Не е точно дека Санчез дал државјанство на 500.000 мигранти и ги повикал новите мигранти во Шпанија
Шпанската влада во 2026 година започна голема вонредна регуларизација, со проценка дека мерката би можела да опфати околу 500.000 луѓе. Но, не станува збор за доделување шпанско државјанство, туку за регулирање на престојот и правото на работа на луѓе кои веќе биле во Шпанија пред 1 јануари 2026 година и ги исполнуваат условите
Шпанската влада во 2026 година започна голема вонредна регуларизација, со проценка дека мерката би можела да опфати околу 500.000 луѓе. Но, не станува збор за доделување шпанско државјанство, туку за регулирање на престојот и правото на работа на луѓе кои веќе биле во Шпанија пред 1 јануари 2026 година и ги исполнуваат условите
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Накратко за Санчез, претседателот на Шпанија, јунакот кој ете бил борец за правда и е против еврејското зло.
– Санчез неодамна даде државјанство на преку 500 000 мигранти.
– Санчез со новиот закон за мигранти дозволи секој мигрант кој ке дојде во Шпанија преку вода ! ке има право за државјанство.
После 3 дена од законот, се случи ИНВАЗИЈА од 50 000 мигранти…
Тврдењето дека шпанскиот премиер Педро Санчез неодамна дал државјанство на преку 500.000 мигранти, односно дека со новиот закон за мигранти дозволил секој мигрант што ќе дојде во Шпанија преку вода да има право на државјанство, па после три дена од законот се случила инвазија од 50.000 мигранти, е неточно и манипулативно.
Во тврдењето се спојуваат неколку реални настани, но со погрешно претставување на нивното значење и временската поврзаност.
Шпанската влада во април 2026 година навистина започна вонредна постапка за регуларизација на мигранти. Владината проценка беше дека мерката би можела да опфати околу 500.000 лица. Но, тоа не значи дека на 500.000 луѓе им е дадено шпанско државјанство.
Според официјалниот документ на шпанската влада, бројката од околу 500.000 се однесува на потенцијални корисници на постапката за регуларизација — околу 300.000 баратели на азил и околу 200.000 лица кои биле во нерегулиран статус.
Разликата е суштинска: регуларизација на престој не е исто што и доделување државјанство. Станува збор за добивање дозвола за законски престој и работа во Шпанија.
И самата шпанска влада експлицитно наведува дека лицата што ги исполнуваат условите добиваат дозвола за престој и работа со почетна важност од една година.
Мерката не се однесува на луѓе кои допрва ќе влезат во Шпанија. Ова е важен дел што се изоставува во објавата којашто ја анализираме.
За да се квалификуваат за оваа конкретна регуларизација, лицата морале да бидат во Шпанија пред 1 јануари 2026 година и да докажат најмалку пет месеци непрекинат престој во моментот на поднесување на барањето. Дополнително, се бара да немаат криминално досие и да не претставуваат закана за јавниот ред, јавната безбедност или јавното здравје.
Затоа тврдењето дека новиот закон им овозможува на мигрантите сега да дојдат по море и автоматски да добијат статус е спротивно на самите услови на мерката.
Не постои правило „ако пристигнеш по вода, добиваш државјанство“. За вакво нешто нема потврда во официјалните правила на мерката.
Напротив, официјалните услови бараат лицето да било присутно во Шпанија пред 1 јануари 2026 година и да докаже најмалку пет месеци непрекинат престој. Значи, човек кој ќе пристигне во Шпанија по донесувањето на мерката не станува автоматски корисник на оваа регуларизација.
Масовниот прилив од околу 50.000 луѓе во Сеута навистина се случи. Овој дел од објавата се темели на реален настан.
На 30 и 31 јули 2026 година дојде до невиден масовен прилив на луѓе од Мароко кон Сеута, шпанска енклава во Северна Африка. Според шпанските власти, околу 49.000 луѓе преминале во Сеута во период од околу 24 часа, по копно и по море.
Во следните денови Ројтерс известуваше за над 50.000 лица кои преминале во Сеута, при што огромното мнозинство, повеќе од 48.000, според шпанските власти, се вратиле во Мароко во рок од околу 48 часа.
Значи, бројката од околу 50.000 не е измислена.
Клучната манипулација е во причинско-последичната врска. Проблемот е што објавата ги претставува двата настана како директно поврзани: „Санчез донесе закон“, а „три дена подоцна се случи ИНВАЗИЈА од 50 000 мигранти“.
Фактички се претставува како Санчез со законот да ги повикал мигрантите. Но, за таква причинско-последична врска нема докази.
Ројтерс известува дека масовниот прилив бил поттикнат од комбинација на фактори, меѓу кои економски тешкотии, гласини и дезинформации на социјалните мрежи, како и погрешно толкување на одлука на шпанскиот Врховен суд. На социјалните мрежи кружеле информации дека судската одлука значи дека мигрантите кои ќе стигнат до Сеута автоматски ќе можат да останат во Шпанија. Тоа не е точно.
Всушност, Ројтерс известува дека неодамнешната одлука на шпанскиот Врховен суд ограничила одредени непосредни враќања на мигранти, но тоа не значи автоматско право на престој, а уште помалку автоматско стекнување државјанство.
Што навистина се случи со бројките за регуларизација?
Процесот заврши на 30 јуни 2026 година. Според шпанската влада, биле поднесени 1.174.978 барања, од кои 609.737 веќе биле обработени до 2 јули. Овие бројки се однесуваат на барања за регуларизација, а не на новоиздадени шпански државјанства.
Затоа и формулацијата „Санчез даде државјанство на 500.000 мигранти“ е двојно проблематична: 500.000 било проценето потенцијално опфатени лица, а мерката била за регуларизација на престој, не за масовно доделување државјанство.
Значи, точно е дека шпанската влада во 2026 година започна голема вонредна регуларизација, со проценка дека мерката би можела да опфати околу 500.000 луѓе. Но, не станува збор за доделување шпанско државјанство, туку за регулирање на престојот и правото на работа на луѓе кои веќе биле во Шпанија пред 1 јануари 2026 година и ги исполнуваат условите.
Исто така, навистина се случи масовен прилив од околу 50.000 луѓе во Сеута на крајот на јули 2026 година. Но, нема докази дека тие луѓе биле „повикани“ од законот за регуларизација или дека со пристигнувањето стекнале право на шпанско државјанство. Напротив, мерката за регуларизација се однесува на лица кои веќе биле во Шпанија пред 1 јануари 2026 година.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар