Не е точно дека специјалци на МВР барале терористи на ИСИС во Ѓорче Петров
Информацијата за полициски специјалци кои легитимирале граѓани и бркале терористи на ИСИС во Ѓорче Петров не е точна. Истата е креирана без никакви докази, и очигледно имала за цел да шири паника меѓу граѓаните. Од МВР за Вистиномер потврдија дека такво нешто немало
Информацијата за полициски специјалци кои легитимирале граѓани и бркале терористи на ИСИС во Ѓорче Петров не е точна. Истата е креирана без никакви докази, и очигледно имала за цел да шири паника меѓу граѓаните. Од МВР за Вистиномер потврдија дека такво нешто немало
Анализираме објава на социјалната мрежа Инстаграм од 13.11.2024 година која вели:
Зошто специјална единица да стои маскирана на улица и вооружена до заби и да проверуваат лични карти на луѓе? Кој дава вакви наредби?! Луѓе кои се тренирани да елиминираат терористи да стојат како обични полицајци… И некој медиум ќе каже ли што се случи завчера во Ѓорче со терористите од ИСИС?!
Вистиномер не успеа да најде никаде информација поврзана со некаква акција на полициски специјалци во Ѓорче Петров, а уште помалку дека се барале терористи на ИСИС.
Таква информација нема никаде во медиумите, а доколку навистина такво нешто се случувало, сигурно немало да остане тајна туку тоа би било вест број еден во медиумите.
Објавата што ја анализираме нафрла информации, но не нуди никакви докази, некоја фотографија или видео на пример. Единствен доказ се чаршиски разговори.
Од таа причина Вистиномер се обрати до Министерството за внатрешни работи каде прашавме дали е точна информацијата дека полициски специјалци минатата недела во Ѓорче Петров бркале терористи на ИСИС и дали воопшто има вакви лица во нашата држава или станува збор за измислена вест со цел ширење паника на социјалните мрежи?
Од МВР ни го испратија следниот одговор:
Во врска со Вашето барање, Ве информираме дека по извршени проверки во ПС ОН Ѓорче Петров, нема информација дека специјалци на МВР на подрачје на општина Ѓорче Петров вршеле легитимирање на сомнителни лица, исто така ПС ОН Ѓорче Петров нема констатирано такви лица на подрачјето ниту преземале мерки против такви лица.
Значи, не е точно дека специјалци на МВР стоеле на улица и легитимирале граѓани, ниту пак, имало нешто како барање терористи на ИСИС.
Инаку, не е ништо чудно специјалци на МВР да стојат на улица и да легитимираат граѓани, ако добиле таква наредба, објаснуваат за Вистиномер познавачи на состојбите во МВР.
Во МВР функционира Оддел за специјални полициски операции и во склоп на овој оддел работат три единица: Специјална антитерористичка единица (САЕ) „Тигар“, Единица за брзо распоредување (ЕБР) и Посебна единица за поддршка (ПЕП).
САЕ „Тигар“ е организирана како посебна единица во Бирото за јавна безбедност со намена за:
- Планирање и извршување најсложени задачи во борба против тероризмот.
- Решавање заложнички ситуации и ситуации со забарикадирани опасни лица.
- Апсење криминалци и криминални групи.
- Решавање ситуации во случај на пружање отпор со огнено оружје.
- Обезбедување загрозени ВИП личности и објекти.
- Давање асистенција во борбата против организираниот криминал.
- Спасувачки мисии во високопланински и други недостапни терени.
- Обука и едукација на кадри.
Задачи на ЕБР се:
- воспоставување и одржување на јавен ред и мир при немири и демонстрации
- спровод на лица барани со локални и меѓународни потерници
- анти-терористички акции и сите останати подфати од висок ризик
- обезбедување на домашни и странски ВИП личности
- давање асистенции на институциите
- пружање помош на населението при природни елементарни непогоди и катастрофи
Припадниците на ПЕП се обични полицајци, кои по потреба даваат помош на другите единици.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека информацијата за полициски специјалци кои легитимирале граѓани и бркале терористи на ИСИС во Ѓорче Петров не е точна. Истата е креирана без никакви докази, и очигледно имала за цел да шири паника меѓу граѓаните. Од МВР за Вистиномер потврдија дека таков настан не се случил. Поради тоа објавата ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар