Не е точно дека Светска банка и ММФ се управувани од сатанисти и се одговорни за војната во Украина
Светска банка и ММФ во никој случај не можат да бидат одговорни за мирот во светот, а особено не за војната во Украина, како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме.
Светска банка и ММФ во никој случај не можат да бидат одговорни за мирот во светот, а особено не за војната во Украина, како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме, во која Путин се глорифицира како некаков спасител од некакви сатанисти и се повикува тој да стави крај на војните
Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која споделува Тик-ток видео од Владимир Путин во кое се наведува дека Русија учествува во формирањето на новиот светски поредок. Притоа објавата вели:
И што побргу неутрализирај ги сатанистите бидејки додека се во нивна сопственост Светска банка и ММФ светот нема да има мир.
Тврдењето дека Путин треба да ги неутрализира „сатанистите“ затоа што тие управуваат со Светска банка и ММФ и затоа нема мир, е погрешно и спаѓа во доменот на теории на заговор.
Светска банка и ММФ не „припаѓаат“ на тајни сатанистички групи. Тие се меѓународни институции управувани од земји-членки во кои одлуките се носат преку бордови и квоти на државите.
Организациски, Светска банка е како задруга, составена од 189 земји членки. Овие земји членки, или акционери, се претставени од Одбор на гувернери, кои се врвни креатори на политиките на Светска банка. Општо земено, гувернерите се министри за финансии или министри за развој на земјите членки. Тие се состануваат еднаш годишно на годишните состаноци на Одборите на гувернери на Групацијата на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е меѓународна организација која го надгледува глобалниот финансиски систем, девизните курсеви и билансите на плаќања на земјите, а исто така нуди техничка и финансиска поддршка кога им е потребна на земјите-членки. Седиштето на ММФ е во Вашингтон. ММФ се опишува себеси како „организација на 185 држави, кои работат на глобална финансиска соработка, финансиска стабилност, олеснување на меѓународната трговија, промоција на вработувањето и на економскиот раст, и намалување на корупцијата“.
Од сите членки на ОН само Северна Кореја, Куба, Лихтенштајн, Андора, Монако, Тувалу и Науру не се членки во ММФ и не се застапени преку други членки.
Русија е членка на ММФ од 1992 година. Не е меѓу најголемите акционери (како САД, Јапонија, Кина, Германија), но сепак има значаен удел и право на глас во рамките на Фондот.
По 2014 година (анексијата на Крим) и особено по 2022 (инвазијата врз Украина), соработката меѓу Русија и ММФ е ограничена поради санкции и политичка изолација.
ММФ не ѝ дава нови заеми на Русија, но таа формално останува членка и учествува во некои технички форуми.
Тоа, доколку тргнеме од тврдењето во објавата, би значело дека и Русија е дел од „сатанистите во ММФ“, па оттука и самиот Путин е сатанист.
Светска банка и ММФ во никој случај не можат да бидат одговорни за мирот во светот, а особено не за војната во Украина, како што тоа сака да го прикаже објавата која ја анализираме, во која Путин се глорифицира како некаков спасител од некакви сатанисти и се повикува тој да стави крај на војните.
Објавата очигледно има за цел да ја оправда руската воена инвазија на Украина која почна во февруари 2022 година. За оваа војна одговорен е лично Путин и никој друг.
Теоријата дека Путин се бори против „сатанистите“ за да ја спаси планетата од таканаречената длабока држава е теорија на заговор на движењето Кју Анон. На тоа му кумуваше и самиот Путин, кој се правдаше дека ја нападнал Украина за да води борба против сатанистите.
Некои корисници на социјалните мрежи веруваат дека Владимир Путин ја нападна Украина за да ја уништи ,,длабоката држава”, непостоечка светска влада. Но, ова не е точно. Путин долго време верува дека демократските нации треба да се под руска контрола, став кој доведе до вистинска воена инвазија врз Украина, која резултираше со илјадници жртви. Но, во поларизиран свет со недоверба во вистинските факти, дезинформациите се шират рапидно.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар