Не е точно дека „Северна“ нелегално се употребува во земјава

Потпишување на договорот за македонско-грчкиот спор [17.06.2018, Преспа] Фото: Влада на РСМ

Преспанскиот договор не ја условува важноста на новото уставно име со отворање преговори или членство во ЕУ. Името „Република Северна Македонија“ е во сила од влегувањето на договорот во сила во 2019 година. Единствено, за дел од старите внатрешни документи и материјали е предвиден посебен преоден режим поврзан со отворањето на преговарачките поглавја со ЕУ.

Преспанскиот договор не ја условува важноста на новото уставно име со отворање преговори или членство во ЕУ. Името „Република Северна Македонија“ е во сила од влегувањето на договорот во сила во 2019 година. Единствено, за дел од старите внатрешни документи и материјали е предвиден посебен преоден режим поврзан со отворањето на преговарачките поглавја со ЕУ

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

СЕВЕРНА НЕЛЕГАЛНО СЕ УПОТРЕБУВА ВО МАКЕДОНИЈА! Преспанскиот договор мора да се почитува! Северна за внатрешна употреба само со отворени преговори и членство во ЕУ! Штом нема преговори и нема ЕУ, нема ниту северна! Што тука не е јасно???

На 17 јуни 2018 година, во село Нивици (Псарадес) на грчкиот брег од Преспанското Езеро, министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, ја потпишаа „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните“.

Документот предвидува ново име за Република Македонија, односно „Република Северна Македонија“, кое ќе се употребува erga omnes, односно во секоја пригода и вo земјава и надвор од неа. Oфицијалниот јазик на земјата е македонски, додека државјанството ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“. Договорот го потпиша и посредникот на ОН, Метју Нимиц. Со овој договор, познат и како Преспански договор, му се стави крај на историскиот спор за името меѓу Македонија и Грција, кој траеше речиси три децении.

Во Договорот новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба, со превод на сите јазици.

Во земјава институциите се преименувани што може да се види од следните примери: Уставен суд на Република Северна Македонија, Влада на Република Северна Македонија, Собрание на Република Северна Македонија, судски портал на Република Северна Македонија, Јавно обвинителство на Република Северна Македонија итн.

Кога претседателката Гордана Силјановска Давкова во Собранието даваше свечена заклетва и го изговори името Македонија, од Собранието информираа за следното во врска со нејзината изготвена изјава:

Содржината на изјавата е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и е во согласност со Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот, член 2 став 4 според кој употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на други употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзиното скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“ појаснија од Собранието.

Според Преспанскиот договор, уставното име е „Република Северна Македонија“, а краткото официјално име е „Северна Македонија“. Договорот предвидува овие имиња да се користат erga omnes – за сите намени, вклучително и во внатрешната употреба.

Кога се тврди дека „Северна е за внатрешна употреба само со отворени преговори и членство во ЕУ!“, ова тврдење се повикува на член 1(10)(б) од Преспанскиот договор, но го толкува премногу широко.

Член 1(10)б гласи:

„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Договорот навистина предвидува дека замената на одредени постојни документи и материјали што се користат исклучиво внатрешно ќе започне со отворањето на секое релевантно поглавје од преговорите со ЕУ и ќе заврши во рок од пет години. Но, тоа не значи дека името „Република Северна Македонија“ не важи внатрешно додека нема преговори или членство во ЕУ. Напротив, договорот истовремено налага сите нови официјални документи и преписки веднаш да го користат новото име.

Преспанскиот договор не ја условува важноста на новото уставно име со отворање преговори или членство во ЕУ. Името „Република Северна Македонија“ е во сила од влегувањето на договорот во сила во 2019 година. Единствено, за дел од старите внатрешни документи и материјали е предвиден посебен преоден режим поврзан со отворањето на преговарачките поглавја со ЕУ.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција