Не е точно дека УВ-зрачењето „не е штетно“
УВ-зрачењето е познат канцероген фактор. Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која е дел од СЗО, ја класифицира соларната радијација како канцерогена за луѓето.
УВ-зрачењето е познат канцероген фактор. Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која е дел од СЗО, ја класифицира соларната радијација како канцерогена за луѓето. Голем број епидемиолошки и експериментални истражувања ја поврзуваат изложеноста на УВ-зрачење со рак на кожата, вклучително и меланом и немеланомски карциноми на кожата. Тоа е директно спротивно на децидното тврдење во објавата дека „УВ-зрачењето не е штетно“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Ув зрачењето не е штетно тоа го потикнува витаминот д кој е клучен за подигањето на имунитетот.
Точно е дека одреден тип УВ зрачење, особено УВ-б зрачењето, учествува во создавањето витамин Д во кожата. Но, од тоа не следува дека УВ-зрачењето е безопасно или дека намерното изложување на УВ-зрачење е неопходен или најбезбеден начин за одржување на витамин Д. Светската здравствена организација (СЗО) експлицитно наведува дека малите количини УВ-зрачење имаат корисна улога во создавањето витамин Д, но дека прекумерната изложеност предизвикува штетни последици за кожата, очите и имунолошкиот систем.
Националниот институт за здравје на САД (NIH) објаснува дека UVB-зрачењето во кожата го претвора 7-дехидрохолестеролот во претходник на витамин Д3. На количината што се создава влијаат сезоната, времето од денот, облачноста, пигментацијата на кожата, возраста и други фактори. Значи, првиот дел од тврдењето има научна основа, но вториот „дека поради тоа УВ-зрачењето не е штетно“, е погрешен заклучок.
УВ-зрачењето е познат канцероген фактор. Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која е дел од СЗО, ја класифицира соларната радијација како канцерогена за луѓето. Голем број епидемиолошки и експериментални истражувања ја поврзуваат изложеноста на УВ-зрачење со рак на кожата, вклучително и меланом и немеланомски карциноми на кожата. Тоа е директно спротивно на децидното тврдење дека „УВ-зрачењето не е штетно“.
Карциномите на кожата првенствено се предизвикани од изложеност на ултравиолетово зрачење, било од сонцето или од вештачки извори, како што се солариумите. На глобално ниво, во 2020 година биле дијагностицирани над 1,5 милиони случаи на карцином на кожа и биле пријавени над 120.000 смртни случаи поврзани со ова заболување. Се проценува дека во светот 15 милиони луѓе се слепи поради катаракта; од нив, околу 10% можеби се слепи како последица на изложеност на ултравиолетово зрачење. Прекумерната изложеност на сонце кај децата и адолесцентите придонесува за појава на карцином на кожа подоцна во животот. Одредено ниво на изложеност на УВ-зрачење е корисно за здравјето, особено за создавањето на витамин Д. Постојат едноставни и ефикасни мерки за превенција. Заштитата од сонце се препорачува кога ултравиолетовиот индекс изнесува 3 или повеќе, пишува на сајтот на СЗО.
УВ-зрачењето може да има штетно влијание и врз очите. Продолжената изложеност е поврзана со катаракта и други оштетувања на очите, додека акутната изложеност може да предизвика фотокератитис и фотоконјунктивитис. Затоа, аргументот „УВ-зрачењето е добро затоа што создава витамин Д“ ги игнорира другите органи и ткива кои можат да бидат оштетени од истата изложеност.
Витаминот Д навистина има важни функции во нормалното функционирање на имунолошкиот систем. Но тоа не е исто што и тврдењето дека сончањето или УВ-зрачењето едноставно го „зајакнува имунитетот“. Напротив, СЗО наведува дека УВ-зрачењето може да предизвика имуносупресија (промени во имунолошкиот одговор кои можат да ја намалат способноста на организмот да се брани од одредени заболувања).
Американската академија за дерматологија не препорачува добивање витамин Д преку изложување на сонце или солариуми, токму поради ризикот од рак на кожата. Наместо тоа, препорачува адекватниот внес на витамин Д да се обезбеди преку исхрана и/или соодветно збогатена храна и, кога е потребно, суплементација.
УВБ-зрачењето е потребно за природната синтеза на витамин Д во кожата, а витаминот Д има важни функции, вклучително и во имунолошкиот систем. Но УВ-зрачењето не е безопасно зашто прекумерната изложеност го оштетува ДНК, го зголемува ризикот од рак на кожата, може да ги оштети очите и има имуносупресивни ефекти. Затоа придобивката од создавањето витамин Д не е аргумент дека УВ-зрачењето е безопасно или дека намерното изложување на сонце е најдобар начин за „зајакнување на имунитетот“, како што се тврди во објавата.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар