Не е точно дека жената ќе се нарекува „родител кој раѓа”

Во насловот на текстот што се споделува на Фејсбук не е прецизирано дека новата терминологија за вклучување на трансродовите личности во болничките услуги се однесува на Велика Британија (и, тоа само за една болничка групација од Брајтон), а не на Македонија. Исто така, болницата воопшто не ја забранува употребата на терминот мајка за жените кои тоа го сакаат. Нивното упатство се однесува на вклучување на дополнителна терминологија за други лица кои ги користат нивните услуги, а кои се трансродови

Во насловот на текстот што се споделува на Фејсбук не е прецизирано дека новата терминологија за вклучување на трансродовите личности во болничките услуги се однесува на Велика Британија (и, тоа само за една болничка групација од Брајтон), а не на Македонија. Исто така, болницата воопшто не ја забранува употребата на терминот мајка за жените кои тоа го сакаат. Нивното упатство се однесува на вклучување на дополнителна терминологија за други лица кои ги користат нивните услуги, а кои се трансродови

 

Фејсбук пост, во којшто е споделен медиумски напис, ја дезинформира јавноста дека се воведуваат нови правила со кои наместо мајка, жената ќе се нарекува „родител кој раѓа“.

Во оваа објава, која во моментот на нашата рецензија има над 45 интеракции (реакции, споделувања и коментари), се вели:

Сатанисти !!!

Орвел го предвиде овој новоговор во неговата 1984

Покрај новоговорот предвиде и опиша многу други работи кои се сега во најава или се во тек, како целосна контрола на животот на секоја индивидуа, компјутеризација и строг софтверски одреден и 24 часовен контролиран живот. Детекција на сите емоции и санкционирање на индивидуите кај кои се забележани емоции и чувства на љубов и сочувство…
Според мене оваа работа тешко дека ќе може да се спречи, со оглед на огромен број луѓе кои се далеку од можноста да ја согледаат оваа реалност.
Новата цивилизација зависи од малкумина, но сепак освестени луѓе кои ќе имаат храброст и сила да внесат нова и чиста енергија во овој свет на човечки битиа…

Во прилог на постот е линкуван текст со наслов: „Нови правила: Наместо мајка, жената ќе се нарекува родител кој раѓа“. Оваа насловна конструкција не прецизира дека содржината се однесува на Велика Британија и тоа само за една болничка групација од Брајтон (вкупно две болници), така што има елементи да се оквалификува и како ,,клик бејт” наслов. Клик бејт насловите се поставени со намера да привлечат што повеќе читатели да го кликнат насловот и да генерираат сообраќај на интернет страницата, ама со содржина која ќе биде делумно скриена во насловот.

Но, да видиме за што се работи.

Во текстот и во насловот има контрадикторни тврдења. Болница во Брајтон, Велика Британија, се одлучила да користи термини во својата внатрешна комуникација кои ќе ги вклучуваат сите полови за своите услуги за пораѓање. Јазичните промени нема да се применуваат кога со пациентот ќе се седи ,,еден на еден”, а ќе се однесуваат на секој граѓанин поединечно.

Нашиот пристап е внимателно да ги вклучиме и трансродовите лица и лицата со небинарен пол без да ги исклучиме жените и мајчинството, велат од болницата.

Термините мајка и мајчинство не се исклучуваат од терминологијата која персоналот ќе ја користи со жените и мајките во нивните индивидуални случаи на пораѓање и мајчинство. Меѓутоа, кога во болницата ќе дојде личност со небинарен пол, тогаш болницата ќе го адаптира својот вокабулар спрема нејзините потреби. Ова адаптирање само ги вклучува овие лица, без притоа да влијае на каков било начин на мајките кои се жени.

На својот профил на Твитер, болницата јасно истакнува дека НЕМА ДА ГО ИСКЛУЧИ од својот правилник јазикот за обраќање кон мајките и жените.

Директорот на кампањата Шеј Браун изјавил дека секој е вреден да се третира со достоинство кога користи здравствени услуги без разлика на тоа што е.

Го пронајдовме и оригиналното упатство од болницата насловено: „Перинатална грижа за транс и не бинарните лица“, каде на страница 9 пишува:

Медицинските професионалци, секогаш треба да им се обраќаат на луѓето со користење на јазикот што самите пациенти ќе го одберат. За некои луѓе личните заменки може да се променат со текот на времето, така што медицинските професионалци трба да се водат по тоа и да ги нарекуваат луѓето онака како што тие самите се нарекуваат себеси. Да му се обратите некому со погрешен пол, на пример, со таа, а не со тој, со користење на погрешно име, или да му се обратите на некого со ,,мајка”, а тие не се идентификуваат така, може понатаму да предизвика штета кај транс и небинарните лица и да ја интензивира половата дисфорија (психолошка траума -н.з.).

На 10 страница од упатството, пак, пишува:

Родителите ќе одберат самите како сакаат да им се обраќате. Персоналот не треба да користи термини како ,,мајка” или ,,мама” по дифолт за трансродовите и небинарните родители, освен ако тие самите тоа не го преферираат експлицитно, за да се избегне предизвикување штета и предизвикување полова дисфорија.

Оттука, јасно е дека болницата воопшто не ја забранува употребата на терминот „мајка“ за жените кои тоа го сакаат. Нивното упатство се однесува на вклучување на дополнителна терминологија за другите лица, кои ги користат нивните услуги, а кои се трансродови. Меѓутоа, во насловот на текстот што го рецензираме, ова е погрешно пренесено и се тврди: ,,Нови правила, наместо мајка жената ќе се нарекува родител кој раѓа”.  Дури во последниот пасус од текстот  се објаснува што, всушност, болницата одлучила и тоа во пасус што е контрадикторен со насловот.

Изјавата понатаму беше објаснета на Твитер, каде тие посочуваат дека поимите: мајка, мајчинство или татко, во никој случај не се забранети, само на персоналот ќе им биде укажано „да користат јазик што го одразува идентитетот на пациентот“.

Нашата проверка на факти покажа дека е дезинформација оти терминот „мајка“ се заменува со ,,родител кој раѓа”. Терминот „мајка“ останува за сите мајки, а терминот родител кој раѓа се однесува на сите трансродови личности кои тоа ќе го побараат.

Непрецизноста во насловот, исто така, е во тоа што не е прецизирано дека новата терминологија за вклучување на трансродовите личности во болничките услуги се однесува на Велика Британија, а не на Македонија.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција