Не е точно дека сите автоимуни заболувања и сите видови на канцер се предизвикани од паразити
Паразитските инфекции можат да бидат фактор (кофактор) за одредени видови рак и во одредени контексти автоимуни заболувања, но нема поддршка за тврдењето дека тие се универзална и главна причина за сите видови рак или за сите автоимуни болести, како што тоа го тврди објавата.
Паразитските инфекции можат да бидат фактор (кофактор) за одредени видови рак и во одредени контексти автоимуни заболувања, но нема поддршка за тврдењето дека тие се универзална и главна причина за сите видови рак или за сите автоимуни болести, како што тоа го тврди објавата. Спротивно на тврдењето во објавата, „ивермектин“, „фенбендазол“ и слични препарати не се одобрени за лекување на рак кај луѓе, а нивната употреба без стручен надзор може да предизвика сериозни оштетувања на црниот дроб, бубрезите и нервниот систем
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Сите, ама баш сите автоимуни заболувања и сите видови на канцер се предизвикани од паразити!
Зошто тоа никој не ви кажал? Бидејќи тоа никој и не го барал и затоа што не е во интерес на самата медицина и фармација!
Последнава година се излегува на виделина, напливот и барањата за антипаразитарен програм се за 100% зголемени – кој за ивермектин, кој за фенбендазол, кој за менбендазол, кој за ивермектин паста или маст… Сите овие беа присутни цело време, но беа назначени за лекување и чистење на паразити кај кучиња, мачки, коњи и други животинчиња…
И секогаш беа така презентирани, што за среќа сега излезе на виделина и се докажа дека цел овој антипаразитарен програм лекува рак дури и од 4-ти стадиум.
И повторно ќе нагласам – секое автоимуно заболување и секој тип на алергии и канцери е резултат на присуство на паразити!
Објавата содржи медицински тврдења кои не се научно докажани и може да бидат опасни ако се применуваат без лекарски надзор.
Тврдењето дека „сите автоимуни заболувања и сите видови рак се предизвикани од паразити“ е лажно и нема научна поддршка.
Автоимуните заболувања се јавуваат кога имунолошкиот систем погрешно ги напаѓа сопствените клетки. Причините се комбинација од генетика, хормони, средински фактори, инфекции (понекогаш вируси или бактерии, но не и паразити во повеќето случаи).
Примери: мултипла склероза, лупус, ревматоиден артритис, Хашимото тироидитис итн.
Има истражувања кои покажуваат дека паразитските инфекции можат да бидат тригери на автоимуни реакции во одредени случаи — на пример преку прекрстена реактивност (cross‐reactivity) помеѓу паразитски антигени и сопствени ткива.
Меѓутоа, постојат и истражувања кои ја нагласуваат спротивната перспектива: паразитите, особено хелминтите (црвите), можат да го регулираат имуниот систем и дури да го намалат ризикот од автоимуни заболувања (идејата на „hygiene hypothesis” и експериментални третмани).
Сепак, не постојат цврсти докази дека паразитите се основна причина за сите автоимуни заболувања.
Ракот настанува кога клетките мутираат и почнуваат неконтролирано да растат. Главни причини се: генетски мутации, токсини, зрачење, вируси (на пр. HPV, HBV, EBV), пушење, исхрана, и други. Некои паразити можат да го зголемат ризикот за одредени видови рак (на пример, Schistosoma haematobium е поврзан со рак на мочен меур, Opisthorchis viverrini со рак на жолчни канали), но тоа се многу специфични и ретки случаи.
Ова не значи дека сите заболувања од рак се предизвикани од паразити.
Механизмите предложени за тоа како паразитите можат да придонесат кон канцерогенеза вклучуваат: хронична воспалителна реакција, оштетување на ткива, промена на микробиомот, генетска нестабилност.
Значи, паразитските инфекции можат да бидат фактор (кофактор) за одредени видови рак и во одредени контексти автоимуни заболувања, но нема поддршка за тврдењето дека тие се универзална и главна причина за сите видови рак или за сите автоимуни болести, како што тоа го тврди објавата.
Понатаму, спротивно на тврдењето во објавата, „ивермектин“, „фенбендазол“ и слични препарати не се одобрени за лекување на рак кај луѓе, а нивната употреба без стручен надзор може да предизвика сериозни оштетувања на црниот дроб, бубрезите и нервниот систем.
Како што веќе има пишувано Вистиномер, „ивермектинот“ е лек за паразити кој се користи кај животни и луѓе, а бил испитуван во борбата против одреден вид рак, но кај животни. Кај луѓето не се спроведени никакви клинички истражувања за тоа како овој лек би делувал врз ракот. Овој лек е одобрен од ФДА за употреба кај луѓе за лекување на различни паразитски инфекции, вклучувајќи паразитски црви, анкилостома и сл. Антивирусното дејство на „ивермектин“ е докажано против широк спектар на РНК и ДНК вируси, на пример, денга, Зика, жолта треска и други. Лекот „ивермектин“ се користеше и за време на пандемијата со ковид-19. Денес, „ивермектинот“ сè повеќе се користи ширум светот за борба против други болести кај луѓето, како што се стронгилоидоза, шуга, педикулоза, гнатостомијаза и мијаза. Но, ниту ФДА, ниту Светската здравствена организација не одобриле „ивермектин“ за лекување на ракот.
Вистиномер исто така има пишувано дека „фенбендазол“, лек за паразити кај кучињата, не е клинички тестиран кај луѓето. Агенцијата за храна и лекови (ФДА) и Европската агенција за лекови (ЕМА) го забрануваат „фенбендазол“ за употреба кај луѓето. Тврдењата дека „фенбендазол“ може да излечи рак се непоткрепени и може да ги доведат во опасност болните од канцер, доколку поверуваат и на своја рака го применуваат овој лек.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар