Не е точно дека врз Ромите се врши геноцид со тоа што караванот за вакцинација дошол во Шуто Оризари

Караван за вакцинација, Шуто Оризари Фото: Министерство за здравство

Конкретниот караван за информирање и вакцинација, не се однесува само на Шуто Оризари и на Ромите, иако во објавата со испуштањето на тој податок, се прави обид да се манипулира јавноста и да се спинува со половични информации. На 21 март Министерството за здравство го почна караванот во Шуто Оризари, но со него опфатени се 14 локални заедници, меѓу кои и Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Ист Гејт Мол во Скопје, Куманово и други

Конкретниот караван за информирање и вакцинација, не се однесува само на Шуто Оризари и на Ромите, иако во објавата со испуштањето на тој податок, се прави обид да се манипулира јавноста и да се спинува со половични информации. На 21 март Министерството за здравство го почна караванот во Шуто Оризари, но со него опфатени се 14 локални заедници, меѓу кои и Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Ист Гејт Мол во Скопје, Куманово и други

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е воочлива манипулација и невистинита содржина која како основа ја користи етничката припадност на ромската заедница во државата.

Во постот се тврди дека „Ромите поради нивната неписменост, наивност и добродушност како и корумпираните нивни лидери”, се користат како експериментални глувци бидејќи им се вбризгува отров”. Оваа објава која ја рецензираме се однесува на караванот за информирање и вакцинација кој го почна Министерството за здравство со цел да го зголеми вакциналниот опфат во државата, а кој почна од скопската општина Шуто Оризари, каде доминантно живее ромско население.

До Ромите ли дојдовте бре шуги едни? Така ли покажувате грижа кон ромското население со вбризгување на отров? Ги најдовте нeписмени, наивни и добродушни, а нивните лидери ги корумпиравте и ќе го користите невиното ромско население како експериментални глувци. Каде се сега нивните вистински лидери од странство да се јават и да го спречат геноцидот врз Ромите? За тоа ли Сорос пари вложува за да ги користи како сака и кога сака? Море гонете се у 300…., се вели во постот што го рецензираме.

Овој пост содржи повеќе невистини. Првата е тоа дека врз Ромите во државава се врши геноцид на начин што им се вбризгува отров (вакцина, н.з.).

Во вакцините против ковид 19 нема отров, туку испитани состојки преку различни клинички тестирања.

На официјалната веб страница за вакцинација во земјава, наведени се состојките на сите видови вакцини кои се аплицираат во Македонија. Во светот се аплицирани милиони и милиони вакцини врз граѓани од сите етнички заедници кои за тоа покажале интерес без притоа да се прави било каква поделба по етничка припадност. Сите вакцини поминуваат низ ригорозни проверки и независни проценки со цел да се осигура нивната безбедност и делотворност.

И конкретниот караван за информирање и вакцинација, не се однесува само на Шуто Оризари и на Ромите, иако во објавата со испуштањето на тој податок, се прави обид да се манипулира јавноста и да се спинува со половични информации.

На 21 март Министерството за здравство го почна караванот во Шуто Оризари. Меѓутоа со него опфатени се 14 локални заедници.

Министерот за здравство Беким Сали, амбасадорката на САД Кејт Брнз, претставници од СЗО и претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани ја посетија првата од 14-те локални заедници каде што ќе помине караванот за вакцинација против ковид-19. Караванот ќе патува низ целата држава за да им ги приближи информациите за вакцините и самите вакцини на граѓаните од избраните локални заедници.

Уште еднаш сакам да потенцирам дека одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Како држава обезбедуваме доволно количини вакцини кои се сигурни и безбедни и се достапни на сите граѓани во државата. Сите заинтересирани граѓани може да се вакцинираат на 14-те локации од организираниот караван, а секој работен ден и во најблискиот здравствен дом. Вакцините се побезбеден начин за развивање имунитет кон ковид-19, отколку заразување со вирусот и докажано нудат посигурна заштита од природниот имунитет. Исто така, вакцининирањето е многу важно во контекст на олабавување на заштитните превентивни мерки – колку повеќе луѓе се вакцинираат, толку ќе бидеме подобро заштитени како заедница, изјави министерот за здравство Беким Сали по посетата на пунктот во Шуто Оризари.

Д-р Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО Европа за Северна Македонија и шефица на канцеларијата на СЗО во Скопје рече дека со овој караван сакаат да допрат до луѓето, да ги обезбедат информациите кои им се потребни, да ги слушнат од луѓе на кои им веруваат и да се погрижат вакцините против ковид-19 да бидат лесно достапни.

Освен Шуто Оризари, има уште 13 општини каде караванот ќе биде присутен а тоа се Кратово, Радовиш, Струмица, Ново Село, Ист Гејт Мол во Скопје, Куманово, Липково, Арачиново, Чучер Сандево, Зелениково, Врапчиште, Кичево и Струга.

Оттаму, да се кажува дека само во Шуто Оризари се таргетираат Ромите е невистина. Освен тоа, покрај тоа што караванот за вакцинација бил присутен во оваа скопска општина со доминантно ромско население, сепак таму не се вршела и не би можело да се врши вакцинација присилно, ниту пак би можело да се влијае на некој што не сака да се вакцинира тоа да го стори. И на караванот за вакцинација и на вакциналните пунктови вакцинацијата е доброволна и се потпишува изјава за согласност пред да се прими било која доза од вакцината.

Дополнително, министерот за здравство Беким Сали истакна дека тоа што караванот почнал од Шуто Оризари е случајно.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека на Ромите им се врши геноцид со вбризгување отров преку вакцинацијата и не е вистина дека Ромите се таргетирани специјално за вакцинација, бидејќи караванот е активен во 14 општини со различни етнички заедници.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција