Не е точно дека вакцините предизвикуваат „трајни последици по мозокот и здравјето“
Пред да бидат одобрени, се тестираат во клинички испитувања, а нивната безбедност продолжува да се следи и по пуштањето во употреба што е покажано и во случајот со бесеже вакцината на бугарскиот производител. Инаку, Комисија за имунизација соопшти дека вакцинацијата со бесеже само превентивно се одложува, а не се прекинува трајно, како што тврди објавата
Тврдењето дека „детето не смее да се боцка со ништо“ затоа што вакцините предизвикуваат трајни последици по мозокот и здравјето е неточно и создава неоправдан страв кај родителите. Вакцините се меѓу најиспитуваните достигнувања на современата медицина. Пред да бидат одобрени, се тестираат во клинички испитувања, а нивната безбедност продолжува да се следи и по пуштањето во употреба што е покажано и во случајот со бесеже вакцината на бугарскиот производител. Инаку, Комисија за имунизација соопшти дека вакцинацијата со бесеже само превентивно се одложува, а не се прекинува трајно, како што тврди објавата
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Добро утро на сите. Одиме малку со нови информации. Интернетот и ФБ е полн со глупости. Не гледајте reels, опасни се. Една добра работа се случи, а тоа е прекид со вакцинирање на бебиња со бсж вакцина и во Македонија. Одбивајте секакви вакцини по секоја цена. Детето не смеете да го буцкате со ништо. Трајни се последиците по мозокот и здравјето. Одиме со нови инфо.
Фармаковигиланцата, поточно системите на набљудување на пријавите поврзани со одреден лек односно медицинско средство, служат токму за да се испита нешто што се нарекува безбедносен сигнал.
Случајот со Хрватска, каде хрватската Агенција за медицински средства (ХАЛМЕД) времено ја суспендираше вакцинацијата со бесеже вакцината на бугарскиот производител „Бул Био“, е поради тоа што во 2026 година биле пријавени 4 случаи на инфекција на коските (остеомиолит) кај деца што ја примиле вакцината. Овој поголем број на пријави (4) е земен предвид од страна на ХАЛМЕД и е направено стопирање на вакцинацијата до завршување на истрагата. Самото тоа покажува дека вакцините се следат постојано и на секој безбедносен сигнал се реагира. Суспензијата во Хрватска и одложувањето на вакцинацијата со бесеже се спроведува како превентивна мерка. Од друга страна Министерството за здравство на Бугарија има свое објаснување и тврди дека во два од четирите пријавени случаи во Хрватска, била дадена доза 10 пати поголема од пропишаната.
Тврдењето дека „детето не смее да се боцка со ништо“ затоа што вакцините предизвикуваат трајни последици по мозокот и здравјето, е неточно и создава неоправдан страв кај родителите. Вакцините се меѓу најиспитуваните достигнувања на современата медицина. Пред да бидат одобрени, се тестираат во клинички испитувања, а нивната безбедност продолжува да се следи и по пуштањето во употреба што е покажано и во случајот со бесеже вакцината на бугарскиот производител. Како и секој лек, вакцините може да имаат несакани реакции, но најчестите се благи и краткотрајни, како болка или црвенило на местото на апликација, покачена температура и замор.
Постојат конкретни вакцини кај кои енцефалитисот е препознаен како исклучително редок можен несакан настан. На пример, Европската агенција за лекови во 2025 година ја разгледувала познатата можност за енцефалитис по вакцините против варичела и препорачала дополнување на информациите за производот. Вакцините останале одобрени, токму затоа што ризикот е многу редок и односот корист-ризик останува поволен.
И самата Комисија за имунизација соопшти дека вакцинацијата со бесеже само превентивно се одложува, а не се прекинува трајно.
Потенцираме дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза. Во моментот, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза од кои 83 се од годинава, а во Детската болница Козле во 2025 се евидентирани 15 случаи, а во 2026 се евидентирани 12 нови случаи, наведоа оттаму.
Понатаму, од Комисијата за имунизација на Северна Македонија потенцираа дека изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од бесеже вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината.
Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме дека „детето не треба да се боцка со ништо“ особено е важно да се разликуваат ретките сериозни несакани реакции од тврдењето дека вакцините генерално предизвикуваат трајно оштетување на мозокот. За таква општа причинско-последична врска нема научен доказ. Големи епидемиолошки истражувања и континуираниот систем на надзор на безбедноста на вакцините не покажуваат дека рутинската вакцинација кај децата предизвикува трајно оштетување на мозокот.
Напротив, невакцинирањето го остава детето незаштитено од заразни болести кои самите можат да предизвикаат тешки компликации, вклучително и воспаление на мозокот, трајни невролошки оштетувања, инвалидитет или смрт. Кај некои инфекции ризикот од сериозна компликација е значително поголем од ризикот од сериозна реакција на вакцината.
Важно е и дека не сите здравствени проблеми што се појавуваат по вакцинацијата се нужно предизвикани од вакцината. Временската поврзаност не е доказ за причинско-последична врска. Токму затоа безбедноста се проценува преку големи студии и системи за фармаковигиланца, а не преку поединечни случаи или сведоштва на социјалните мрежи.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Нема научна основа за генералното тврдење дека детските вакцини предизвикуваат трајно оштетување на мозокот. Вакцинацијата носи можност за несакани реакции, но сериозните реакции се ретки, додека заштитата од потенцијално опасни заразни болести е добро документирана.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар