Не е точно дека во Сарај била украдена камера од „Сејф Сити“

Фото: Официјална ФБ страница на МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на новинарско прашање одговори дека се работи за дезинформација и дека не е украдена камера од проектот „Сејф Сити“ во Сарај.

Денеска(05.01) тврдењето од објавата го демантираше и министерот Панче Тошковски, а и без тоа, Министерството за внатрешни работи ниту на својот официјален Фејсбук профил преку кој комуницира со јавноста, ниту преку некое официјално лице, соопштение или билтен, нема информирано за украдена камера од „Сејф Сити“, ниту пак апелирале граѓаните да соработуваат „доколку поседуваат информација за настанот“

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија и пишува:

Украдена камера од системот „Сејф Сити“ во Сарај. Во општина Сарај е пријавена кражба на една безбедносна камера од системот „Сејф Сити“. Надлежните полицијски служби го истражуваат случајот и ја преземаат потребната истрага за утврдување на сторителот. Случајот е во тек, а одговорните апелираат до граѓаните за соработка доколку поседуваат информации за настанот.
Станува збор за дезинформација. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на прес-конференција која беше одржана на 5 јануари 2026 на тема превенција од штетните ефекти на употребата на пиротехника, во преносот во живо на Фејсбук страницата на Министерството за внатрешни работи се осврна токму на оваа фотографија. На новинарско прашање на 24 минута и 41 секунда од директниот пренос од прес-конференцијата тој е запрашан за оваа фотографија.
За Сејф Сити имаше некои фотографии во јавноста изминатите денови….
На ова министерот Тошковски (во 24 минута и 41 секунда од видеото) вели:
-За Сарај? За камерата на Сејф Сити дека е украдена? Не, не е вистина. За жал има многу портали, Фејсбук страници, Инстаграм страници кои на социјалните мрежи особено на еден ваков начин да речам, со лажна фактичка состојба се обидуваат да привлечат одредено внимание во различни интереси, дали се тоа политички, бизнис интереси итн. Добро е што македонските граѓани и покрај сите тие лажни вести кои што се шират, во позадина, даваат огромна поддршка за имплементирање на овој проект а ние ќе сториме се како Министерство за внатрешни работи овој проект да биде навистина една отскочна даска за она што би требало да значи во иднина навистина имплементирање на европски вредности на секое едно поле во Македонија, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој понатаму истакна дека проектот „Сејф сити“ има потенцијал да донесе европски вредности во Северна Македонија и коментираше дека во времето на тест-периодот македонските граѓани покажале дека и само со опомени а не казни, може да се делува во насока на спасување на човечки животи.
Покрај демантот од Тошковски, да напоменеме дека наспроти наведеното во објавата, Министерството за внатрешни работи ниту на својот официјален Фејсбук профил преку кој комуницира со јавноста, ниту преку некое официјално лице, соопштение или билтен, нема информирано за украдена камера од „Сејф Сити“, ниту пак апелирале граѓаните да соработуваат „доколку поседуваат информација за настанот“.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција