Не е точно дека вакцините против грип се измама
Тврдењето дека вакцините против грип се измама, не е поткрепено со никакви медицински факти и докази. Вака изнесена објавата предизвикува опасност по јавното здравје.
За сезоната 2023-2024 во САД, Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) процени дека вакцинацијата против грип спречила околу 7.900 смртни случаи од грип. За Европската Унија, модел-истражување објавено во списанието BMC Public Health проценува дека сезонската вакцинација против грип секоја година спречува во просек помеѓу 25.200 и 37.200 смртни случаи
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Вакцините против грип се измама и докторите кои ги промовираат се измамници.
Тврдењето дека вакцините против грип се измама, не е поткрепено со никакви медицински факти и докази. Вака изнесена објавата предизвикува опасност по јавното здравје.
Наспроти тоа, фактите говорат дека вакцините за грип спасуваат илјадници животи.
Грипот (инфлуенца) е потенцијално сериозна болест која може да доведе до хоспитализација, а понекогаш дури и до смрт.
Компликациите од грип може да вклучуваат бактериска пневмонија, инфекции на увото, инфекции на синусите и влошување на хронични медицински состојби, како што се конгестивна срцева слабост, астма или дијабетес. Годишната вакцина против сезонски грип е најдобриот начин да се намали ризикот од добивање грип и која било од неговите потенцијално сериозни компликации.
Вакцинацијата има многу придобивки, вклучително и намалување на ризикот од грип, хоспитализација, па дури и ризик од смрт поврзана со грип. Додека некои луѓе кои добиваат вакцина против грип сè уште може да се разболат од грип, но неколку студии покажаа дека вакцинацијата против грип ја намалува сериозноста на болеста.
Вакцините против грип предизвикуваат развој на антитела во телото околу две недели по вакцинацијата. Овие антитела обезбедуваат заштита од грип.
Вакцините за сезонски грип се дизајнирани да заштитат од вирусите на грип за кои истражувањата покажуваат дека ќе бидат најчести во текот на претстојната сезона.
Некои помали несакани ефекти што може да се појават при вакцинација против грип се: болка, црвенило и/или оток на местото каде што е примена вакцината, главоболка, треска, болки во мускулите, гадење и замор.
Според Светската здравствена организација (СЗО), вакцинацијата е најефективниот начин за спречување на инфекција и тешки исходи предизвикани од вируси на грип.
Развојот и производството на вакцини против грип, планирањето на нивните набавки и употреба, како и обезбедувањето на други соодветни ресурси за здравствена заштита се суштински компоненти на сеопфатен одговор на сезонски и пандемски грип.
Ризиците од несакан настан по вакцинацијата против грип се многу поретки отколку компликациите поврзани со самиот грип, а несаканите настани се генерално локализирани и благи, велат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
Несаканите реакции се почести кај децата кои претходно не биле изложени на вакцина или вирус отколку кај возрасните. Придобивките од вакцинацијата значително ги надминуваат ризиците.
За сезоната 2023-2024 во САД, Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) процени дека вакцинацијата против грип спречила околу 7.900 смртни случаи од грип.
За Европската Унија, модел-истражување објавено во списанието BMC Public Health проценува дека сезонската вакцинација против грип секоја година спречува во просек помеѓу 25.200 и 37.200 смртни случаи.
Вакцинацијата против сезонскиот грип во нашата држава е незадолжителна, односно по желба на граѓанинот. Вакцинација против сезонски грип е бесплатна за стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
Тврдењето во објавата што ја анализираме, дека вакцините против грип се измама, освен што е субјективно, базирано на немедицински пристап и без никакви докази, претставува опасност и е штетно за јавното здравје.
Поради сето погоре, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар