Не е точно дека Си-Ен-Ен признал оти вакцините лошо влијаат врз имунитетот на луѓето

Фото: Image by Mario Ohibsky from Pixabay

Не е точно дека Си-Ен-Ен признале дека мРНК вакцините лошо влијаат на имунитетот. Имунитетот за кој се говори во текстот на Си-Ен-Ен, не е општиот генерален имунитет на луѓето кој го имаат уште пред да се вакцинираат, туку имунитет од вакцината кој се однесува исклучиво на заштитата од ковид-19

Не е точно дека Си-Ен-Ен признале дека мРНК вакцините лошо влијаат на имунитетот. Имунитетот за кој се говори во текстот на Си-Ен-Ен, не е општиот генерален имунитет на луѓето кој го имаат уште пред да се вакцинираат, туку имунитет од вакцината кој се однесува исклучиво на заштитата од ковид-19

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека „Си-Ен-Ен признава дека мРНК вакцините лошо влијаат на имунитетот” и дека „почнува повлекувањето на медиумите и нивните обиди за перење на гревовите поради промоцијата на лоши вакцини”.

Во постот е споделен текст од сајтот Коловрт во кој се тврди дека Си-Ен-Ен е „мрежа за лажни вести”. Главното тврдење пласирано во текстот е дека „мРНК вакцините против ковид-19 можат да го намалат имунитетот” и дека „научниците се обидуваат да откријат зошто имунитетот по вакцинирањето вртоглаво опаѓа”.

Во текстот е изнесена манипулација. Имено, Си-Ен-Ен не известува за опаѓање на генералниот, природен имунитет што го имаат луѓето, како што се тврди во постот што го рецензираме, туку за вакциналниот имунитет кој со текот на времето опаѓа и се однесува единствено на заштитата против ковид-19 по примената вакцина.

Во текстот на Си-Ен-Ен не се говори дека вакцините против ковид-19 имаат лошо влијание на генералниот имунитет, како што лажно се прави обид да се претстави во постот што го рецензираме, туку дека научниците се обидуваат да откријат дали можеби, како една од хипотезите, причината што имунитетот за заштита од ковид-19 кој опаѓа со текот на времето после вакцинацијата е последица на мРНК технологијата.

Тоа може да се види од оригиналниот напис на Си-Ен-Ен, во кој се вели:

Најострите опаѓања на имунитетот кои доаѓаат четири до пет месеци после вакцинацијата и до осум месеци после инфекцијата, но може да варираат, се против симптомите на ковид-19, инфекцијата и разболувањето. Заштитата од сериозен исход, хоспитализација и смрт останува висока многу подолго време, но дури и таа опаѓа до некое ниво, особено за повозрасните и за оние со имунокомпромитиран систем.

Од целиот текст на Си-Ен-Ен никако не може да се заклучи дека медиумот на било каков начин сугерира дека вакцините се штетни за имунитетот, туку дека вакциналниот имунитет опаѓа со текот на времето, но дека сепак вакцините се корисни за спречување на смртен исход и хоспитализации како последица на ковид-19.

Од насловот на текстот на Коловрт пак, се дава сосема поинаква слика, а тоа е дека наводно по примените вакцини, општиот, генерален имунитет кој лицето го има уште пред да се вакцинира, ќе биде нарушен, што не е точно. Во текстот на Коловрт исто така невистинито се тврди дека мРНК технологијата е неуспешна, што не е вистина, со оглед на тоа што вакцините спасија милиони животи ширум светот, обезбедија неколкумесечен имунитет за лицата кои ги примија, а оние кои се заразија со коронавирусот по примена вакцина генерално имаа полесна клиничка слика отколку оние кои не беа вакцинирани, а се заразија со ковид-19.

Во текстот на Си-Ен-Ен, само се опишува дека во иднина ќе постои процес на подобрување на вакцините за тие да може да обезбедат уште подолготраен имунинитет против ковид-19.

Така тврди и водечкиот епидемиолог во САД, Ентони Фаучи во текстот на Си Ен Ен:

Имаме многу добри вакцини, но мора да најдеме подобри платформи и имуногени, можеби со дополнителни состојки во вакцините, за да обезбедиме подолготрајна издржливост на заштитата, вели тој

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот, од причина што во тексот на Си-Ен-Ен, не е отсликано она што се тврди во текстот на Коловрт. Не е точно дека Си-Ен-Ен признале дека мРНК вакцините лошо влијаат на имунитетот. Имунитетот за кој се говори во текстот на Си-Ен-Ен, не е општиот генерален имунитет на луѓето кој го имаат уште пред да се вакцинираат, туку имунитет од вакцината кој се однесува исклучиво на заштитата од ковид-19.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција