Не е точно дека сенаторот Линдзи Греам загинал од руска ракета Искандер

Ракетен систем Искандер Фото: Boevaya mashina, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Не е точно наведеното во објавата дека сенаторот Греам загинал од руска ракета Искандер. Како што пишува „Асошиејтед прес“, причината за смртта на сенаторот, кој беше еден од најблиските сојузници на претседателот Доналд Трамп во Конгресот и кој патуваше низ светот, залагајќи се за поагресивна надворешна политика на САД, е расцеп на аортата, според прелиминарниот наод на судскиот лекар што го објави неговата канцеларија

Не е точно наведеното во објавата дека сенаторот Греам загинал од руска ракета Искандер. Како што пишува „Асошиејтед прес“, причината за смртта на сенаторот, кој беше еден од најблиските сојузници на претседателот Доналд Трамп во Конгресот и кој патуваше низ светот, залагајќи се за поагресивна надворешна политика на САД, е расцеп на аортата, според прелиминарниот наод на судскиот лекар што го објави неговата канцеларија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Линдзи Грахам, човекот што ги мразеше сите Руси, човекот кој ги лажеше Украинците да умираат за американски интереси загина од руска ракета искендер.

Во објавата се споделува видео каде што сенаторот Линдзи Греам вели:

Вашата борба е наша борба. 2017 ќе биде година на офанзива. Сите ние ќе се вратиме во Вашингтон и ќе покренеме случај против Русија. Доста е од руска агресија. Време е да платат повисока цена.

Овие зборови сенаторот Линдзи Греам ги изговорил на крајот на 2016 година во Украина, кога заедно со  Џон Мекејн ја посетија линијата на фронтот во Украина. Греам ова го кажа пред украинските војници, а извештаи од таа посета може да се пронајдат во светските медиуми, меѓу кои и „Политико“. 

Не е точно дека сенаторот Греам загинал од руска ракета Искандер. Како што пишува „Асошиејтед прес“, причината за смртта на сенаторот, кој беше еден од најблиските сојузници на претседателот Доналд Трамп во Конгресот и кој патуваше низ светот залагајќи се за поагресивна надворешна политика на САД, е расцеп на аортата, според прелиминарниот наод на судскиот лекар што го објави неговата канцеларија. Аортна дисекција е руптура на главната артерија што носи крв во телото.

Американскиот сенатор Линдзи Греам почина од „дисекција на аортата“ предизвикана од кардиоваскуларно заболување, според прелиминарниот наод на медицинскиот испитувач од Вашингтон, објави Би-Би-Си.

Греам, истакнат републиканец од Јужна Каролина и поранешен адвокат во Военото воздухопловство, служеше во Конгресот повеќе од три децении. Важеше за близок републикански сојузник на претседателот Доналд Трамп, а почина на 71-годишна возраст во саботата навечер (11 јули 2026). Сенаторот штотуку се вратил од патување во Киев, Украина, каде што ден претходно се сретнал со претседателот Володимир Зеленски

Нема ниту една веродостојна потврда дека Греам е убиен од ракета Искандер.

Не е точно ниту дека Линдзи Греам „ги мразел сите Руси“. Тоа не е факт поткрепен со докази. Во своите јавни настапи тој со години остро ги критикуваше политиките на Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин и руската инвазија врз Украина, а беше и еден од најгласните поддржувачи на санкциите против Русија и американската воена помош за Украина. Меѓутоа, критиката кон руската власт и нејзините политики не е исто што и омраза кон сите руски граѓани.

Греам ја сметаше Русија за голема закана и беше жесток застапник на Украина. Тој се залагаше за строги санкции против руската нафтена индустрија и ја поддржуваше употребата на замрзнатите руски средства за вооружување на Украина. Тој веруваше дека е неопходен строг притисок за да се принуди Владимир Путин на мировни преговори.

Во март 2023 година, Русија го стави Греам на список на барани лица, според извештаите на руските медиуми, повикувајќи се на Министерството за внатрешни работи. Потегот на Москва дојде откако претседателската канцеларија на Украина објави монтирано видео од состанокот меѓу Греам и Зеленски, на кое се гледа како американскиот сенатор вели: „Русите умираат“, а исто така дека поддршката на САД за Украина била „најдобрите пари што некогаш сме ги потрошиле“.

Потоа Украина објави целосно видео од состанокот кое покажува дека двете забелешки не се поврзани. Греам ги оспори руските критики за неговата поддршка за Украина, велејќи дека едноставно го пофалил духот на Украинците во спротивставувањето на руската инвазија со помош обезбедена од Вашингтон.

Не постојат докази дека Греам свесно им ветувал на Украинците нешто што било невистинито за да ги натера да се борат. Одлуката Украина да се брани од руската воена инвазија не е донесена од Линдзи Греам. Украина пружа вооружен отпор по руската целосна инвазија уште од февруари 2022 година. Одлуките за мобилизација, одбрана и водење на војната ги носат украинските државни институции, а не американски сенатори.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција