Не е точно дека сите документи во кои се споменува Ротшилд се избришани од датотеките за Епстин

Датотеките во кои се споменува Ротшилд, уште постојат на сајтот на Министерството за правда на САД и не се избришани.

Датотеките во кои се споменува Ротшилд уште постојат на сајтот на Министерството за правда на САД и не се избришани. Бројни светски медиуми во сериозни анализи на гломазните датотеки имаат напишано и што тие содржат, а е поврзано со Ротшилд

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Сите досиеја од случајот Епштајн поврзани со Ротшилдови се избришани од сајтот на министерството за правда на САД.Make Hazaria great again.Ве напраија МАГАриња топ тан.

Не е точно дека сите документи поврзани со Ротшилдови се избришани од сајтот на Министерството за правда на САД. „Вистиномер“ со пребарување на името Rothshild во базата на објавените документи поврзани со Џефри Епстин, а објавени на страницата на американското Министерство за правда, пронајде десетици датотеки.

Дополнително, бројни светски медиуми во сериозни анализи на гломазните датотеки имаат напишано и што тие содржат, а е поврзано со Ротшилд. Текстовите и анализите се јавно достапни уште од 5 февруари. Тогаш „Ројтерс“ извести дека Аријана де Ротшилд, раководителка на семејната швајцарска приватна банка „Едмонд де Ротшилд“, се допишувала десетици пати со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин и се согласила на повеќекратни средби во периодот околу пет години пред неговото апсење и затворање во 2019 година. Ова „Ројтерс“ го напиша повикувајќи се на досиејата објавени на сајтот на Министерството за правда на САД, додавајќи дека документите не содржат никакви знаци на кривично дело.

Преписката покажува дека двајцата договарале повеќекратни средби во текот на неколку години во домовите на Епстин во Њујорк и Париз и дека тој ја поканил де Ротшилд да престојува во неговиот стан.

На 19 март 2019 година, околу четири месеци пред неговото апсење, Епстин ѝ пишал на де Ротшилд, информирајќи ја дека е во Париз. Таа одговорила: „Навистина?!! И јас сум тука. Кога би бил слободен?“, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на преписките од Министерството за правда, додавајќи дека средбата била договорена за наредниот ден, но дека не може да се верификува дали се остварила.

Портпаролот на банката изјави за Ројтерс дека Епстин бил деловен познаник на де Ротшилд од 2013 до 2019 година и дека таа немала сознанија за однесувањето на Епстин и „недвосмислено го осудува неговото однесување и злосторствата што ги извршил“. 

Во текстот на Ројтерс од 5 февруари 2026 се додава дека името на де Ротшилд се појавува во пребарувањата на Министерството за правда над 4.400 пати, а многу од датотеките се дупликати од една иста електронска пошта. Истото го потврди и „Вистиномер“ при влез во датабазата на 17 февруари, истиот ден кога е објавена објавата што ја рецензираме – илјадници датотеки уште постојат и во голем дел се дупликати. Тоа може да го провери и секој корисник на социјалните мрежи со влез во базата на следниот линк.

Реномираниот „Фајненшал Тајмс“ во голема анализа достапна само за претплатници (линк овде) објаснува „Како куќата на Ротшилд се заплетка со Епстин“. Иако не е достапен текстот освен за претплатници, сепак уредникот и автор на текстот објавен во „Фајненштал Тајмс“ на мрежата Линкедин пишува:

„Џефри Епстин тајно ги влечел конците во клучна банка на Ротшилд“ е изјава што до неодамна би ве означила како теоретичар на заговор. Сепак, тоа е прилично точно резиме на нашата најнова сторија на FT за шокантните откритија во досиејата на Епстин. Врската на Аријана де Ротшилд со педофилот финансиер е одамна позната, но таа претходно ја минимизираше врската, кажувајќи им на новинарите во 2023 година дека побарала негов совет во „неколку наврати“. Стотиците мејлови и други пораки меѓу нив двајцата, кои сега се објавени од Министерството за правда на САД, ја разбија таа фасада.
Аријана де Ротшилд е француска банкарка и извршна директорка на групацијата Едмонд де Ротшилд од март 2023 година. Таа е првата жена и првата личност без семејно потекло од Ротшилдови што раководи со финансиска институција со брендот Ротшилд. Таа беше во брак со Бенџамин де Ротшилд од 23 јануари 1999 година до неговата смрт на 15 јануари 2021 година. Тие имаат четири ќерки.
И во „Политико“ може да се прочита содржината на датотеката поврзана со Ротшилд во анализа од 6 февруари 2026 насловена „Светот на Епстин: Внатре во неговата мрежа на богатство, моќ и бизнис“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Датотеките во кои се споменува Ротшилд уште постојат на сајтот на Министерството за правда на САД и не се избришани.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција