Не е точно дека „вакцините против грип слабо се трошат“ ниту пак дека се „удар по децата“
Вакцината против грип секоја година е вакцината која ја ужива највисоката доверба од македонските граѓани. Вакцините против грип исклучително добро „се трошат“ – во целост и тоа од ризични групи граѓани меѓу кои се и децата. Вакцините против грип не се удар по децата, годишно се даваат на милиони деца и ги штитат од компликации, пневмонија или сериозни последици.
Вакцината против грип секоја година е вакцината која ја ужива највисоката доверба од македонските граѓани. Вакцините против грип исклучително добро „се трошат“ – во целост и тоа од ризични групи граѓани меѓу кои се и децата. Вакцините против грип не се удар по децата, годишно се даваат на милиони деца и ги штитат од компликации, пневмонија или сериозни последици
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео материјал и пишува:
Слабо им се трошат, па удри по децата!! Родители, дали се согласувате со „докторкава“ нашите деца да бидат боцкани со уште ваксајна, овој пат за грип, „786-та“ по ред во редовниот календар за вакцинација на деца?
Не е точно дека вакцините против грип „слабо се трошат“ и дека се „удар по децата“. Вакцините против грип во Северна Македонија се едни од најдобро прифатените вакцини со највисока доверба. Впрочем, тие не се задолжителни но Министерството за здравство ги набавува за ризичните групи граѓани (хронично болни, постари лица над 65 години, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години и здравствени работници). Секоја година откако Министерството за здравство ќе ги набави дозите вакцини, овие групи граѓани се пријавуваат доброволно преку апликација за пријавување и потоа се повикувани во пунктовите за имунизација за да ја примат вакцината против грип.
Треба да се нотира дека Министерството за здравство секоја година набавува повеќе вакцини против грип за ризичните групи граѓани и секоја година сите се аплицирани затоа што граѓаните доброволно и самостојно се пријавуваат за нив. За сезоната 2024/2025 година за бесплатна вакцинација на ризичните групи, Министерството за здравство обезбеди четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction). Дополнителни 2.600 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи. Овие вакцини можат да се добијат за одреден финансиски надомест, а вакцинацијата се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици без претходно закажување.
Во 2024 година, рекорден број лица се пријавиле за бесплатна вакцинација и се вакцинирале против сезонски грип, покажуваат податоците на Управата за електронско здравсто, соопшти на прес-конференција, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски. Имено, преку апликацијата vakcinacija.mk, биле пријавени 75.712 лица и биле вакцинирани 66. 674 граѓани.
Ова е рекорден број пријавени и вакцинирани лица кои сакаат да се заштитат од посериозни компликации од сезонскиот грип. Статистиката покажува дека, од вкупниот број вакцинирани, речиси 42 илјади се лица над 65 години, 21 784 се лица со хронични заболувања, 2 334 здравствени работници, како и 29 деца на возраст од 6 месеци до 5 години и 24 бремени жени, појасни Андовски.
Така што, не само што не е вистина дека вакцините против грип во С.Македонија не се трошат – туку напротив, се бара вакцина повеќе и се обезбедуваат дури и комерцијални вакцини што тие што не спаѓаат во овие ризични групи самите си ги плаќаат. Дури и овие вакцини се трошат добро затоа што граѓаните знаат дека цената на вакцината од околу 900 денари е вредна за да го заштитат своето здравје или доколку не успеале да влезат во онаа бројка граѓани што ја примаат вакцината бесплатно.
Вакцината ја намалува можноста за стекнување на грип, ја ублажува клиничката слика и спречува компликации или смртен исход, особено кај ризичните групи. Според Институтот за јавно здравје вакцината е најефикасниот начин за превенција на грипот. Причините поради кои треба да го вакцинирате детето против грип е тоа што вакцината ќе помогне тоа да биде заштитено од сериозни компликации како бронхитис и пневмонија. Со вакцинирањето на вашето дете, според Институтот за јавно здравје, ќе помогнете да ги заштитите бабите и дедовците, почувствителните членови на семејството и пријателите кои не можат да се вакцинираат. Вакцината е безбедна и секоја година се дава на милиони деца во светот. На следниот линк може да го погледнете календарот за задолжителна имунизација. Во него има далеку помалку вакцини од наведеното во објавата што ја рецензираме „786“. Вакцините не се „удар по децата“ како што невистинито се тврди во објавата туку претставуваат единствената превентивна мерка која е достапна за болести за кои не постои познат лек.
Освен тоа, вакцинацијата против бактериски инфекции служи како средство за намалување на зависноста од антибиотици и за ублажување на појавата на антибактериска резистенција. Покрај тоа, со вакцинацијата, превенцијата на акутни инфекции може да биде и ефикасно средство за спречување на развојот на потешки и потенцијално смртоносни болести, особено оние предизвикани од одредени вируси за кои е познато дека предизвикуваат карцином. Пропуштањето и одложување на вакцините го зголемуваат ризикот од инфекција, како и појава на посериозни компликации. Секоја пропуштена вакцина треба да се прими во најскоро време, согласно Календарот за имунизација / Календар за примање на пропуштени дози.
Вакцината против грип e препорачувана од медицинската заедница ширум светот и тоа од реномирани медицински установи.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар