Не е точно дека вирусите не постојат

Илустрација како изгледа ковид-19 под микроскоп Фото: HFCM Communicatie, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Не е точно наведеното во објавата дека вируси не постојат. Не само што постојат, туку тие се меѓу најдетално проучуваните биолошки ентитети во современата наука.

Вирусите не само што постојат, туку тие се меѓу најдетално проучуваните биолошки ентитети во современата наука. На пример, коронавирусот што ја предизвикува болеста ковид 19 е изолиран многу пати и опширно секвенциониран

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

„Вируси“ не постојат! Досега, „сатанистичката медицинска наука“ ги нарекува како „вируси“ патентираните модификации на разни отрови, создадени во лаборатории, со кои човештвото се труе преку воздух, „вакцини“, храна, вода… Како вистински вируси може да се наречат само сатанските сили — џиновите кои веруваат во сатаната, а не во Бог — на кои, од страна на Креаторот, Семоќниот Создател на сите светови, им е овозможено во овој живот-тест, како енергетски битија, како ангели создадени од чадта на огнот, да се тестираат и трансформираат во различни форми и големини, видливи и невидливи, на човечки и други суштества. Тие, со голема брзина на движење, можат дури и да навлезат во крвта, органите и телата на луѓето, каде што имаат можност да се размножуваат како машки и женски џинови и негативно да влијаат врз карактерот, постапките, активностите и психофизичката и здравствената состојба на луѓето !!! ВИСТИНАТА ЗА ВИРУСИТЕ !!!

Не е точно наведеното во објавата дека вируси не постојат. Не само што постојат, туку тие се меѓу најдетално проучуваните биолошки ентитети во современата наука. Нивното постоење е потврдено преку повеќе независни докази: микроскопија, генетика, лабораториска изолација, епидемиологија и директни експериментални испитувања. Вирусологијата е научна гранка на микробиологијата целосно фокусирана на проучување на биолошки вируси и вирусоидни агенси.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Фулфект“ вирусите постојат. На пример, коронавирусот што ја предизвикува болеста ковид 19 е изолиран многу пати и опширно секвенциониран.

„Теоријата на микробите“, според која многу човекови болести се предизвикани од микроскопски организми, е убедливо докажана во годините откако првпат беше изнесена, наведува „Фулфект“.

Првиот вирус што бил откриен е Tobacco mosaic virus — вирус што ги заразува растенијата тутун.

Првиот вирус откриен кај луѓето е Yellow fever (жолта треска). 

Според клиниката Кливленд, вирусите се мали микроорганизми (патогени) кои можат да инфицираат и да разболат. Тие можат да инфицираат луѓе, растенија, животни, бактерии и габи. Секој од нив инфицира само одредени типови домаќини.

Вирусите се најмалите од сите микроби. Потребни се 500 милиони риновируси, вирусот за кој е познато дека предизвикува настинка, за да се покрие врвот на игла. Тие постојат така што ја киднапираат клеточната машинерија на друго живо суштество за да се размножуваат. Поединечен вирус го прави ова со инјектирање на својот генетски материјал, нуклеински киселини познати како РНК и/или ДНК, во клетка домаќин. Потоа тие се реплицираат во клетката и на крајот експлодираат надвор од неа во форма на нови вириони подготвени да инфицираат други клетки. Овие минијатурни микроби можат да инфицираат со низа болести, од сипаници до СИДА. За да видите како вирусот влегува во клетка домаќин, погледнете ја оваа анимација, пишува на сајтот на Музејот за наука и култура при Универзитетот Харвард.

На следниот линк може да погледнете опис како научниците со години се справуваат со предизвикот да ги идентификуваат и опишат оние работи што се невидливи за голо око, како и историјата на микроскопот. 

Не е точно ниту наведеното во објавата дека „патентираните“ модификации на разни отрови, создадени во лаборатории, со кои човештвото се труе преку воздух, „вакцини“, храна, вода“ биле она што се нарекува вируси. Постојат патенти за хемиски супстанции, лекови, вакцини и индустриски процеси. Патент не значи дека нешто е безбедно или опасно, туку дека некој изум е регистриран.

Нема докази за глобална, координирана програма што намерно труе луѓе преку вакцини, распрскува токсини преку воздух за контрола на население, или систематски става отрови во вода и храна со цел масовно труење. Исто така, како што објаснивме претходно, самите вируси се посебна категорија, која што е широко истражена.

Вакцинацијата не е труење, туку помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Вакцините се достапни за повеќе од десетина големи вирусни заболувања, почнувајќи од рутински имунизации во детството до респираторни вируси.

Последниот дел од објавата се однесува на субјективно религиозно чувство и не е предмет на оваа рецензија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција