Не е точно дека во ЕУ членуваат само католички држави, религијата не е услов за влез во Унијата

Колаж од религиски симболи Фото: Howardcorn33, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

ЕУ е секуларна заедница – не се заснова на никаква религија, туку на вредности: демократија, човекови права, толеранција и владеење на правото. Во ЕУ има земји со различни верски традиции, а не само католички држави.

ЕУ е секуларна заедница – не се заснова на никаква религија, туку на вредности: демократија, човекови права, толеранција и владеење на правото. Во ЕУ има земји со различни верски традиции, а не само католички држави

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Брисел ги приклучи во ЕУ тие што ги сакаа, главно католичките држави. И тоа е тоа. На останатите им е наметнато тоа што неможе да се исполни, така да со ЕУ е завршена приказната. Романија и Бугарија ги примија во ЕУ, бидејќи им беа потребни за Русија. Така да приказната е завршена и излишна и името треба да си го вратиме назад. Вака требаше да ја дочекаат Урсула. Со антените и вештачката интелигенција е многу нејасно што сакаат од Македонија и Србија.

Не е точно дека во ЕУ се приклучуваат само католички држави и дека тоа е услов за влез во Европската заедница, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. Исто така, не е точно дека Романија и Бугарија се единствени православни држави во ЕУ и оти тие биле примени затоа што им биле потребни за Русија.

ЕУ има јасно дефинирани Копенхашки критериуми (усвоени во 1993 г.), кои ги одредуваат условите што една земја мора да ги исполни за да стане членка. Тие се три главни групи:

  1. Политички критериуми – стабилни институции што гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата.
  2. Економски критериуми – функционална пазарна економија што може да се справи со конкуренцијата во рамките на ЕУ.
  3. Правни критериуми – способност да се прифатат и применат сите закони и обврски на членството во ЕУ (т.н. acquis communautaire).

Членството во ЕУ бара земјата кандидат да постигне стабилност на институциите што гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата; функционална пазарна економија; и способност да ги преземе обврските од членството, вклучително и почитување на целите на политичката, економската и монетарната унија, стои во документот усвоен од Европскиот совет во Копенхаген 21-22 јуни 1993година.

Член 2 од Договорот за Европската Унија (Договорот од Лисабон) ги дефинира основните вредности на ЕУ:

Унијата е заснована врз вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата што припаѓаат на малцинства. Овие вредности се заеднички за земјите-членки во општество во кое преовладуваат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу жените и мажите.

Религијата на една држава никаде не се спомнува како услов за членство во Европската Унија.

Понатаму, не е точно дека во ЕУ членуваат само католички држави.

Во ЕУ има земји со различни доминантни верски традиции:

  • Католички (Италија, Полска, Португалија, Хрватска)
  • Протестантски (Шведска, Данска, Финска)
  • Православни (Грција, Бугарија, Романија, Кипар)
  • И секуларни држави, со најмало влијание на религијата, засновани на лаицизмот (Франција, Чешка, Естонија).

Значи, ЕУ е секуларна заедница – не се заснова на никаква религија, туку на вредности: демократија, човекови права, толеранција и владеење на правото.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција