Не е точно дека тимеросалот никогаш не бил тестиран
Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) наведува дека тимеросалот е проучуван со години преку токсиколошки студии, епидемиолошки анализи, следење на несакани ефекти, популациски истражувања на милиони деца
Објавата неточно тврди дека тимеросалот не бил никогаш тестиран. Постоеле рани мали студии во 1930-тите кога тимеросалот бил воведен. Но тврдењето дека „единствената студија“ била спроведена на 27 пациенти во 1929 е неточно и ги игнорира децениите подоцнежни истражувања. Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) наведува дека тимеросалот е проучуван со години преку токсиколошки студии, епидемиолошки анализи, следење на несакани ефекти, популациски истражувања на милиони деца
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Службеник на FDA потврдува: Тимеросалот – конзервансот на база на жива кој се инјектира кај бебиња со децении – НИКОГАШ не бил правилно тестиран за безбедност откако Ели Лили го воведе во 1929 година. Единствената студија? 27 пациенти со менингитис кои умирале во 1929 година… кои сите починале така и така. Немало ригорозно долгорочно тестирање врз здрави доенчиња. Нема податоци што докажуваат дека е безбеден кога се инјектира. Сепак, сè уште се вградувал во детските вакцини со генерации. Големите фармацевтски компании знаеле. Регулаторите знаеле. И тие продолжиле да го прават тоа сепак. Ова не е „утврдена наука“. Затоа довербата во системот исчезнала. Зошто сè уште играме руски рулет со мозоците на нашите деца во 2026 година?
Објавата драматично тврди дека тимеросалот е „конзервансот на база на жива кој се инјектира кај бебиња со децени“, дека „никогаш не бил правилно тестиран“, дека „единствената студија била на 27 луѓе во 1929“, и дека фармацевтските компании и регулаторите „знаеле, но продолжиле“. Објавата меша вистинити елементи со неточни и манипулативни заклучоци.
Тимеросал е конзерванс на база на етил-жива што со децении се користел во повеќедозни вакцини за да спречи бактериска и габична контаминација. Причината е практична: кога едно шишенце се отвора повеќепати, постои ризик од внесување бактерии.
Важно е да се напомене дека тимеросалот содржи етил-жива, а не метил-жива — токсичната форма што се акумулира во риба и индустриско загадување. Според Центарот за контрола и превенција на болести на САД ЦДЦ, етил-живата се исфрла од телото многу побрзо и не се задржува на ист начин.
Објавата неточно тврди дека тимеросалот не бил никогаш тестиран. Постоеле рани мали студии во 1930-тите кога тимеросалот бил воведен. Но тврдењето дека „единствената студија“ била спроведена на 27 пациенти во 1929 е неточно и ги игнорира децениите подоцнежни истражувања. Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) наведува дека тимеросалот е проучуван со години преку: токсиколошки студии, епидемиолошки анализи, следење на несакани ефекти, популациски истражувања на милиони деца.
И американската Агенција за храна и лекови (ФДА) директно наведува дека постои „голем и обемен корпус на научни студии рецензирани од независни експерти“.
Со ова ФДА објаснува дека проценката за безбедноста на тимеросалот не се темели на една студија, на мислење на една компанија, или на еден експеримент од 1929 година, туку на децении акумулирани научни податоци.
Тоа вклучува токсиколошки истражувања, студии за тоа како етил-живата се разградува и исфрла од телото, епидемиолошки анализи на големи групи деца, следење на несакани ефекти по вакцинација, споредби меѓу вакцини со и без тимеросал.
ФДА со ова практично вели дека досегашните научни докази не покажале веродостоен доказ дека тимеросалот во количините користени во вакцините предизвикува штета по здравјето кај децата.
Најчестата импликација е дека тимеросалот предизвикува аутизам и ова е причината зошто темата постојано се враќа. Но повеќе големи здравствени институции — меѓу нив Светската здравствена организација (СЗО), ЦДЦ и ФДА, со години повторуваат дека нема докази за причинско-последична врска меѓу тимеросал и аутизам. ЦДЦ експлицитно наведува:
Истражувањата не покажуваат никаква врска помеѓу тимеросалот и аутизмот.
Дополнително, постои важен факт што често се изоставува во ваквите објави. Тимеросалот е речиси отстранет од детските вакцини уште од 2001 година. ММР вакцината користена во САД никогаш не содржела тимеросал, а повеќето детски вакцини го немаат повеќе од две децении. И покрај тоа, дијагнозите на аутизам продолжиле да растат — што е спротивно од тоа што би се очекувало ако тимеросалот бил главната причина.
„Ако е безбеден, зошто го отстранија?“ Ова е најчестото прашање. Во 1999 американските здравствени власти и производителите препорачале намалување или отстранување на тимеросалот како претпазлива мерка, иако тогаш немало докази за штета. Тоа е различно од „докажавме дека е опасен“. Во медицината често се користи принципот: ако може да се намали изложеност на супстанција без да се наруши снабдувањето со вакцини – тоа се прави превентивно.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека „ФДА потврдила“, во последниве години темата повторно стана политички и медиумски спорна, особено околу вакцините против грип што сè уште понекогаш користат повеќедозни шишенца со тимеросал. Некои нови политички назначени советници во САД бараа целосно укинување на тимеросалот и покрај тоа што официјалната позиција на ЦДЦ и ФДА останува дека ниските дози не покажале доказ за штета.Токму тие политички и медиумски судири често се претставуваат на интернет како „признание дека сè било лага“. Но тоа не е исто што и научен консензус дека тимеросалот е опасен.
Тврдењето дека тимеросалот „никогаш не бил тестиран“, постоела „само една студија“,
и дека „со генерации се игра руски рулет со мозоците на децата“, не е поддржано од достапните научни и регулаторни податоци. Она што е точно е тимеросалот навистина содржи форма на жива, со години се користел како конзерванс, и денес е речиси целосно отстранет од детските вакцини како мерка на претпазливост. Но тврдењето дека постои докажана масовна штета или прикриена катастрофа — не е поткрепено со доказите што ги наведуваат ЦДЦ и ФДА.
Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар