Не е вистина дека 700 државјанки на Филипините добиле македонски државјанства
Министерството за внатрешни работи – официјален државен орган надлежен за издавање на македонските државјанства, демантираше дека околу 700 филипински државјани добиле македонски патни исправи во Австралија
Министерството за внатрешни работи – официјален државен орган надлежен за издавање на македонските државјанства, демантираше дека околу 700 филипински државјани добиле македонски патни исправи во Австралија
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Околу 700 филипински државјанки годинава добиле македонски патни исправи во Австралија, откако склучиле брак со македонски државјани и ги исполниле законските услови за стекнување македонско државјанство, објавуваат неофицијални податоци. Податоците се однесуваат на издадени патни исправи преку македонските дипломатско-конзуларни претставништва во Австралија. Доколку бројката е точна, станува збор за значаен број нови македонски државјанки во дијаспората. Овој пример го отвора и прашањето за демографските промени во земјата и за растот на македонската дијаспора преку семејствата што македонските државјани ги формираат во странство. Филипинските државјанки се само еден пример, бидејќи и државјани од други земји преку брак и исполнување на законските услови можат да стекнат македонско државјанство.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не е точно дека околу 700 филипински државјани добиле македонски патни исправи во Австралија. Демантот доаѓа од официјален државен орган надлежен за издавање на македонските државјанства – Министерството за внатрешни работи и е испратен до медиумите.
Министерството за внатрешни работи ги демантира наводите објавени во одредени медиуми дека 700 државјанки на Филипините, кои се наоѓаат во Австралија, добиле македонско државјанство и македонски пасоши. Станува збор за целосно неточни и непроверени информации. Министерството за внатрешни работи не располага со податоци за таков случај, ниту е спроведена постапка со која на 700 филипински државјанки од Австралија им е доделено македонско државјанство и им се издадени македонски пасоши. Апелираме до медиумите и јавноста да не шират непроверени информации и фактите да ги проверуваат со надлежните институции, пишува во демантот.
Во него се додава дека Министерството за внатрешни работи останува целосно посветено на законито, транспарентно и одговорно спроведување на постапките за стекнување државјанство и издавање патни исправи.
Постои можност странец да добие македонско државјанство по основ на брак со македонски државјанин, но постапката е строго уредена со Закон и потребно е да се исполнат повеќе услови пред аплицирање. Македонско државјанство со природување може да добие и странец кој е во брак со државјанин на Република Македонија најмалку осум години, кој законски и постојано живее во странство и со Република Македонија има цврста и ефективна поврзаност. Но, секоја постапка за добивање државјанство ја спроведува и контролира Министерството за внатрешни работи како единствен орган во земјава надлежен за издавање државјанства, а тој во конкретниот случај ги демантира податоците што се објавени за 700 филипински државјанки кои наводно добиле македонско државјанство по основ на брак со македонски државјани во Австралија.
По однос на другите критериуми според кои може да се добие македонско државјнаство, еден од нив беше и со инвестирање, но неодамна МВР предложи измени на Законот за државјанство со кои се забранува добивањето македонско државјанство за странец да биде „трансакција“ за неговата богата инвестиција во државава. Предложените измени беа објавени на ЕНЕР.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар