Не е точно дека во Норвешка бракот меѓу луѓе и животни е „легализиран“
Бракот во Норвешка не може да биде склучен со животно, туку може да биде склучен само меѓу две полнолетни личности кои доброволно се согласуваат на тоа. Со Кривичниот законик на Норвешка, доколку некој присилува друг да стапи во брак со него/неа може да биде казнет со затворска казна до 6 години
Бракот во Норвешка не може да биде склучен со животно, туку може да биде склучен само меѓу две полнолетни личности кои доброволно се согласуваат на тоа. Со Кривичниот законик на Норвешка, доколку некој присилува друг да стапи во брак со него/неа може да биде казнет со затворска казна до 6 години
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Во Норвешка бракот помеѓу луѓе и животни е легализиран. Нека дојдат норвежаните во Скопје да се венчат со нашиве кучиња скитници.
Не е точно дека во Норвешка бракот меѓу луѓе и животни е „легализиран“ наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме. Невистинитото тврдење потекнува од сатирични текстови кои се појавија во интернет просторот, но според норвешките закони нема склучување брак меѓу луѓе и животни. Во Норвешка тоа не е дозволено.
Во 2017 година сатиричниот сајт SecretNews.fr објави текст дека Норвешка ќе го легализира бракот меѓу луѓе и домашни животни. Оваа сатира потоа беше реобјавена од други блогови, без никаков дисклејмер дека се работи за сатира, што предизвика и натаму да се шири дезинформацијата.
SecretNews е бесплатен, колаборативен сатиричен издавач кој вклучува неколку соработници. Повеќето од информациите пренесени на овој сајт се најверојатно невистинити, објавени со цел за хумор и сатира. Не треба да се земаат сериозно, пишува на француски јазик на дното на сајтот кој прв ја објави сатиричната информација.
Тоа не беше единствената публикација што ја објави оваа дезинформација.
Во текст на The watchdog web се наведува дека извесна Барбара од Норвешка склучила брак со своето куче кое го спасила во 2015 година. Но, текстот е илустриран со фотографија од 2011 година, што е датум пред наводното „спасување“. Тоа го забележуваат проверувачите на факти на „Лид Сторис“ кои наведуваат дека се работи за дезинформација.
Идејата дека луѓето може да склучуваат легални бракови со животни е невозможна, зашто бракот е правен договор меѓу возрасни лица со нивна согласност, нешто што животните не може да го направат (да изразат согласност ни да склучат договор).
Сите правни услови коишто треба да бидат исполнети за да се склучи брак во Норвешка се наведени на владиниот сајт.
Пред да се стапи во брак, двете лица мора да се полнолетни, да имаат најмалку 18 години. Ако некој стапи во брак во Норвешка и е малолетен, бракот се поништува.
Бракот мора да биде склучен на доброволна основа, а со Кривичниот законик на Норвешка, доколку некој присилува друг да стапи во брак со него/неа може да биде казнет со затворска казна до 6 години. На ист начин се казнува и помагање на во ова кривично дело. Има и други услови кои детално може да ги видите овде.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар