Не е точно дека за влез во банка или маркет е потребен вакцинален сертификат

Поранешниот пратеник и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на својот профил социјалната мрежа Твитер, објавува став кој имплицира дека за влез во банка и во продавниците за храна, е потребен серитфикат за вакцина. Ова не е точно

 

Поранешниот пратеник и координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на својот профил социјалната мрежа Твитер, објавува став кој имплицира дека за влез во банка и во продавниците за храна, е потребен серитфикат за вакцина.

На страна цела дебата за вакцините, на луѓе да не им дозволиш да влезат во банка или продавница за да си подмират обврски и набават основни производи… …е класичен случај на дискриминација утврден со Устав и Закон за антидискриминација.

[Извор: Твитер, профил на Илија Димовски, датум: 18. август 2021]

Ова тврдење е неточно.

 

Образложение:

Владата на Република Северна Македонија на 99-та седница од 17.08.2021 година донесе најнови мерки, протоколи и препораки за заштита на здравјето на населението од ковид-19 врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести.

Во оваа одлука има ограничување за влез во затворени простории, опшани поопширно, но не и во банките и продавниците.

Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

  • сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или
  • сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите“.

[Извор: Интернет страна на Владата на РС Македонијa]

 

Постот на Димовски станува вирален и досега има 15 реобјавувања и 80 допаѓања.

За прецизирање на најновите владини мерки и проверка на вистинитоста на објавата на политичарот, побаравме став од Министерството за здравство, од каде одговорија дека со одлуките на Владата не се опфатени банките и продавниците.

Министерството за здравство апелира да не се шират лажни вести, кои создаваат конфузија и паника кај граѓаните. Очекуваме одговорно однесување и од политичарите. Не е вистина дека не може да се влезе во банка и продавници. Во одлуките на Владата не се опфатени банки и продавници. Мерките се јавно објавени и граѓаните може да се уверат во тоа.

Министерството за здравство

Според приложените факти, објавата на Илија Димовски на Твитер, која имплицира дека банките и продавниците бараат потврди од граѓаните за влез, ја оценуваме за невистината.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција