Не е точно дека Владата не дала денар за Кочани

Фото: meta.mk

Не е точно дека Владата не дала денар за Кочани, како што тоа сака да го прикаже објавата. Владата ги покри трошоците за пат и сместување на најблиските на повредените од пожарот кои се лекуваа во странство, а исплати и еднократна финансиска помош од 150 илјади денари

Не е точно дека Владата не дала денар за Кочани, како што тоа сака да го прикаже објавата. Владата ги покри трошоците за пат и сместување на најблиските на повредените од пожарот кои се лекуваа во странство, а исплати и еднократна финансиска помош од 150 илјади денари

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:

Значи Владата нема дадено денар за Кочани, ама затоа само еден ден по пожарот потрошила 400.ООО евра за мерење на рејтингот. Дадени на Маркетвижн. Очигледно, поважен и е рејтингот и имиџот од колку човечките животи и трагедијата во Кочани во која Починаа 62 и има 200 повредени. 

Не е точно дека Владата нема дадено денар за Кочани, како што се тврди во објавата.

По трагедијата во Кочани во која во пожар во т.н. кабаре загинаа 62 лица, Владата го активираше системот за цивилна заштита на ЕУ преку кој, како што информираше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на 22 март, 116 пациенти беа хоспитализираи во 14 држави.

Тој потенцираше дека трошоците за лекувањето на пациентите се покриени од страна на државите-домаќини, додека Владата на Република Северна Македонија ги покрива сите трошоци за пат, сместување и логистика за семејствата.

Се сретнав со нивните семејства и со медицинскиот персонал, од кои добив детални информации за здравствената состојба на секој пациент. На најблиските им пренесов дека државата стои целосно зад нив, додека на здравствените работници им изразив длабока благодарност за пожртвуваноста и професионалноста во битката за спасување животи. Исто така, реализирав средби со моите колеги министри за надворешни работи и здравство, на кои упатив благодарност за солидарноста и подготвеноста да помогнат во овие исклучително тешки моменти. Нивната поддршка ни значи многу – не само од медицински аспект, туку и како израз на блискост, човечност и пријателство, рече тогаш Муцунски.

Претходно, на 21 март, портпаролката на Владата Марија Митева рече дека секое семејство погодено во трагедијата во Кочани за почеток ќе добие 150.000 денари финансиска поддршка.

Во овој момент бевме информирани од Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејствата кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци. Се разбира, ова не е само еднократна помош, екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата контактираат со семејствата на секои 3 часа со цел да се осигураме дека нема нови несакани состојби кои настануваат и се разбира и во идни фази континуирано во зависност од сите поединечните потреби сите средства ќе бидат насочени кон нив. Правиме сè што можеме за да помогнеме и олесниме во овие тешки времиња. Уште еднаш апелирам и замолувам да бидеме солидарни без шпекулации коишто ќе наштетат на семејствата, изјави Митева.

Во однос на средствата за транспорт и сместување на семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство Митева потврди дека таа обврска ја покрива Владата.

Портпаролката информираше дека се згрижени 180 лица од семејствата на повредените кои се лекуваат во странство.

Дека Владата ќе исплати по 150 илјади денари финансиска помош за погодените од трагедијата во Кочани, потврди и директорот на СОЗР Ивица Томовски на 22 март.

Исплатата ќе се реализира преку Црвениот крст од понеделник. Службата за општи и заеднички работи и останатите институции, се организираат и за целата неопходна логистика за сместување и транспорт на настраданите и нивните семејства. Владата го плаќа престојот на најблиските на пациентите кои се лекуваат во странство, за што право имаат по две лица од семејството на секој повреден, рече Томовски.

Значи, не е точно дека Владата не дала денар за Кочани, како што тоа сака да го прикаже објавата. Владата ги покри трошоците за пат и сместување на најблиските на повредените од пожарот кои се лекуваа во странство, а исплати и еднократна финансиска помош од 150 илјади денари.

Поради тоа, оценуваме дека објавата која ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција