Не е точно дека Зеленски спроведува западна агенда за бришење на христијанството
Наспроти изнесеното во објавата, наредбата не ја обврзуваше УПЦ-МП да го предаде православието, да ги менува литургиските обичаи, да го менува јазикот на богослужбата, да го менува црковниот календар.
Наспроти изнесеното во објавата, наредбата не ја обврзуваше УПЦ-МП да го предаде православието, да ги менува литургиските обичаи, да го менува јазикот на богослужбата, да го менува црковниот календар. Не се бараше да прогласи автокефалност. Ништо слично. Она што се бараше од нив беше да се повлечат од Руската православна црква
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Зеленски – Киев, со забрана за УПЦ – Украинската Правослвна Црква, најголемата религиска институција поради блиската релација со Руската црква.1- Зеленски, глобал-сатанистичкиот куртон е спроведуват западната ДЕМОНкратска агенда за бришење на христијанството.2- Религијата која зависит од вољата на државата е само институционална (одобрена од држвата) религија, која пак е различна од правата верба, за која не е потребно одобрување од државата или било кој друг субјект или ентитет за да се практикува од причина што тоа е духовна реалација помеѓу поединец и својот Бог а не лиценца – дозвола за работа.3- дпнеОВЦИТЕ се дел од ЕУ коалицијата на идиоти од глобалистичкиот бројлер кои даваат безусловна поддршка на Зеленски.4- И то.
Во склоп на објавата се споделува и извадок од текст на „Раша Тудеј“ со наслов „Киев сака да ја забрани најголемата христијанска деноминација“.
Не е точно дека „Зеленски е глобалсатанист“, ниту пак дека „спроведува западна демонкратска агенда за бришење на христијанството“. Христијанството, и тоа православното, и натаму е доминантна религија во Украина. Не може да се каже дека Украина го забранила православието.
На 24 јули 2025 година, Киевската митрополија на УПЦ-МП доби наредба по пошта со која организацијата се обврзува да ги прекине врските со Руската православна црква во рок од еден месец – до 24 август. Тоа не се случи.
Во Украина останува и натаму Украинската православна црква – Киевската патријаршија, формирана во 1992 година од украинското свештенство кое бараше независност од Руската православна црква. Христијанството во Украина е доминантно религиско определување на населението и не е уништено ниту пак западот има некаква намера да го стори тоа наспроти изнесеното во објавата.
Имено, Киев побара Украинската православна црква да потврди дека е независна од Москва, што не се случи, па затоа на суд се бара укинување на киевската митрополија. Според Виктор Јеленски кој е шеф на Државниот комитет за национална политика на Украина, наредбата предвидува дека УПЦ-МП мора да се повлече од Руската православна црква, вклучувајќи ги парохиите, манастирите, епархиските администрации и теолошките образовни институции. Покрај тоа, црквата мора официјално да изјави дека повелбата на РПЦ од 2017 година не е важечка за неа и дека не се согласува со анексијата на нејзините епархии од страна на Русија и дејствијата на окупаторските трупи. Тој нагласи дека прописот не бара од УПЦ-МП да го предаде православието, да го промени јазикот на богослужбата, да го промени календарот или да стане дел од друга црква.
Како што тврди Киев, Украинската православна црква – Московска патријаршија (УПЦ) е директно поврзана и поддржана од Руската православна црква а Руската православна црква отворено ја поддржа руската воена инвазија врз Украина и официјално ја нарекува „специјална операција“.
Имено, државната служба за етнополитика и слобода на совеста бара на суд престанок на Киевската митрополија на Украинската православна црква – Московска патријаршија како правно лице. Ова е поради нејзината поврзаност со Руската православна црква. Од оваа црква беше побарано да потврди независност од Москва, што не било направено односно митрополитот Онуфриј од УПЦ-МП испратил писмо кое „завршува со фактот дека наредбата нема да биде исполнета“, објави „Дојче Веле“.
Виктор Јеленски на брифинг со новинарите изјавил дека со оглед на тоа што барањето за потврдување независност од Москва, не беше исполнето должност е да се прогласи киевската митрополија на Украинската православна црква за поврзана со Руската православна црква која е забранета во Украина.
Вториот чекор е да се испратат писма за ова до Киевската митрополија и до оние религиозни организации кои се дел од неа или се поврзани со неа. Третото е веднаш, како што е наведено во законот, да се поднесе тужба до судот за укинување на Киевската митрополија. Всушност, тоа е она што беше сторено, изјави Јеленски пред новинарите.
Сепак, според него, дури и ако судот одобри прекин на активностите на Киевската митрополија на УПЦ-МП, тоа нема да значи дека сите парохии што припаѓаат на оваа црква ќе бидат затворени. Тој објасни дека ако судот ја лиши Киевската митрополија од статус на правно лице, тогаш парохиите нема да имаат центар. Тие нема да бидат принудени да преминат во некоја друга црква.
Државата не присилува никого да се приклучи на Православната црква на Украина (ПЦУ) или на која било друга. Дури и по соодветната судска одлука парохиите можат да останат независни и да дејствуваат автономно, изјави Јеленски.
Наспроти изнесеното во објавата, наредбата не ја обврзуваше УПЦ-МП да го предаде православието, да ги менува литургиските обичаи, да го менува јазикот на богослужбата, да го менува црковниот календар. Не се бараше да прогласи автокефалност. Ништо слично. Она што се бараше од нив беше да се повлечат од Руската православна црква. Државната служба за етнополитика и слобода на совеста е обврзана по закон да тужи религиозна организација за која е утврдено дека има врски со религиозна организација на земја агресор, продолжува Јеленски.
Според Јеленски, тужбата ќе биде поднесена до Окружниот административен суд во Киев. Предмет на тужбата е „За престанок на Киевската митрополија на Украинската православна црква“.
Ова е правно-бирократски термин, односно значи дека нејзината активност како правно лице се прекинува. Се ликвидира – дури би можело да се каже. Ова ќе значи дека ќе го изгуби својот правен субјективитет. Нема да може да биде правно лице, нема да може да склучува договори, нема да може официјално да дејствува, објаснува Јеленски.
Во исто време, тој нагласува дека парохијаните на оваа црква ќе продолжат да можат да се собираат и да се молат, според обредот.
Никој не може да забрани молитва. Па дури и собирањето во нашата земја за исповедање на верата поединечно или колективно, никој нема да се меша, вели Јеленски.
Оттука јасно е дека не е точно наведеното дека „религијата зависи од волјата на државата“. Државата Украина не се меша во верата и во религијата, но се штити од московски влијанија под плаштот на религиозноста. Граѓаните на Украина имаат целосно право и понатаму да го практикуваат христијанството и православието. Во објавата се навредуваат и припадниците на партијата ВМРО-ДПМНЕ поради како што се вели биле про-ЕУ и давале поддршка на Зеленски, но ова не е на ниеден начин поврзано со тоа што Украина не поддржува црква со врски со Москва.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар