Не е точно дека семафори во Италија и Германија се топат поради жешкото време
Причините за оштетувањето на семафорите во двата засебни случаи споменати во објавата се поврзани со два различни пожари, а не со високите температури.
Причините за оштетувањето на семафорите во двата засебни случаи споменати во објавата се поврзани со два различни пожари, а не со високите температури
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал поврзан со последните бранови на екстремно високи температури кои ја погодија Европа.
Во описот на видеоматеријалот во пишува:
Екстремен топлотен бран зафати голем дел од Европа, при што температурите во делови од Италија и Германија се приближуваат до 45°C. Освен што претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето, интензивната жештина почнува да влијае и врз урбаната инфраструктура, предизвикувајќи дефекти на семафорите и оштетувања на опремата што е подолго време изложена на директна сончева светлина.
На видеото почнувајќи на 16-та секунда, пишува дека „во Италија, екстремно високите температури предизвикаа дефекти на семафорите во неколку градови, додека опремата изложена на директна сончева светлина подолг временски период според извештаите претрпела оштетувања предизвикани од жештината“. Два кадри ги илустрираат тие наводни дефекти:


Вистиномер провери и откри дека првата фотографија, која што е прикажана погоре, од Италија, се родила како шега на социјалните мрежи, но за неколку часа стана вирален феномен.
Видеото објавено од Џони Путини, 35-годишник од Боволоне (во близина на Верона), надмина 1 милион и 600 илјади прегледи за 24 часа, пишува италијанскиот медиум „Теленуово“.
Оригиналното објавено видео од Путини е на следниот линк. Медиумот пишува дека видеото требало да биде добра шега, објавена на 24 јуни, а на него се гледа деформиран семафор лоциран во Лугањано (населба во Верона), проследено со описот „во Верона е толку жешко што и семафорите се топат“.
Но, не сите ја сфатиле шегата. Многумина поверувале дека невообичаено деформираниот семафор навистина е стопен од температурите деновиве, што придонесе видеото да се рашири надвор од границите на Верона.
Семафорот е навистина оштетен, но не поради рекордните горештини. Топењето на семафорот го предизвика запален автомобил пред неколку денови, кога пламените јазици достигнаа до семафорскиот систем. Успехот на видеото беше таков, што предизвика внимание дури и во странство. Ова го изненади 35-годишниот автор на видеото од Верона, познат во спортските кругови како интернационален судија во борење и поранешен коментатор. Никогаш порано не сум имал толкаво медиумско внимание за моите боречки активности, вели тој низ смеа, пишува Теленуово.
Инаку, италијанските медиуми имаат фотографии од моментот кога автомобилот се запалил и кога пламените јазици стигнале и до семафорот. Може да се погледнат овде.
Што се однесува на втората фотографија на која исто така се гледа „стопен“ семафор, со налепница на германски јазик што сугерира дека семафорот е во Германија, и ова оштетување на семафорот не е предизвикано од високите температури.
Како што пишуваат проверувачите на факти од Германија, семафорот се наоѓа на оваа локација, во Берлин, а на аголот од улицата се наоѓа клубот „Ренате“ кој се изгорел во јуни 2025 година.
На барање на германската агенција за печат (German Press Agency,) портпаролката на државната компанија InfraSignal, одговорна за семафорите во Берлин, одговори дека причината е токму тој пожар. Според InfraSignal, оштетениот семафор бил заменет годинава во текот на планирана модернизација, пишуваат германските проверувачи на факти.
Од InfraSignal додаваат дека не се запознаени со случај во кој трансмитерите на сигнал претрпуваат таква голема штета на 40 Целзиусови степени.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумнo невистинита. Не е вистинит делот дека семафорите се „топеле“ поради жештината. Причините се поинакви и опишани погоре во оваа рецензија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар