Не е точно дека Украина нема своја нација, како што тврди руската пропаганда

Фото:Government of Ukraine, Public domain, via Wikimedia Commons

Пропагандата е насочена кон тоа дека поради тоа што делови од модерна Украина некогаш биле во Руското царство или во Советскиот Сојуз, тоа значело дека „Украина секогаш била руска“. Но ова го игнорира фактот дека Украина и Украинците постоеле во форма на различни региони, народи и култури со векови, со свој сопствен јазик, традиции и политички движења, а дека контролата од Русија во минатото доаѓала преку освојување. Да се негира постоењето на посебни украински јазик, култура, или историја е со цел да се делегитимира Украина како „вистинска“ нација.

Пропагандата е насочена кон тоа дека поради тоа што делови од модерна Украина некогаш биле во Руското Царство или во Советскиот Сојуз, тоа значело дека „Украина секогаш била руска“. Но ова го игнорира фактот дека Украина и Украинците постоеле во форма на различни региони, народи и култури со векови, со свој сопствен јазик, традиции и политички движења, а дека контролата од Русија во минатото доаѓала преку освојување. Да се негира постоењето на посебни украински јазик, култура, или историја е со цел да се делегитимира Украина како „вистинска“ нација

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

И што е овде украинско? Киев е седиштето на првата руска држава, плус го има откупено од Пољаците покасно. Катерина Велика ја создаде Одеса. Козаците, слободните луѓе се Руси граничари, Краишници, кои создадоа Запорошка република која по нивна молба потоа е споена во матичната руска граница, како покраина (Украина). На север од Румунија и ден денес живеат Црноруси… Која е таа Украина? Самиот назив покажува на немање на нација! Украина=покраина=Краина=гранична област!!!

Негирањето на украинската нација и држава е еден од клучните стратешки наративи на руската пропаганда. Уште во 2009 година Владимир Путин, тогашен премиер на Русија, тврдеше дека односите меѓу големата Русија и „малата Русија“ (мислејќи на Украина) секогаш биле „ексклузивно руска работа“.

На ваков начин се прави обид да се анулира украинскиот идентитет и да се поврзе украинската историја со руската. Овој наратив на Путин за „Мала Русија“ е согледан во објавата што ја рецензираме – реконцептуализиран како „Украина – покраина и територија подредена на Русија“.

 

Рускиот пропаганден наратив

Но, Украина не е покраина на Русија. Ова е добро познат пропаганден наратив на Русија според кој Украина е „покраина“ на Русија и зборот покраина (okraina) наводно е причината поради која Украина го добила името. Одговорот од историчарите обезбедува детална анализа на топонимот Украина и неговата поврзаност со зборовите  krai (граница) и kraina (држава, земја). Понатаму, овој збор е користен уште во 12 век. Примарното значење на зборот Украина е поблиско до зборот земја отколку до покраина, како што е наведено во книгата „Ревизија на историјата: Руската историска пропаганда и Украина“ што ја издадоа во 2024 Интерњуз Украина и Украина Ворлд.

Доктор Бјорн Александер Дубен вели дека не е историски точно да се тврди дека Украина никогаш не била нација или држава со свои сопствени права. Поголемиот дел од Украина во сегашните граници формално бил воден од полско-литванско благородништво пред 18-тиот век, но овие територии биле претежно населени од православни Источни Словени кои почнале да формираат полуавтономни војски од селани-воини – Козаците. Според Дубен, поголемиот дел од нив чувствувале културолошки афинитет за Московска Русија, но немале особена желба да бидат дел од Московска држава. Од 16 до 18 век Козаците на територијата на денешна Украина почнале да формираат свои сопствени, де факто мали државички – Запорошкиот Сич и подоцна Козачкиот Хетманат. Тие имаа големо востание против полските владетели во 1648. Шест години подоцна царството Русија, кое се проширувало, потпиша договор за алијанса со Запорошките Козаци. И покрај ова привремено свртување кон Москва, Козаците истражувале и други опции: Во договорот од Хадијах со Полска во 1658 година, тие биле на работ да станат полноправна конститутивна членка на Полско-литванскиот Комонвелт. Доколку овој договор беше успешно спроведен, веројатно цврсто ќе ја врзеше квази-државата на Козаците со нејзините западни соседи во догледна иднина. Запорошките Козаци се носители на демократските традиции и самовладеење, а руската империја се обидела да ги уништи со ликвидација на Запорошкиот Сич во 1775 за да ја засили контролата врз украинската земја.

Сепак, договорот не успеа, а Козаците останаа поделени во својата лојалност. Внатрешните несогласувања околу тоа дали да бидат на страната на Полска или на Русија придонеле за серија граѓански војни меѓу нив кон крајот на 17 век.

Козачката државичка на источните територии постепено се претворила во руска вазална држава, но нејзиниот однос со Русија бил исполнет со конфликти. Спорадичните козачки востанија сега биле насочени против царевите. На пример, во 1708 година, водачот на Козаците Иван Мазепа се здружил со Шведска и се борел против Русија во Големата северна војна. Во 1775 година, Запорошкиот Сич бил срамнет со земја од страна на руските сили, а козачките институции за самоуправа биле ликвидирани. По конечните поделби на Полска во 1790-тите, Руската Империја го припоила остатокот од денешна Украина (освен нејзиниот краен запад, кој бил анектиран од Австрија).

Териториите на Украина останааа дел од руската држава наредните 120 години. Руските империјалистички власти систематски го прогонуваа изразот на украинска култура и правеа постојани обиди да го поттиснат украинскиот јазик. Без разлика на тоа, украинската национална свест се пројави и консолидираше во 19 век, особено меѓу елитите и интелигенцијата која правеше различни напори дополнително да го култивира украинскиот јазик. Кога Руската империја колабираше по револуциите во 1917, Украинците прогласија своја држава.

 

Украина во советската ера

После неколку години војни и независност, Украина уште еднаш беше поделена меѓу Советскиот Сојуз и Полска. Од раните 1930, украинските национални сентименти ригорозно беа поттиснувани во Советските делови на Украина, но тие останаа живи и се засилија во текот на гладоморот – големиот глад (холодомор на украински јазик), резултат на земјоделските политики на Сталин во 1932-1933, кои убија меѓу 3 и 5 милиони Украинци. Вооружени револуции против советското владеење се одвиваа за време и по Втората светска војна во западните региони на Украина, анектирани од територијата Полска со нејзина поделба меѓу Советскиот Сојуз и нацистичка Германија во 1939. Дури со распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година Украина доби долготрајна сопствена независност.

Пропагандата е насочена кон тоа дека поради тоа што делови од модерна Украина некогаш биле во Руското Царство или во Советскиот Сојуз, тоа значело дека „Украина секогаш била руска“. Но ова го игнорира фактот дека Украина и Украинците постоеле во форма на различни региони, луѓе и култури со векови, со свој сопствен јазик, традиции и политички движења а дека контролата на Русија во минатото доаѓала со освојување. Да се негира постоењето на посебни украински јазик, култура, или историја е со цел да се делегитимира Украина како „вистинска“ нација.

Со портретирањето на Украина како „природен“ дел од Русија, Кремљ ја портретира воената инвазија како „обединување“ наместо како агресија. Оваа пропаганда често се огидува да ја делегитимира и украинската влада како „марионета на Западот“ на „руската земја“. Украина е признаена од Обединетите Нации и речиси секоја земја во светот, како независна држава со меѓународно признаени граници. Историските врски или поранешните царства, не ја бришат самостојноста и постоењето. Украинската историја датира над 1000 години наназад до Киевска Русија (9-13 век), средновековна држава што постоела пред да биде формирана Москва. Различни територии на Украина биле под водство на Литванија, Полска, Отоманското царство и Австро-Унгарија, не само под Русија. Со текот на времето Украинците развиле посебна култура под различни раководства (Литванија, Полска, Австро-Унгарија, Отоманско царство, Русија) што го зацврсти нивниот различен идентитет.

Да се биде под контрола на царство не значи долготрајно припаѓање. И Финска беше дел од Руската Империја, па никој денеска не ја нарекува „руска“.

Украинскиот јазик е различен источнословенски јазик со уникатна граматика, вокабулар и гласовен систем, поблизок до белорускиот и полскиот во некои делови. Украина има различна литература, традиции и идентитет препознаен со векови. Меѓународното право не признава „историски тврдења“ како основа за анектирање територии. Крим беше признаен како дел на Украина од самата Русија во договорите меѓу 1991-1994.

Нација се дефинира со заедничка култура, јазик, историја и чувство за припадност. Украина ги исполнува сите овие критериуми и нејзиниот суверенитет е меѓународно признаен. Тврдењето дека Украина нема нација е невистинито и името Украина не наведува на таков заклучок наспроти пропагандните наративи.

 

Историски извртувања

Точно е дека кралицата Катерина Велика, која владела со Русија од 1762 до 1796, ја оформила Одеса како стратешки град за империјалистичка Русија (подоцна и Советскиот Сојуз), но откако Украина стана независна во 1991 пристанишниот град Одеса е многу важен дел од економијата на Украина и постојано беше напаѓан за време на руската воена агресија врз Украина. Споменикот на Катерина Велика беше демонтиран во акцијата за дерусификација, во која влезе и преименувањето на улиците. Тоа не покажува дека Украина не е држава и нема нација.

Иако Руската Империја го забранувала украинскиот јазик со укази и декрети во обид да го уништи украинскиот идентитет, тоа не се случи. Наративот дека „Катерина Велика ја формирала Одеса“ е селективна историја за да се сугерира дека руската империјалистичка експанзија ја прави модерна Одеса „руска“.

Местото Одеса било населувано илјадници години, што е докажано со археолошки пронајдоци на грчки колонии уште од 6 век п.н.е. Пред руското анектирање, местото било познато како Каџибеј, дел од Отоманската Империја населено главно од Грци, Евреи итн. Во 1794 откако Русија ја победи Отоманската Империја, Катерина Велика нареди новиот град да биде изграден на пристаниште – не креирала град од ништо туку го заменила стариот со ново владеење. Од 19 век Одеса е дом на Италијанци, Молдавци, Украинци, Руси, Грци, Евреи… Градот е оформен со меѓународна трговија и миграција, а не со тоа што е руска етничка тврдина.

Украинскиот јазик и култура секогаш постоеле во регионот покрај другите јазици и култури. Многу модерни градови се изградени во времето на империи, но тоа не го диктира нивното моментално национално припаѓање. На пример, Виена едно време беше Римска, Истанбул грчки итн. Со други зборови, историската империјалистичка контрола не го поткопува правото на современите популации да се самоидентификуваат!

Не е точно дека Козаците биле само Руси, туку биле различни автономни воени заедници кои опстојувале на териториите на модерна Украина и јужна Русија помеѓу 15 и 17 век. Во нив влегувале луѓе што пребегале од други области, авантуристи и бегалци со различно потекло – Украинци, Руси, Полјаци, Татари и др. Зборот „козак“ потекнува од турскиот збор што значи слободен човек, авантурист. Со текот на времето Руската Империја инкорпорирала дел од украинските Козаци во војската, но тие сепак се чувствувале различни од Русите и често пати се бореле против централната власт во Москва.

И на крај, да се вратиме во денешнината. На пописот во 2001 година 77,8 отсто од жителите на Украина се изјасниле како Украинци, а 17,3 отсто како Руси. Новите истражувања, откако започнаа воените дејствија на Русија во Украина после 2014 година покажуваат дека 92 отсто во 2017 година се изјасниле како етнички Украинци, додека таа бројка во 2015 изнесувала 86 отсто. Се разбира, овие понови истражувања не ги опфаќаат окупираните територии на истокот на земјата, каде што, всушност, живеат најголемиот број лица кои се чувствуваат како Руси, па можеби и тоа е причина за повисоките проценти од оние на пописот. Но, како и да е, овие бројки јасно покажуваат дека украинската нација постои и дека огромен број од жителите на Украина се чувствуваат како етнички Украинци.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција