Фекалната канализација во Волково, Кисела Јабука и Стопански Двор не е доизградена

Од посетата на тогашниот премиер Никола Груевски на Општина Ѓорче Петров (03.09.2015) Фото: Влада.мк

Проект: Доизградба на фекална канализација во селата Волково, Волково – Пржина, Кисела Јабука и Стопански Двор.

Со цел решавање на долгогодишниот проблем на граѓаните од овие места ќе се изврши изградба на фекална канализација и ќе се стават надвор од употреба септичките јами, со што ќе се заштитат и артериските бунари во сливот на реките Вардар и Лепенец. (Вредноста на проектот е околу два милиона евра; Рок: декември 2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за доизградба на фекална канализација во селата Волково, Волково – Пржина, Кисела Јабука и Стопански Двор е делумно исполнето ветување на градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски. Проектот е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Ѓорче Петров!“ (стр.36).

За проблемот со фекалната канализација жителите на Волково, на 03.09.2015 година му се пожалиле на тогашниот премиер Никола Груевски, кој заедно со тогашниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски биле во посета на ова село.

Во Волково жителите го посочија проблемот поврзан со потребата од изградба на канализациски систем. Груевски ги информираше дека за ова ќе се разговара на првата наредна владина седница, за што побара од министерот Мисајловски во соработка со градоначалникот Митровски да ги разгледа сите можности за изнаоѓање финансиски средства за почнување и реализација на овој проблем во Волково, а истовремено и за изнаоѓање средства за вакви проекти и за други населени места.

Според информации кои успеавме да ги најдеме на официјалната веб – страница на Општината, објавени на 01.03.2017 гоодина, градежниците работеле на поставување на канализациска мрежа на крак 119 , долг 1500 метри.

Кон овој крак гравитираат улиците „40“, „20“ и „22“ кои се наоѓаат во Волково и дел во Кисела Јабука, Општина Ѓорче Петров. Пред неколку дена во целост беа завршени работите на улицата „40“ долга 380 метри во Волково на која беа поставени цевки со широчина од Ф 400 cm, а деновиве се работи на улицата „20“ која е долга 800 метри на која се поставуваат цевки со широчина од Ф250 cm.

Жител на Волково кој живее на улица бр.21, на почетокот од селото, ни потврди дека фекална канализација на нивната улица била донесена пред 3-4 години, но не сите куќи се приклучени, бидејќи домаќинствата индивидуално го плаќаат приклучокот.

На 26.05.2017 година, на официјалната страна на Општината е објавена информација дека се работи на асфалтирање на четири крака од улицата „51“ во населбата Стопански двор, општина Ѓорче Петров.

Тоа се краците 1, 2, 3 и 4 со вкупна должина од 620 метри и широчина од 4 метри. Предходно на истите беше поставена фекална канализација со што е решен долгогодишниот проблем на граѓаните кои предходно мораа да користат септички јами кои како такви претставуваа потенцијален извор на зарази.

Овој проект е старо ветување на градоначалникот Митровски. Тој уште во претходниот мандат, односно во 2006 година, најавил дека жителите на овие села ќе добијат фекална канализација. Како што информираат од Општината, проектот е започнат во 2007 година и веќе е при крај.

Се работи за над 80 километри канализациска мрежа во населените места Волково, Кисела јабука, Ново село, Стопански двор, но и во делови на општината како што се населбите Даме Груев, Дексион, МЗ Ѓорче Петров, Хром. Што се однесува до споменатата километража на мрежата , која патем да кажеме дека се изведуваше на тежок и непристапен каменит терен, работите се 78 отсто завршени. Со изградбата и веќе функионална канализација елиминирани се над 6.000 септички јами. Преостануваат уште 20 километри кои етапно се изведуваат. Пред се е важно е да се обезбедат средства . Општината до сега успешно се справуваше со тој проблем па се надеваме дека и во иднина, овој многу важен проект за општо добро на сите граѓани во Скопје, ќе се реализира без поголеми застои. За крај да кажеме дека за целосна реализација на мрежата ќе се потрошат над 6 милиони евра, а проектот ќе заврши во 2018 година – изјави за „Вистиномер“, портпаролот на Општина Ѓорче Петров, Момо Николовски.

Дека проектот не е целосно завршен потврди и градоначалникот Митровски во отчетот кој го даде за јавноста на 17.01.2017 година, за сработеното во 2016 година.

Митовски најави и дел од проектите за 2017 година и истакна дека оваа година ќе биде година на градежна експанзија и заокружувањето на проектот за изградба на канализациона мрежа во руралниот дел за селата Волково, Кисела Јабука, Ново Село и Стопански Двор чија вкупна должина надминува повеќе од 80 километри, јави телевизија Нова.

Имајќи го предвид сето ова, може да заклучиме дека ветувањето за „доизградба на фекална канализација во селата Волково, Волково – Пржина, Кисела Јабука и Стопански Двор“, на градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција