Не е точно дека во ЕУ се оди во затвор ако наречете политичар „Пинокио“
Објавата тврди дека во ЕУ може да се добие до 5 години затвор ако наречеш политичар „Пинокио“ и дека во Англија биле уапсени над 12.000 луѓе за изразено мислење на интернет. Овие тврдења се манипулативни и извадени од контекст.
Објавата тврди дека во ЕУ може да се добие до 5 години затвор ако наречеш политичар „Пинокио“ и дека во Англија биле уапсени над 12.000 луѓе за изразено мислење на интернет. Овие тврдења се манипулативни и извадени од контекст
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Дали знаете дека во ЕУ, можна е казна затвор до 5г. доколку наречите политичар ПИНОКИО или постирате мислење кое е спротивно на наративот на ДРЖАВАТА ?
(слика) Администрацијата на Трамп реагираше поради апсење на пензионер кој постирал дека ПИНОКИО – Германскиот премиер ке биди во градот…
Во Англија, само во една година, уапсени се преку 12000 граѓани поради постирање на мислење и незадоволство од политиките на државата или на поединци од власта !??
Објавата тврди дека дека во ЕУ може да се добие до 5 години затвор ако наречеш политичар „Пинокио“ и дека во Англија биле уапсени над 12.000 луѓе за изразено мислење на интернет. Овие тврдења се манипулативни и извадени од контекст.
Што навистина се случи во Германија
Во 2025 г., пензионер од Хајлброн на Фејсбук коментирал дека „Пинокио доаѓа во ХН (Heilbronn)“ со емотикон со долг нос, во врска со посетата на канцеларот Фридрих Мерц. Коментарот бил забележан од тимот за социјални мрежи на локалната полиција.
Полицијата покренала предистражна постапка за можна навреда според член 188 од германскиот Кривичен законик, кој забранува навреди кон политичари. Три месеци по неговата објава на социјалните мрежи, пензионерот добил писмо од криминалната полиција дека против него е покрената истрага.
Она што е важно тука да се напомене е дека станувало збор за истрага, не за обвинение или пресуда, како што сугерира објавата која ја анализираме.
Членот 188 од германскиот Кривичен законик се однесува на навреди против лица од политичкиот живот, казнува навреди ако тие можат значително да ја попречат јавната работа на политичар. Максималната казна теоретски може да достигне до 5 години затвор. Законот е проширен во 2021 г. за поголема заштита на политичари од онлајн злоупотреби.
Но максималната казна не е вообичаена казна. Правните експерти истакнуваат дека јавните личности мора да трпат и остра критика.
Како заврши конкретниот случај
Обвинителството во Хајлброн донесе јасна одлука: Коментарот е „критика на власта заштитена со слободата на изразување“. Постапката е целосно затворена, нема обвинение, нема казна, нема затвор.
Обвинителите изрично соопштија дека нарекувањето „Пинокио“ е дозволена политичка критика.
Објавата манипулира со тоа што ја нагласува максималната казна (5 години затвор), но премолчува дека случајот е отфрлен. Понатаму, се меша „истрага“ со „осуден“, и се генерализира поединечен настан. Реалноста е дека многу вакви предмети се затвораат во рана фаза.
Тоа се однесува до генералното тврдење во објавата дека во ЕУ можна е казна затвор до 5 г. доколку постирате мислење кое е спротивно на наративот на државата, и тоа е манипулативно.
Европската пракса (вклучително и судската пракса на Европскиот суд за човекови права) генерално утврдува дека:
- политичката дебата има највисоко ниво на заштита
- политичарите мора да трпат поширока критика од обичните граѓани
- сатирични и полемички изрази често се дозволени
Токму на оваа логика се повикало и германското обвинителство.
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) конзистентно нагласува дека слободата на изразување ги штити и изјавите што „навредуваат, шокираат или вознемируваат“, бидејќи тоа се барањата на плурализмот и демократското општество (Handyside v. United Kingdom, 1976).
Во пресудата во случајот Lingens v. Austria (ECtHR, 1986) ЕСЧП утврди неколку фундаментални принципи:
- границите на прифатлива критика се пошироки за политичари отколку за приватни лица
- политичката дебата ужива највисоко ниво на заштита
- вредносните судови (value judgments) имаат поширока заштита од фактички тврдења.
Клучната поента од судот е дека политичарите неизбежно и свесно се изложуваат на внимателно испитување на нивните зборови и постапки. Оваа пресуда е столб на европската пракса кога се оценува дали критика кон политичар е дозволена.
Илјадници уапсени во Англија, но не за политичко мислење
Што се однесува до тврдењето за „12.000 уапсени во Англија“ за една година, бројката постои, но е погрешно претставена.
Во Велика Британија навистина има илјадници апсења годишно поврзани со онлајн комуникации. Но, не се работи за апсења за „несогласување со државата“. Според официјалните податоци, повеќето случаи се за закани, вознемирување, говор на омраза и злонамерни комуникации. Тоа значи дека бројката се однесува на злонамерни комуникации, не на обично политичко мислење (на пример според Communications Act 2003 и Malicious Communications Act). Овие закони го опфаќаат испраќањето пораки што се грубо навредливи, заканувачки или причинуваат „ненадејна вознемиреност/анксиозност“.
Овие апсења не значат дека луѓето се уапсени само затоа што критикувале политика или изразиле „несогласување со државата“. Многу од апсењата се поврзани со закани или поттикнување насилство, вознемирување или злоупотреба, говор на омраза, испраќање злонамерни или стресни пораки. Според податоците, бројката од 12.000 апсења вклучува различни видови онлајн комуникации. Но, само мал процент на такви случаи всушност завршуваат со обвинение или пресуда.
Судовите во земјите од ЕУ (вклучително и Европскиот суд за човекови права) постојано нагласуваат дека политичарите мора да трпат повисоко ниво на критика. Да наречете некој политичар „Пинокио“ само по себе речиси никогаш не носи затворска казна. Кривична одговорност може да има кога станува збор за говор на омраза, поттикнување насилство, сериозна клевета во некои држави, закани, ширење незаконски содржини (тероризам, детска експлоатација итн.). Во ретки случаи, ако објавата содржи закани, повикува на насилство или претставува тешка клевета според национален закон, може да има и кривична постапка. Но тоа не е исто со обично политичко несогласување.
Поради тоа, на објавата што ја анализираме оценуваме дека ѝ недостига контекст.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар