Не е точно дека синот на пратеникот Милошоски добил стипендија од МОН за студии во странство
Според објавата на Милошоски, неговиот син добил стипендија од IE University во Мадрид каде што ќе студира, а не од државата. Информацијата дека синот на Милошоски добил стипендија од државата, ја демантираше и министерката за образование Весна Јаневска
Според објавата на Милошоски, неговиот син добил стипендија од IE University во Мадрид каде што ќе студира, а не од државата. Информацијата дека синот на Милошоски добил стипендија од државата, ја демантираше и министерката за образование Весна Јаневска: „Мене ми е многу жал да кажам дека на нашите социјални мрежи има многу лажни вести. Јас лично ги потпишувам стипендиите за шангајските универзитети. Името Милошоски, односно презимето Милошоски, не е потпишано“
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Своевремено, за да му се излигават на премиерот , едно училиште и нивните наставници создадоа шпалир од дечиња за да го пречекаат првачето на премиерот.
Јас од оваа постапка на надлежните во училиштето се згрозив и засрамив.
Вчера читам по порталите дека градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, донел или поставил клима уред само во училницата каде што ќе учи неговото дете- прваче.
Исто така читам дека синот на Антонијо Милошоски добил стипендија од илјадници евра за да студира во Мадрид, Шпанија.
И сега се прашувам дали ” општествово за сите” е токму за сите?
Очигледно, не е.
И токму затоа, сѐ повеќе расте омразата кон политичарите, но и кон државата кои ги произвеле ваквите посебни ,,царски” синови и ќерки.
И не биле исти како претходните.
Море, бетер се.
Не е точно дека синот на пратеникот Антонијо Милошоски добил од државата стипендија од илјадници евра за да студира во Мадрид, Шпанија, како што тоа се тврди во објавата.
Имено, пратеникот Милошоски, на 1 септември, на својот Фејсбук профил објави дека неговиот најстар син ќе замине на студии во Шпанија.
Оваа школска година со две првачиња, а тоа се батко Филип, кој од денес е првоодделенец и Давид кој ќе го започне првиот семестар на факултетот во Мадрид, каде после положените тестови со висока оценка, универзитетот IE University му додели нивна стипендија. Нека им биде со успех и бистра мисла на сите ученици и студенти❗️Колку повеќе првачиња, толку повеќе иднина.
Според објавата на Милошоски, неговиот син добил стипендија од IE University каде што ќе студира, а не од државата.
За да се добие стипендија од IE University, најпрво е потребно да се аплицира и да се биде примен на избраната студиска програма. Потоа, студентите можат да аплицираат за финансиска помош и различни видови стипендии, при што се земаат предвид нивниот академски успех, личните достигнувања, воннаставните активности, лидерските способности, но и финансиската состојба. Стипендиите се конкурентни и можат да покриваат дел или, во одредени случаи, целосен износ од школарината, па затоа е важно апликацијата да биде добро подготвена и да се поднесе навреме.
Информацијата дека синот на Милошоски добил стипендија од државата, ја демантираше и министерката за образование Весна Јаневска.
„Не знам што сè се пишува на социјалните мрежи. Мене ми е многу жал да кажам дека на нашите социјални мрежи има многу лажни вести. Јас лично ги потпишувам стипендиите за шангајските универзитети, најдобрите. Името Милошоски, односно презимето Милошоски, не е потпишано. Оттука, сметам дека ова е апсолутно лажна вест и злоупотреба на името на пратеникот. Значи, Министерството за образование и наука не доделило стипендија на синот на Антонијо Милошоски“, истакна Јаневска.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар