Не е точно дека во Русија нема криминал, убиства и зависници од опојни дроги

Кремљ. Москва, Фото: Oleg Yu.Novikov, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

САД бележат намалување на криминалот и на бројот на убиства, но проблемот со наркоманијата, особено со фентанил, и понатаму е огромен и смртоносен, иако во 2024 има позитивен тренд на намалување на смртните случаи. Во Русија официјално има пад во бројот на убиства и вкупниот криминал, но раст на сериозни кривични дела и кибер-криминал. Со дрогите, иако официјалните податоци покажуваат релативно мал број регистрирани зависници, бројот на смртни случаи и акутни труења укажува дека проблемот е поголем отколку што изгледа на хартија

САД бележат намалување на криминалот и на бројот на убиства, но проблемот со наркоманијата, особено со фентанил, и понатаму е огромен и смртоносен, иако во 2024 има позитивен тренд на намалување на смртните случаи. Во Русија официјално има пад во бројот на убиства и вкупниот криминал, но раст на сериозни кривични дела и кибер-криминал. Со дрогите, иако официјалните податоци покажуваат релативно мал број регистрирани зависници, бројот на смртни случаи и акутни труења укажува дека проблемот е поголем отколку што изгледа на хартија

 

Анализираме објава на Фејсбук која, коментирајќи го свирепото убиство на Украинка во САД, вели:

Ќе имаше живот пред себе да ја одбереше Русија, наместо САД каде врие од убијци, психопати, наркомани.. криминал и убиства на секој чекор. Погрешниот избор, младата Украинка Ирина Зарутска го плати фатално со својот живот.

Тврдењето во објавата дека Украинката, ако ја одберела Русија ќе продолжела да живее, бидејќи во Русија нема убијци, криминал, наркомани… како во САД, нема никаква основа.

Тезата дека во Русија нема криминал, убиства и зависници од дрога, не е точна.

Имено, доколку се погледнат информациите и податоците, ќе се види дека во САД, според најновиот извештај на ФБИ, насилниот криминал се намалил за 4,5 % во 2024 во споредба со претходната година, а бројот на убиства и „убиство од небрежност “ паднал за 14,9 %. Стапката на убиства во 2024 изнесувала 5 на 100.000 жители, што е најниско ниво во последните девет години.

Во Русија, тамошното Министерство за внатрешни работи објави дека во 2024 бројот на убиства и обиди за убиство се намалил за 9,8 %, додека вкупниот број на кривични дела бил намален за 1,8 %. Сепак, „сериозните и особено сериозните кривични дела“ се зголемиле, особено во првата половина на 2025 година. Дополнително, 40 % од сите кривични дела во Русија во 2024 биле поврзани со употреба на информациски технологии, со раст од 13,1 % во однос на 2023 година.

Значи, не е точно тврдењето дека во Русија не се случуваат криминални дејства и убиства, како што тоа сака да го прикаже објавата.

Што се однесува до зависноста од опојни дроги, точно е дека во САД, злоупотребата на дроги е еден од најголемите јавноздравствени проблеми. Според ЦДЦ, во 2024 имало 80.391 смртни случаи од предозирања, што претставува пад од 27 % во споредба со 2023 година, кога бројката изнесуваше 110.037. Најголем дел од смртните случаи се должат на синтетички опијати (фентанил), иако во последните години се појавуваат и зголемувања на случаите со метамфетамини и психостимуланси.

Во Русија, пак, состојбата е различна: бројот на регистрирани зависници од дроги се зголемил за околу 0,8% во 2023, додека официјалните дијагнози за зависност пораснале за 3,6 %. Во 2023 биле пријавени повеќе од 10.000 смртни случаи поврзани со дроги, што е 9,4 % повеќе од претходната година. Меѓу младите, во истата година имало 25.200 случаи на акутно труење со наркотични супстанции, вклучително и меѓу деца и тинејџери.

Значи, САД бележат намалување на криминалот и на бројот на убиства, но проблемот со наркоманијата, особено со фентанил, и понатаму е огромен и смртоносен, иако во 2024 има позитивен тренд на намалување на смртните случаи. Во Русија официјално има пад во бројот на убиства и вкупниот криминал, но раст на сериозни кривични дела и кибер-криминал. Со дрогите, иако официјалните податоци покажуваат релативно мал број регистрирани зависници, бројот на смртни случаи и акутни труења укажува дека проблемот е поголем отколку што изгледа на хартија.

Големата разлика е во тоа што САД има јасно измерени стапки на убиство на 100.000 жители, додека во Русија многу од податоците се во проценти на пораст/намалување, но помалку често се објавува јавна статистика која го покажува бројот на убиства на 100.000 жители со најнови податоци.

Од ова можеме да заклучиме дека не е точно оти во Русија нема криминал, убиства и зависници од опојни средства, како што имплицира објавата. Поради тоа, ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција