Не е точно дека српски политичари во „Службен весник“ биле прогласени за геј лица

Не е вистина дека во „Службениот весник“ на Република Србија се објавуваат листи на лица кои се геј, таква практика не постои. Ваквото тврдење во постот е чиста измислица. Од јавните личности споменати во постот само премиерката Ана Брнабиќ отворено се декларира како геј

Не е вистина дека во „Службениот весник“ на Република Србија се објавуваат листи на лица кои се геј. Таква практика не постои. Ваквото тврдење во постот е чиста измислица. Од јавните личности споменати во постот само премиерката Ана Брнабиќ отворено се декларира како геј

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди:

Службен весник на Република Србија. 
Прогласени за геј лица. 
1. Ана Брнабиќ-лгбт. 
2. Братислав Гашиќ-лгбт. 
3. Александар Вулин-лгбт. 
4. Бранко Ружиќ-лгбт. 
5. Миша Васиќ-лгбт. 
Поради нивната сексуална определба сакаат момчиња. Тие не се способни да вршат јавни функции на власта. Политичка работа ќе се врши на ниво на Локални самоуправи!
 Однапред благодарни граѓани на Република Србија!
Во склоп на постот има и линк до „Телеграм канал“ каде е споделена истата дезинформација која се однесува на неколку јавни политички фигури во Србија, меѓу кои премиерката Ана Брнабиќ, која е првата во Владата на Србија која отворено се декларира како геј. Телеграм каналот го носи името Кју Анон, што претставува широко распространета теорија на заговор со почетоци во 2017 година, чии поддржувачи, меѓу другото, веруваат и дека светот го водат група на луѓе во влада во сенка, нивни двојници се појавуваат во јавните настапи и ги извршуваат функциите, дека коронавирусот не постои и дека е измислен од сатанистите со цел да се намали населението на планетата итн. Поддржувачите на Кју Анон вдруваат во широка лепеза на недокажани дезинформации, меѓу кои и дека постои кабалистичка педофилска група во САД против која се бори Доналд Трамп.

Сексуалната ориентација, спротивно на наведеното во постот што го рецензираме не е нешто што се „прогласува“ во „Службен весник“ туку е лична работа. Не е вистина дека во „Службениот весник“ на Република Србија се објавуваат листи на лица кои се геј. Таква практика не постои. Ваквото тврдење во постот е чиста измислица. Објавувањето на сексуалната ориентација, несомнено би претставувало и дискриминација врз основа на сексуална определба, а дополнително личностите би биле изложени и на стигматизација.

Згора на сè, во објавата е поставена и листа на функционери од Србија кои, наводно, се декларирани како геј лица. Но, на овој список има лица како политичарот Братислав Гашиќ за кој во јавноста е познато дека има хетеросексуална определба. Гашиќ е женет и има три сина, досега, никаде не е споменато дека ја променил сексуалната ориентација.

Инаку, тој беше министер за одбрана на Србија од 2014 до 2015, кога беше разрешен од функцијата поради сексистички коментар кој го упати на новинарка од телевизијата „Б92“. Токму поради неговиот сексистички коментар: „сакам новинарки кои вака лесно клекнуваат“, новинарите во Србија протестираа во 2015 година. Сепак, во 2017 година Гашиќ повторно доби јавна функција, од 23 мај 2017 г. тој е директор на Агенцијата за безбедност на Србија.

Дополнително, сите лица наведени во постот сè уште извршуваат јавна функција во Србија и не е точно дека локални самоуправи го презеле управувањето со државата, како што невистинито се тврди во објавата на Фејсбук.

И српскиот министер за внатрешни работи, Александар Вулин е женет и има две деца.

Вулин во своите јавни настапи, повеќекратно навестуваше дека нема намера да потпише какво било правно регулирање на геј браковите во Србија, а медиумите го квалификуваат како проруски и антизападно ориентиран.

Бранко Ружиќ, четвртото име на листата на наводно „прогласени геј лица во Службен весник”, исто така, е женет и има две деца. Со пребарување на интернет пребарувачот Гугл, не може да се пронајде дека некогаш се декларирал дека има хомосексуална ориентација. А, дека уште ја обавува функцијата министер за образование, наука и технолошки развој на Србија, потврдува и фактот што на 20 јули  потпишал програма за соработка меѓу српската влада и владата на Арапска Република Египет, во областа на образованието за периодот од 2022 до 2025 година.

Денешните билатерални програми не обврзуваат на уште поинтензивна соработка, во областа на доуниверзитетското образование и во областа на високото образование. Благодарение на првото, ќе соработуваме повеќе за реформи во основното и средното образование, повеќе ќе се запознаваме и ќе учиме едни за други, а на основа на второто, ќе овозможиме директни соработки на факултетите институтите и установите за високо образование, поголема мобилност за студентите и вработените, заедничко учество во меѓународно поддржаните проекти и заедничко истражување, изјави Ружиќ на 20 јули 2022 година.

Ни за политичарот Миша Вцаиќ нема информации дека е припадник на ЛГБТ заедницата. Како што пишуваат српските медиуми, во тој бил апсен во септември 2008 година , кога во станот му биле пронајдени пиштол, муниција, панцир и фантомки.Тогаш се појавило движењето СНП 1389, коешто ги загрозувало човековите права и слободи и подржувачите учествувале во насилство и поттикнување на омраза кон ЛГБТ популацијата. За тоа во 2013 година Вациќ бил осуден на условна казна.

На крајот, со пребарување на сите посочени имиња во „Службениот Весник“ на Србија, не може да се пронајде наводната одлука на која се повикува постот што го рецензираме. Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека во српскиот „Службен весник“ била објавена листа на геј лица кои веќе не ги вршат јавните политички функции во Србија. Таквата одлука освен што не постои, кога би била постоечка би била дискриминаторска. Дополнително, не е вистина дека политичарите наведени во постот отстапиле од своите функции.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција