Не е точно дека Зеленски му се дерел на Бесент дека договорот за минерали е експлоататорски

Скот Бесент и Володимир Зеленски, 12.02.2025 , Киев Фото:https:president.gov.ua

Зеленски во ниту еден момент не му се дерел на американскиот министер за финансии, Скот Бесент, кој отпатува во Киев за да му го презентира и достави договорот за минерали понуден од САД. Точно е дека Зеленски го отфрли договорот, но не го нарече експлоататорски и не го спореди со условите наметнати од Германија по Првата светска војна. Очигледно е дека објавата има за цел да манипулира и дезинформира со цел да го оцрни украинскиот претседател

Зеленски во ниту еден момент не му се дерел на американскиот министер за финансии, Скот Бесент, кој отпатува во Киев за да му го презентира и достави договорот за минерали понуден од САД. Точно е дека Зеленски го отфрли договорот, но не го нарече експлоататорски и не го спореди со условите наметнати од Германија по Првата светска војна. Очигледно е дека објавата има за цел да манипулира и дезинформира со цел да го оцрни украинскиот претседател

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Тредс која вели:

Бесниот Зеленски му се „развика“ на пратеникот на Трамп, откако овој го тераше да потпише договор од 500 милијарди долари .

Објавата споделува и напис кој на почетокот наведува:

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изрази силно незадоволство кон американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, поради предложениот договор кој бараше Украина да отстапи значителен дел од своите природни ресурси во замена за безбедносни гаранции од САД. Зеленски го опиша договорот како експлоататорски, споредувајќи го со условите наметнати на Германија по Првата светска војна. Овој инцидент предизвика тензии меѓу Киев и Вашингтон.

Зеленски се сретна со американскиот министер за финансии Скот Бесент во Киев на 12 февруари 2025 година.

Написот споделува и видео од средбата, кое наводно би требало да биде некаков доказ за тоа дека Зеленски му се развикал на пратеникот на Трамп, кој го терал да потпише договор од 500 милијарди долари, како што тврди објавата.

Но, на видеото нема такво нешто. Зеленски во ниту еден момент не му се дере, не му вика на Бесент, туку му се заблагодарува за напорите на САД и на американскиот претседател Доналд Трамп да постигнат мир во Украина.

Благодарен сум на претседателот за неговите пораки дека ќе ја поддржи Украина и дека навистина сака да ја запре оваа војна. И знам дека тој е силен човек и уверен сум дека ќе го турне Путин, рече Зеленски.

На видеото дури може да се забележи дека Зеленски говори со насмевка на своето лице, а пријатен одговор следи и од Бесент. Значи на снимката нема никаква тензија ниту викање, како што тврди објавата што ја анализираме.

Бесент не го терал Зеленски да потпише некаков договор, туку му го презентирал договорот за минерали подготвен од американската администрација. Како што е наведено на официјалната веб-страница на претседателот на Украина, за време на состанокот, Зеленски и Бесент разговарале за ресурсниот потенцијал на Украина и гаранциите за економска безбедност за Украинците. Тие особено се осврнале на подготовката на документ за економско партнерство меѓу Украина и САД.

Ќе го разгледаме овој документ и ќе направиме сѐ за да обезбедиме нашите тимови да постигнат договор многу брзо. Ние сме желни да го сториме тоа бидејќи САД се наш стратешки партнер. Ќе направиме сѐ за да ги надминеме сите детали, нагласил  Зеленски.

Значи, договорот му бил доставен на Зеленски на разгледување, да дадат свое мислење, па ако постои согласност тој договор би се потпишал. Наспроти тоа, објавата сака да прикаже како Бесент да го фатил Зеленски за врат да потпише нешто, па украинскиот претседател му се развикал. Такво нешто на средбата немало.

Зеленски одби да го потпише договорот, но тој во ниту еден момент не рече дека договорот е „експлоататорски“ и не го спореди со условите наметнати на Германија по Првата светска војна, како што наведува објавата.

 Нашите тимови ќе продолжат да работат на документот. Подготвени сме да се движиме што е можно побрзо кон вистински и гарантиран мир. Длабоко ја цениме решителноста на претседателот (Доналд) Трамп, кој може да помогне да се запре војната и да се обезбедат правда и безбедносни гаранции за Украина, напиша Зеленски на социјалната платформа Икс, пренесе Радио Слободна Европа.

Два-три дена подоцна британски Телеграф објави делови од драфт договорот што САД го подготвиле уште на 07.02.2025, а еден од домашните медиуми детално го пренесе текстот со наслов: „Трамп сака да ја колонизира Украина“, додека во поднасловот се наведува: „Побарувањата на Трамп се полоши од финансиските казни наметнати на Германија и Јапонија по нивниот пораз во 1945 година. И се поголеми отколку репарациите наметнати на Германија со Версајскиот договор“.

Значи коментари од типот дека договорот е експлоататорски и дека побарувањата на Трамп се полоши од финансиските казни наметнати на Германија и Јапонија по нивниот пораз во 1945 година имало, но не од Зеленски, туку во медиумите.

На крај, средбата на Зеленски со американскиот министер за финансии во Киев не предизвика никакви тензии меѓу Украина и САД и на таа средба немаше никаков инцидент, како што тоа сака да го прикаже објавата. Објавата веројатно мислела на средбата на Зеленски и Трамп во Киев. Оваа средба беше напната и предизвика тензии меѓу двете земји.

Значи, Зеленски во ниту еден момент не му се дерел на американскиот министер за финансии кој отпатува во Киев за да му го презентира и достави договорот за минерали понуден од САД. Точно е дека Зеленски го отфрли договорот, но не го нарече експлоататорски и не го спореди со услови наметнати од Германија по Првата светска војна. Очигледно е дека објавата има за цел да манипулира и дезинформира со цел да го оцрни украинскиот претседател.

Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистина.

 



 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција