Не е точно дека Трамп пронашол работилница за адренохром во позната продавница во Њујорк

Во постот се тврди дека војската по наредба на Трамп пронашла деца и работилница за адренохром, меѓутоа за ова нема никаква поткрепа, ниту пак, може да се најде таква информација во медиумите. Самиот Трамп се нема пофалено и јавно не говорел на оваа тема. Адренохромот е состојка којашто се добива со оксидација на адреналин и нема никакви докази дека деца се киднапирани за да се добие оваа состојка од нивната крв. Исто така, ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето

Во постот се тврди дека војската по наредба на Трамп пронашла деца и работилница за адренохром, меѓутоа за ова нема никаква поткрепа, ниту пак, може да се најде таква информација во медиумите. Самиот Трамп се нема пофалено и јавно не говорел на оваа тема. Адренохромот е состојка којашто се добива со оксидација на адреналин и нема никакви докази дека деца се киднапирани за да се добие оваа состојка од нивната крв. Исто така, ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето

 

 

Фејсбук објава тврди дека во 2020 година американската војска во продавницата за облека „Аберкомби и Фич“ пронашла работилница за адренохром и дека таа била запалена, а 100 деца биле спасени. Ова не е вистина, а теоријата на заговор за адренохром е една од најраспространети лажни информации кои ги шират припадниците на движењето Кју Анон.

15.10.2020

Њујорк,5 авенија ,720 ,Аберкомби и фич.

Америчката војска влезе во стоковната куќа за детска облека.

Ослободени 100 ина деца.

Под објектот пронајдена работилница за адренохром(крв од мали деца).

Работилницата е спалена.На неколку метри на истата улица се наоѓа и кулата Трамп во сопственост на зетот на Трамп,Кушнер,кој е спротивен играч .

Војската влегла по наредба на претседателот Трамп во согласнот со извршната наредба за Стоп на трговија со луѓе, 2016 год.

Во објавата којашто е предмет на оваа рецензија се забележуваат повеќе неточни информации.

Прво, се тврди дека во 2020 година имало пожар во „Аберкомби и Фич“ каде што имало работилница за адренохром. Ова не е точно, нема никакви кредибилни податоци дека во 2020 година во продавницата во центарот на Њујорк се случил пожар. Доколку имало пожар во оваа позната продавница пред не цели три години, таква вест ќе имаше на сите медиум бидејќи не е возможно да се скрие пожар на најфреквентната улица во еден од најфреквентните градови на светот.

Исто така не најдовме веродостојни медиумски извештаи или други извори кои може да потврдат дека американската војска влегла во продавницата на барање на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Доколку Трамп навистина ѝ наредил на војската да влезе во продавницата и доколку навистина таму имало 100 деца и работилница за адренохром, тоа ќе беше главна вест во сите медиуми, особено затоа што објавата тврди дека ова се случувало на 15 октомври 2020 година, односно само две недели пред претседателските избори во САД коишто Трамп ги изгуби.

Потоа се тврди дека продавницата за облека „Аберкомби и Фич“ е стоковна куќа за облека за деца. Ова не е точно, во нивните продавници првенствено се продава облека за возрасни, а потоа за деца.

Во објавата се вели и дека кулата Трамп е во сопственост на зетот на Трамп, Џерард Кушнер но и ова не е точно. Трамп кулата во Њујорк е во сопственост на Trump Tower Commercial LLC, која е подружница на The Trump Organization. Организацијата Трамп е приватна компанија во сопственост на поранешниот американски претседател Трамп и неговото семејство. Трамп во 2012 година земал десетгодишен хипотекарен заем од 100 милиони долари за зградата, а минатата година тој успеал да го рефинансира.

Теоријата на заговор за адренохром, која е целосно неоснована, ја шират припадниците на движењето Кју Анон кои велат дека претседателот Трамп води тајна војна против елитните педофили кои го обожаваат сатаната и се наоѓаат во владата, бизнисот и медиумите.

Според описот од PubChem, база на податоци за хемиски молекули што ја одржува Националниот центар за биотехнолошки информации, адренохром е хемикалија произведена со оксидација на адреналин. Се користи како лек во форма на негови дериват за лекување на загубата на крв како хемостатик. Тврдењата дека има својства против стареење немаат никаква основа во реалноста и фактите.

Теоријата на заговор за оваа супстанца тврди дека политичарите од длабоката држава и холивудската елита се вклучени во голема мрежа за киднапирање деца која го собира хемиското соединение адренохром од сексуално злоупотребувани деца подложени на сатанистички ритуали.

Припадниците на Кју Анон велат дека адренохромот го консумираат некои припадници на Демократската партија во САД и холивудските елити поради неговите психоделични и подмладувачки ефекти и дека е посилен кога го собираат од исплашена жртва. Трамп, веруваат тие, планира ден на пресметување во кој ќе бидат уапсени, осудени, па дури и егзекутирани десетици сегашни и поранешни владини функционери за нивната вмешаност во трговија со деца за секс.

Следбениците на Кју Анон веруваат дека во ова сценарио се вклучени претседателот на САД, Џо Бајден, Хилари Клинтон, Барак Обама и Џорџ Сорос, како и голем број забавувачи и холивудски познати личности како Опра Винфри, Том Хенкс и Елен Деџенерис и религиозни личности, вклучувајќи ги папата Франциск и Далај Лама.

Според информациите кои ги шири Кју Анон, поранешниот претседател Трамп бил регрутиран од највисоките воени генерали да се кандидира за претседател во 2016 година за да го разбие овој криминален заговор и да ги изведе неговите членови пред лицето на правдата.

Теоријата на заговор за адренохром потекнува од поодамна, но се забележува неодамнешен пораст на интерес почнувајќи од март 2020 година и пандемијата  со ковид-19. Познатите личности кои објавуваа фотографии на кои се заглавени дома и изгледаат не баш „стокмени“ за камера, беа споделувани на социјалните мрежи со обвинувања дека страдаат од повлекување од адренохром.

Иако никогаш со докази не е потврдено дека постои некаква пракса да се екстрахира адренохром од деца, сепак наративот не престанува да циркулира на социјалните мрежи.

Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето. Вистината е дека адренохромот е состојка којашто се добива со оксидација на адреналин и не е точно дека деца се киднапирани за да се добие оваа состојка од нивната крв. Во постот се тврди дека војската по наредба на Трамп пронашла деца и работилница за адренохром меѓутоа за ова нема никаква поткрепа, ниту пак, може да се најде таква информација во медиумите. Самиот Трамп се нема пофалено и јавно не говорел на оваа тема.

Поради сите горенаведени податоци, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција