Не е точно дека вакцинираните против ковид се „предаватели на 5Г мрежата“

Илустрација: World Health Organization, CC BY-SA 3.0 IGO, CC BY-SA 3.0 IGO, via Wikimedia Commons

5Г е технологија за безжична комуникација меѓу уреди и базни станици. За човек да биде „предавател“, би бил потребен соодветен електронски систем со антена и извор на енергија. Вакцината не поседува таков систем

5Г е технологија за безжична комуникација меѓу уреди и базни станици. За човек да биде „предавател“, би бил потребен соодветен електронски систем со антена и извор на енергија. Вакцината не поседува таков систем

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео во кое лицето на снимката вели:

Дали знаете дека сите што сме вакцинирани од коронавирус, сега сме предаватели на 5Г мрежата? Тоа го знаете ли? 

Не е точно наведеното дека сите вакцинирани против ковид-19 се предаватели на 5Г мрежата. 5Г мрежата и вакцинацијата немаат никаква корелација. Нема научен или технички доказ дека вакцините можат да претворат човек во 5Г- предавател. Во вакцините нема 5Г предаватели, микрочипови или електронски компоненти. Центарот за контрола и превенција на болести на САД наведува дека ковид-19 вакцините не содржат микрочипови, микроелектроника, електроди, јаглеродни наноцевки или полупроводници со наножици. Исто така, вакцините не содржат метали што би можеле да создадат електромагнетно поле.

Кај мРНК вакцините се користат липидни наночестички. Тие се микроскопски честички од липиди (масти) чија функција е да ја заштитат и пренесат мРНК до клетките. Не се електронски уреди и немаат антена, батерија, процесор или способност за комуникација со 5Г мрежа. Оваа конкретна заблуда е проверена и од проверувачите на факти на „Политифакт“.

5Г е технологија за безжична комуникација меѓу уреди и базни станици. За човек да биде „предавател“, би бил потребен соодветен електронски систем со антена и извор на енергија. Вакцината не поседува таков систем.

Европската комисија експлицитно наведува дека 5Г не може да комуницира со вирус и дека поврзувањето на ковид-19 со 5Г е теорија на заговор без научна основа.

Самата 5Г-технологија не може да „активира“ вакцина. За да се случи такво нешто, вакцината би морала да содржи приемник односно антена, електронско коло и извор на енергија способен да прима и обработува сигнал. Ништо од тоа не се наоѓа во составот на вакцините. Агенцијата за храна и лекови на САД исто така наведува дека ковид-19 не може да патува преку радиобранови или мобилни мрежи.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Асошиејтед прес“,  не е точно дека мРНК вакцината против ковид-19, содржи „програмирачка нанотехнологија која може да стапи во интеракција со 5Г комуникациската технологија“.

Што се однесува до идејата дека природно наелектризираните липидни наночестички се некако „способни за програмирање“ за да стапуваат во интеракција со безжичните 5Г-мрежи,  тоа е погрешно сфаќање. „Способно за програмирање“ нема исто значење како што можеби има во ИТ-секторот“. Не постои никаков начин овие повторувам, сосема нормални хемиски полнежи да имаат каква било врска со контролирање преку надворешни сигнали, како што е 5Г, вели Стенли Перлман, професор по микробиологија и имунологија на Универзитетот во Ајова, во Ајова Сити за „Асошиејтед прес“.

Од Агенцијата за храна и лекови на САД за „Асошиејтед прес“ изјавија дека во ниту една вакцина, вклучително и во вакцините против ковид-19 нема микрочипови, а липидните наночестички во вакцините не можат да стапат во интеракција со 5Г технологијата.

Тврдењата за микроскопски елементи кои се составуваат во телото на вакцинираните, експерти по имунологија ги нарекуваат чиста фантазија и бесмислица.

Професорот на Универзитетот Квинсленд, Кит Чапел вели дека тврдењето за нанотехнологија во вакцините е смешно.

мРНК вакцините содржат наночестички ама тие се состојат од липиди и молекули на холестерол. Овие се слични на микроскопски точки од масти коишто ја носат вакцината во клетките. Ова дефинитивно не се електронски компоненти и ова нема смисла на ниедно ниво, изјави тој.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција