предвреме. Оној што се појави илијадници пати на ТЕЛЕвизија да каже како ние НЕВАКЦИНИРАНИТЕ сме проблем. Оној што ги убедуваше трудниците и малите деца да се вакцинираат оти било безбедно. Оној за кој многумина од вас, си знаете кои сте, велевте дека има искуство и знае што зборува, а ние сме небањати теоретичари на заговори.Каде сте сега да го одбраните и оправдате неговото молчење во врска со вакцините. Каде сте сега да видите како го шамараат сенатори и конгресмени на испрашувањето и како тој се прави на три и пол демек ќе се бранел со молчење. Па нели сѐ знаеше мајмунот, нели имаше искуство. Ама може има заборавено, па одамна беше ПланДемијата, а он стар човек…. Заборава.Ама ние небањатите не забораваме ништо.Пишував тогаш дека ако сакате да постапите правилно правете обратно од тоа што ви велат на ТЕЛЕвизија. Ама многумина ми велеа дека сум полудел малку оти не носам маска и не ги вакцинирам децата. Арно ама после 6 години гледаме дека само вакцинираните и лекуваните по болниците умреа. НЕВАКЦИНИРАНИТЕ сме тука….сите.Ова е само мал потсетник дека не е сѐ така розево и дека најстрашната реченица од сите што можете да ја чуете е:Ние сме од владата и тука сме за да ви помогнеме.Идат чудни времиња, не лошо да размислите кого ќе слушате во иднина, и ако имате комшија или познаник небањат теоретичар на заговори извинете му се и прегрнете го… Оти се борел и за вас.
Не е точно наведеното во објавата дека „само вакцинираните и лекуваните во болници починале од ковид-19“. Нема докази дека Ентони Фаучи, еден од највисоките американски експерти за заразни болести во времето на пандемијата, знаел за „кромид 19“ (ваквото име е дадено за да се алудира дека пандемијата била лажна и дека луѓето биле прелажани). И актуелните истраги за потеклото на вирусот не покажуваат доказ дека Фаучи однапред знаел дека ќе се појави вирусот или дека ја организирал пандемијата. Дури и во актуелните политички истраги во САД, прашањето за потеклото на вирусот останува предмет на спор – лабораториско протекување или природно пренесување се хипотези, а тоа не е доказ дека Фаучи „знаел однапред“, ниту пак, дека пандемијата била „кромид“ (алузија за лажна).
Во врска со тврдењето дека Фаучи ги убедувал трудниците и малите деца да се вакцинираат оти било безбедно, ова бара временски контекст. Кога почнаа да се користат вакцините против ковид-19, податоците за бремените жени и за малите деца беа ограничени. Но токму затоа беа спроведени дополнителни студии. На пример Националниот институт за здравје (NIH) во 2021 година започна посебна студија за вакцинацијата во бременост и по породувањето. Во тогашното соопштение Фаучи експлицитно признава дека недостасуваат робусни проспективни податоци и дека студијата треба да помогне во формирањето на идните препораки. Подоцнежните големи студии не покажаа зголемен ризик од предвремено породување или мал гестациски раст кај вакцинирани бремени жени во споредба со невакцинираните. Една студија опфатила повеќе од 40.000 бремени жени. И денес, во 2026 година, Центарот за контрола и превенција на болести на САД наведува дека студиите што опфатиле повеќе од милион бремени жени не покажале зголемен ризик од спонтан абортус, предвремено породување, мртвороденче или вродени аномалии поврзани со мРНК вакцинацијата.
Кај децата исто така постои безбедносен мониторинг. На пример, во првите недели по одобрувањето за деца од 5–11 години, CDC анализирал милиони дози, најголемиот дел од пријавените реакции биле несериозни, а сериозните биле ретки. Ова не значи дека вакцините немале никакви ризици. Има познати, ретки несакани реакции и нивната појава се следи.
Во врска со тврдењето дека Фаучи „го шамараат сенатори и конгресмени на испрашувањето“ тука постои реален настан, но јазикот е пропаганден. На 29 јули 2026 година, Фаучи навистина сведочеше пред Комитетот за домашна безбедност и владини прашања на Сенатот, предводен од сенаторот Ренд Пол. Фаучи се повика на петтиот амандман од Уставот на САД и одби да одговори на повеќе од 100 прашања, повикувајќи се на правото да не се самоинкриминира. Потоа, на 6 август 2026, комитетот на Сенатот гласаше случајот да го упати до Министерството за правда. Но, од тоа не произлегува дека Фаучи е докажано „виновен“ за измама со вакцините. Повикувањето на Петтиот амандман не е признание на вина. Тоа е уставно право поврзано со ризик од самоинкриминација.
Да се тврди дека „Фаучи молчи во врска со вакцините“ е манипулативно, зашто објавата создава впечаток дека Фаучи денес молчи затоа што „се открило дека вакцините биле опасни“. Тоа не произлегува од неговото одбивање да одговара на прашања пред комисијата на американскиот Сенат на 29 јули 2026 година. Фаучи на актуелното сослушување главно се повикуваше на правото против самоинкриминација. Тоа не претставува изјава дека вакцините биле неефикасни или опасни. Исто така, актуелното сослушување се однесува на многу поширок спектар прашања – потеклото на вирусот, финансирањето на истражувања, пандемијата и одлуките на американските здравствени институции, а не претставува „судење на вакцините“.
Сосема е неточно дека „само вакцинираните и лекуваните по болниците починале, а невакцинираните сме сите тука“. Податоците покажуваат спротивното. Центарот за контрола на болести на САД анализирал 13 американски јурисдикции во периодот април–јули 2021 година. Кај невакцинираните стапката на смртност од ковид 19 била значително повисока од кај целосно вакцинираните. Во тој период кај невакцинираните биле регистрирани 6.132 смртни случаи, а кај целосно вакцинираните 616. Тогаш, стапката на смртност била приближно 11 пати повисока кај невакцинираните. Уште појасни податоци има од анализа на 25 американски јурисдикции за 2021 година. Во периодот октомври–ноември, невакцинираните имале 13,9 пати поголем ризик од инфекција и 53,2 пати поголем ризик од ковид-смрт во споредба со вакцинирани лица кои примиле бустер.
И една студија на Центарот за контрола и превенција на болести за најтешките исходи проценила околу 90 проценти заштита кај лица со две или три мРНК дози во испитуваниот период.
Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози на вакцини дадени во САД помеѓу декември 2020 година и јуни 2021 година. Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар