Не е точно дека водата во Скопје е загадена со Eшерихија коли

Фото: Мета.мк

ЈП Водовод и канализација Скопје, на својата официјална Фејсбук страница, ги демантираше наводите кои се ширеа на социјалните мрежи и во приватни пораки, според кои „водата во Скопје е загадена со Ешерихија коли и има случаи на Инфективната клиника“.

ЈП Водовод и канализација Скопје, на својата официјална Фејсбук страница, ги демантираше наводите кои се ширеа на социјалните мрежи и во приватни пораки, според кои „водата во Скопје е загадена со Ешерихија коли и има случаи на Инфективната клиника“. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, на вонредна прес-конференција, изјави дека резултатите од мострите земени на 36 локации на различни места во Скопје покажале дека водата е бактериолошки исправна, и се напи од водата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

АПЕЛ:ВОДАТА ВО СКОПЈЕ ЗАГАДЕНА СО ЕШЕРИХИЈА КОЛИ,НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ.ДВА СЛУЧАИ ИМА ВЕКЕ НА ИНФЕКТИВНА.ПРЕЗЕМЕНА ОБЈАВА ОД ФБ
Станува збор за дезинформација. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски одржа вонредна прес-конференција на која се напи од водата, зборуваше за тоа дека резултатите од мострите кои се земени на 36 локации на различни места во Скопје покажале дека водата е бактериолошки исправна. Тој рече дека Скопје има еден од најчистите извори за вода во Европа, дека водата за пиење е безбедна и најави дека МВР ќе почне истрага за оние кои почнале да ги шират дезинформациите поради кои се појави паника меѓу граѓаните.
Водата во Скопје е безбедна, ќе одговара секој еден кој шири страв и паника врз населението. Нема толеранција, соопшти градоначалникот.
Директорот на Клиниката за инфективни болести доктор Фадил Цана изјави дека во болницата нема хоспитализации кои се поврзуваат со скопската вода.
Потоа ЈП „Водовод и канализација Скопје“, на својата официјална Фејсбук страница, ги демантираше наводите кои се ширеа на социјалните мрежи и во приватни пораки, според кои „водата во Скопје е загадена со Ешерихија коли и има случаи на Инфективната клиника“.
Во врска со шпекулациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водата за пиење од водоснабдителниот систем во градот Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје ја информира јавноста дека истата е комплетно неточна и најостро ја демантираме истата. Покрај редовните секојдневни испитувања на квалитетот и безбедноста на водата за пиење, дополнително се извршени и испитувања на земени примероци од водата. Резултатите од дополнителните анализи не потврдуваат присуство на испитуваните микроорганизми. Испитуваните примероци ги задоволуваат пропишаните критериуми согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“, бр. 183/18), велат од ЈП Водовод и канализација Скопје.
Оттаму додаваат дека во испитуваниот примерок кој е вонредно земен и анализиран со брза PCR техника во текот на 11.08.2026 година, не е детектирано присуство на геномски копии од колиформни бактерии, ниту од Escherichia coli, ниту од Pseudomonas aeruginosa.
ЈП Водовод и канализација – Скопје континуирано го следи квалитетот и безбедноста на водата за пиење преку редовен, секојдневен мониторинг и лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025. Дополнителните испитувања се спроведени со цел уште еднаш да се потврди безбедноста и исправноста на водата за пиење и да се отстранат сите сомнежи предизвикани од неточните информации што се шират во јавноста. ЈП Водовод и канализација – Скопје ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации и шпекулации кои можат да предизвикаат непотребна загриженост. Водата од водоснабдителниот систем во градот Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба. Исто така би сакале да ја информираме јавноста дека ќе поднесеме соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи за субјектите и центрите кои шират лажни информации и создаваат општа паника меѓу населението, додадоа оттаму.

Документите од испитаните примероци вода кои се исправни, може да ги погледнете на следниот линк.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција