Не е точно дека се укинува мерката „МојДДВ“
Директорката на УЈП никаде не спомнала ниту најавила дека ќе се укине мерката „Мој ДДВ“, како што тоа сака да го прикаже објавата. Точно е дека Петрова во едно нејзино интервју ја критикува мерката, но како што вели таа, не постои конкретна одлука или намера за запирање на оваа мерка
Директорката на УЈП никаде не спомнала ниту најавила дека ќе се укине мерката „Мој ДДВ“, како што тоа сака да го прикаже објавата. Точно е дека Петрова во едно нејзино интервју ја критикува мерката, но како што вели таа, не постои конкретна одлука или намера за запирање на оваа мерка
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Се укинува “МојДДВ” – Не носи никаков бенефит за државата, а го оштетува буџетот.
Објавата предизвикала доста реакции кај следбениците, и тоа главно негативни, што може да се види од коментарите под неа.

Не е точно дека Владата ќе го укине проектот „МојДДВ“ како што тоа го тврди објавата.
Имено, и самата објава нуди линк до вест во која е потврдено дека мерката нема да се укине.
Веста пренесува интервју на директорката на УЈП, Елена Петрова, дадено за емисијата на ТВ Телма Топ тема, во кое таа ја критикува оваа мерка и вели дека не ги постигнала очекуваните резултати, но како што посочува, не се размислува за нејзино укинување, и тоа е нагласено во првиот пасус од веста:
Иако во моментов не се разгледува укинување на популарната мерка „Мој ДДВ“, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, предупредува дека проектот претставува значителен трошок за државниот буџет, а притоа не ја исполнил својата основна цел – сузбивање на сивата економија.
Подоле во текстот се додава:
И покрај слабите резултати и високите трошоци, таа (Елена Петрова) уверува дека засега нема одлука за укинување на мерката.
„Не можам да кажам дека постои конкретна одлука или намера за запирање. Но, кога се трошат јавни средства, мора постојано да се разговара за ефикасноста“, заклучи директорката на УЈП.
Значи, директорката на УЈП никаде не спомнала ниту најавила дека ќе се укине мерката „Мој ДДВ“, како што тоа сака да го прикаже објавата. Точно е дека Петрова во интервју на ТВ Телма ја критикува мерката, но досега (13.01.2026), како што вели таа, не постои конкретна одлука или намера за запирање на оваа мерка.
Тоа може да се види и од нејзината изјава дадена за Телма.
Поради сето погоре, можеме да оцениме дека на објавата ѝ недостига контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар