Не е точно дека Украина и ЕУ нема да го одбележат Денот на победата
Денот на победата над фашизмот во Европа се одбележува на 8 мај со свечени церемонии во повеќе европски држави, меѓу кои Франција и Германија. Почнувајќи од 2023 година и Украина официјално го одбележува денот на сеќавањето и победата над нацизмот на 8 мај. Киев ги покани европските лидери со симболичен потег да се спротивстават на церемонијата на Владимир Путин во Москва, со цел да го покажат единството со Украина и одлучноста во очи на најголемата агресија во Европа после Втората светска војна
Денот на победата над фашизмот во Европа се одбележува на 8 мај со свечени церемонии во повеќе европски држави, меѓу кои Франција и Германија. Почнувајќи од 2023 година и Украина официјално го одбележува денот на сеќавањето и победата над нацизмот на 8 мај. Киев ги покани европските лидери со симболичен потег да се спротивстават на церемонијата на Владимир Путин во Москва, со цел да го покажат единството со Украина и одлучноста во очи на најголемата агресија во Европа после Втората светска војна
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Украина и Европската Унија НЕМА да го слават 9 Мај, денот на победата. Прашање: Зошто?
Не е точно дека Украина и ЕУ нема да го слават 9 Мај. Но, нема да го слават во Москва. Исто така е важно дека денот на победата над фашизмот во Европа се одбележува на 8 мај.
Како што пренесува „Гардијан“ денот на победата над фашизмот се одбележува во повеќе европски држави со свечени церемонии. Така во четврток на 8 мај, низ Франција ќе се одржат свечени церемонии на воените споменици во градовите и селата. Во Франција овој ден е државен празник како и секоја година (а исто и во Словачка и Чешка). Се однесува на датумот 8 мај 1945 година, кога беше означен крајот на Втората светска војна во Европа и кога сојузниците ја добија војната, а нацистичка Германија капитулираше. За Европејците денот симболизира ослободување од едно од најмрачните поглавја на 20 век – геноцид, диктатура и масовно уништување. Сеќавањето на овој настан останува темелен столб на европскиот повоен идентитет, испреплетен со лекциите за антифашизам, помирување и мултилатерализам.
Во Париз, претседателот на Франција Емануел Макрон ќе положи венец на споменикот на Шарл де Гол, ќе одржи говор за вредностите што триумфираа во 1945 година. Одбележувањето е најавено со највисоки државни почести и протоколи, воени оркестри од 6 држави, парада, знамиња, воени возила итн.
„Гардијан“ пишува дека во Берлин планирани се на 8 мај, низа комеморации, изложби, сведоштва на сведоци, театарски претстави, јавни дискусии, филмски проекции, концерти.
Новоизбраниот германски канцелар, Фридрих Мерц , ќе присуствува на комеморативна церемонија во црква оштетена од војната во Берлин, на церемонија на положување венци и на централниот јубилеј, парламентарна комеморација во Рајхстагот.
Секој од поранешните нацистички концентрациони логори на германска почва, сега зачувани како спомен-обележја, го одбележа датумот на нивното ослободување од страна на сојузничките трупи со свечени церемонии што ги собраа сè помалите редови на преживеани .
Денот на Европа, кој се одржува на 9 мај секоја година пак, го слави мирот и единството во Европа. Датумот ја одбележува годишнината од „ Шумановата декларација “, историски предлог на Роберт Шуман, француски министер за надворешни работи, во 1950 година, со кој се поставија темелите на европската соработка. Предлогот на Шуман се смета за почеток на она што сега е Европска Унија.
Во Москва на 9 Мај се одбележува Денот на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна. Но, Европската Унија има унифициран став дека европските лидери на тој ден не треба да се приклучуваат на прославата во Москва, туку треба да одат во Киев, за да покажат дипломатска и политичка порака. Ова изминатите месеци од страна на руската пропаганда е злоупотребувано за спинови и манипулации.
Киев ги покани европските лидери со симболичен потег да се спротивстават на церемонијата на Владимир Путин во Москва, со цел „да го покажат единството со Украина и одлучноста во очи на најголемата агресија во Европа после Втората светска војна“. Администрацијата на Володимир Зеленски, како што извести „Киев Индепендент“ се обидува да го оттргне вниманието од московската годишна воена парада којашто доаѓа 3 години откако Русија ја почна својата неиспровоцирана воена инвазија врз Украина. Зеленски истиот ден, според медиумот, планира да ги собере лидерите од Европа за да дискутираат за потенцијални сигурносни гаранции за Украина во случај на примирје со Русија. Украина е нападната и во состојба на војна. Тоа е причината што одбележувањето на денот на победата се одвива скромно. Почнувајќи од 2023 година, Украина официјално го одбележува Денот на сеќавањето и победата над нацизмот на 8 мај , како што прават повеќето европски земји. Соодветниот закон бр. 9278 беше потпишан од претседателот Зеленски и поддржан од 317 народни пратеници.
И во 2025 година, во Украина продолжува правниот режим на воена состојба, што директно влијае на календарот на официјалните празници. Според Законот за организација на работни односи во воена состојба , слободните денови се откажуваат. Во Украина одлуката да се префрли акцентот од 9 мај на 8 мај е дел од отстапувањето од советските наративи. Напуштањето на одбележувањето на Денот на победата, во советски стил, е свесен чекор кон европски модел на сеќавање кој не се фокусира на воен триумф, туку на оддавање почит на жртвите и разбирање на трагедијата.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар