Не е точно дека Украина ќе ја намали возраста за мобилизација на 18 години

Фото: president.gov.ua

Нема никаква официјална најава од страна на Украина дека ќе ја намали границата за мобилизација на 18 години. Ваквите информации ги отфрлил и претседателот Володимир Зеленски. Во април минатата година, Украина ја намали старосната граница за мобилизација на мажи од 27 на 25 години. Вистиномер никаде не успеа да најде официјална информација дека Украина донела одлука да ја намали границата за мобилизација на 18 години, како што тоа се тврди во објавата 

Нема никаква официјална најава од страна на Украина дека ќе ја намали границата за мобилизација на 18 години. Ваквите информации ги отфрлил и претседателот Володимир Зеленски. Во април минатата година, Украина ја намали старосната граница за мобилизација на мажи од 27 на 25 години. Вистиномер никаде не успеа да најде официјална информација дека Украина донела одлука да ја намали границата за мобилизација на 18 години, како што тоа се тврди во објавата 

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

Украина ќе ја намали возраста за воена регрутација на 18 години. Сега, кога сите мажи за жал умреа, време е нарачателите да ги жртвуваат момчињата.

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират разно-разни дезинформации во врска со мобилизацијата во Украина. Таквите дезинформации Вистиномер веќе ги има дебанкирано.

Објавата што ја анализираме, очигледно е дека ги меша поимите воена регрутација и мобилизација. Во објавата се спомнува дека Украина ќе ја намали возраста за воена регрутација на 18 години, но нагласувајќи дека сега кога сите мажи умреа, време е да се жртвуваат момчиња, очигледно мисли на мобилизација, односно испраќање војници на воениот фронт.

Мобилизација претставува чин на собирање резервни сили за активна должност во време на војна или национална вонредна состојба. Регрутирањето , пак, се однесува на активноста на привлекување луѓе и нивно избирање за воена обука и вработување и тоа се случува и кога земјата не е во состојба на војна.

Така на пример, кога имаше повик за регрутација (регистрација) на жените во војската, се ширеа дезинформации дека Украина ќе испраќа жени на фронтот, односно ќе мобилизира жени. Но, како што објаснија украинските вооружени сили, тоа не е мобилизација, туку чекор за сумирање на податоците за резервата на медицинските работници. Ова се однесува на лекари, медицински сестри, акушерки, стоматолози и фармацевти.

Шпекулациите и дезинформациите дека Украина ќе мобилизира војници на 18 години особено се засилија кон крајот на 2024 година, откако во медиумите се појави информација дека САД ја повикале Украина да ја намали возраста за воена служба на 18 години.

Ваквата информација дојде од „висок претставник на американската администрација“.

Украина треба да размисли за намалување на возраста за воена служба за своите војници од 25 на 18 години, изјави во средата висок претставник на американската администрација, вршејќи притисок врз Киев да ги зајакне своите борбени сили во војната со Русија, објави Ројтерс притоа не откривајќи го името на „високиот претставник на американската администрација“.

Потребата во моментов е побројна сила, го цитира Гласот на Америка истиот американски функционер.

Како што пренесува  Њуз Украина РБЦ, на ваквите изјави реагирал украинскиот претседател Володимир Зеленски.

На 19 ноември, за време на презентацијата на планот за отпорност во Врховната Рада, тој повторно рече дека никој нема да ја намали возраста за мобилизација. Сепак, на оние помлади од 25 години ќе им бидат понудени мотивациски пакети доколку потпишат договор со Министерството за одбрана, пренесе украинскиот медиум.

На 10 декември, Соединетите Држави отворено изјавија дека се подготвени да ги опремат новодојдените војници доколку Киев ги мобилизира. Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер изјави за време на брифинг со новинарите дека ако Украина обезбеди дополнителни сили за борба, САД и нивните сојузници ќе бидат подготвени да ги опремат и обучат тие сили. Украинската страна продолжи да возвраќа. Зеленски рече дека Киев нема да го компензира недостатокот на оружје со младоста на војниците, пренесува РБЦ Украина.

Вистиномер никаде не успеа да најде официјална информација дека Украина донела одлука да ја намали границата за мобилизација на 18 години, како што тоа се обидува да го наметне објавата што ја анализираме.

Претходно, како што веќе имаме пишувано, се ширеа дезинформации и дека Украина регрутира деца, односно лица под 18 години. Но, регрутирањето деца во вооружените сили е спротивно на законот во Украина.

Во април минатата година, Украина ја намали старосната граница за мобилизација на мажи од 27 на 25 години, промена што се очекуваше да додаде 50.000 војници, многу помалку од она што украинскиот претседател Володимир Зеленски тогаш рече дека е потребно.

Тогашниот министер за одбрана на Украина, Олексеј Резников го оправдал намалувањето на возраста за воен рок со потребата да се надополни резервата за мобилизација. Претходно, максималната возраст за регрутирање беше 27 години.

Откако законот беше изменет, мажите на возраст од 25 до 60 години, дури и без искуство во воениот рок, можат да бидат мобилизирани во време на војна. Предлог-законот го прошири опсегот на лица кои би можеле да се мобилизираат со регрути на возраст од 25 и 26 години, кои претходно не биле предмет на мобилизација, пишува во текст на Визит Украина.

Нема никаква официјална најава од страна на Украина дека ќе ја намали границата за мобилизација на 18 години. Ваквите информации ги отфрлил и претседателот Володимир Зеленски. Во април минатата година Украина ја намали старосната граница за мобилизација на мажи од 27 на 25 години. Вистиномер никаде не успеа да најде официјална информација дека Украина донела одлука да ја намали границата за мобилизација на 18 години, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција