Не е точно дека во Европа невакцинираните деца се поздрави од вакцинираните
Нема веродостојни докази дека невакцинираните деца од Европа се многу поздрави од вакцинираните. Според глобалните проценки, имунизацијата спречува од 3,5 до 5 милиони смртни случаи годишно.
Нема веродостојни докази дека невакцинираните деца од Европа се многу поздрави од вакцинираните. Според глобалните проценки, имунизацијата спречува од 3,5 до 5 милиони смртни случаи годишно
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Статистиката која е направена во Европа покажува дека невакцинираните деца се многу поздрави од вакцинираните.
Не е точно дека статистиката во Европа покажува дека „невакцинираните деца се многу поздрави од вакцинираните“. Германска студија покажа дека преваленцата на болести – статистички термин што се користи во епидемиологијата за да се изрази вкупниот број на луѓе со болест во рамките на популацијата во даден временски момент во однос на целата популација – што може да се спречат со вакцинација во текот на животот била значително поголема кај невакцинираните отколку кај вакцинираните испитаници. Оваа студија директно ги побива тврдењата дека невакцинираните деца се генерално „поздрави“. Таа го покажува очекуваниот ефект: вакцините ги намалуваат болестите што ги таргетираат.
Друга студија пак, покажува дека неодлучноста на родителите кон вакцинацијата станува сè поголема грижа, иако Европа во последните две децении е сведок на значителни епидемии што може да се превенираат со вакцинација.
Невакцинираните деца поради тоа што нивните родители одбиваат да ги вакцинираат, придонесуваат за епидемии на сипаници, дифтерија и тетанус во Европскиот регион. Системскиот преглед обезбедува докази за поврзаност меѓу намерно невакцинираните деца (невакцинирани поради тоа што нивните родители одбиваат) и епидемии на болести што вакцините ги превенираат. Наодите силно сугерираат дека оваа група значително придонесува за епидемиите на болести што се превенираат со вакцинација во Европскиот регион, пишува во неа.
Соопштение на УНИЦЕФ од 15 јули 2025 година покажува дека застојот во детската вакцинација во Европа придонесува за повторно појавување на мали сипаници и голема кашлица.
Вакцините спасуваат животи и кога се намалува покриеноста со вакцинацијата, болестите се шират. Затоа земјите мора да инвестираат во силни локални здравствени системи, да осигураат дека вакцините се достапни во секое маало и да се борат против дезинформациите. Здравствените работници треба да добијат поддршка за да допрат до секое семејство, особено семејствата до кои е тешко да се дојде. А заедниците мора да се засилени со веродостојни информации за родителите со доверба да можат да ги вакцинираат своите деца, рече тогаш директорот на СЗО за Европскиот регион доктор Ханс Клуге.
Според анализа објавена во „Лансет“, значителниот напредок во воведувањето на вакцини кај милијарди деца во сите делови на светот во текот на последните пет децении спречил смрт на 154 милиони деца.
Според глобалните проценки, имунизацијата спречува од 3,5 до 5 милиони смртни случаи годишно.
Студија за влијанието на вакцинацијата од 1974 до 2024 година процени дека глобалните напори за имунизација спречиле околу 154 милиони смртни случаи, вклучувајќи 146 милиони кај деца под пет години, и придонеле за намалување од 40 проценти на глобалната смртност кај доенчињата под една година.
Меѓу програмите за вакцинација на децата, вакцинацијата против мали сипаници имала најголем придонес, спречувајќи 93,7 милиони смртни случаи.
Помеѓу 2010 и 2023 година, повеќето од епидемиите на болести што може да се спречат со вакцинација во девет европски земји беа поврзани со невакцинирани случаи, кадешто родителите одбивале да ги вакцинираат своите деца, а малите сипаници беа најчеста причина за вакви епидемии.
Нема веродостојни докази дека невакцинираните деца од Европа се многу поздрави од вакцинираните. Најверодостојните податоци покажуваат дека или нема значајна разлика во општото здравје, или дека вакцинираните деца се подобро заштитени од болести.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар