Не е вистина дека ЕУ го забранила увозот на украинска пченица во пет земји членки

Во постот што го рецензираме неточно се тврди дека ЕУ го забранила увозот на пченица од Украина во некои од земјите членки. Напротив ЕУ се спротивстави на едностраните одлуки на Полска, Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија привремено да го забранат увозот на житарки од Украина заради заштита своите земјоделци, по што на 28 април постигнаа заемно прифатлив договор. Со овој договор се зачувува и извозниот капацитет на Украина која ќе продолжи да го храни светот, како и егзистенцијата на земјоделците во ЕУ

Во постот што го рецензираме неточно се тврди дека ЕУ го забранила увозот на пченица од Украина во некои од земјите членки. Напротив, ЕУ се спротивстави на едностраните одлуки на Полска, Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија привремено да го забранат увозот на житарки од Украина заради заштита своите земјоделци, по што на 28 април постигнаа заемно прифатлив договор. Со овој договор се зачувува и извозниот капацитет на Украина која ќе продолжи да го храни светот, како и егзистенцијата на земјоделците во ЕУ

 

 

Фејсбук објава тврди дека ЕУ забранила увоз на украинска пченица во пет земји членки на Унијата и алудира дека тоа се случило затоа што се работи за штетен продукт. Но, ова не е вистина. ЕУ нема забрането увоз, петте земји членки го направија тоа самоиницијативно.

ЕУ забрани увоз на украинска пченица во Чешка, Полска, Маџарска, Словачка, Бугарија…внимавајте што купувате!!!…

Објавата на социјалната мрежа Фејсбук неточно тврди дека Европската Унија забранила да се увезува украинска пченица во Чешка, Полска, Унгарија, Словачка и Бугарија. ЕУ не го забрани увозот, туку напротив таа се спротивстави на поединечни одлуки на петте земји членки – Полска, Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија, привремено да го забранат увозот на житарки од Украина заради заштита своите земјоделци.

Во објавата со реченицата „внимавајте што купувате“ се инсинуира дека забраната за увозот е бидејќи се работи за штетна пченица, на што алудираат и поголемиот број на коментари под објавата како на пример овие:

МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ ЕДИНСТВЕНАТА ШТО ЌЕ ЈА КУПУВА УКРАИНСКАТА ПЧЕНИЦА..БЕЗ РАЗЛИКА ДЕКА ЌЕ БИДЕ РАДИОАКТИВНА ..ОД ОСИРОМАШЕНИОТ УРАНИУМ КОЈ ГО КОРИСТАТ УКРАИНЦИТЕ 

Naredniot period nikoj nema da ja kupuva Ukrofasistickata psenica oti pocnaa Englezite navodna pomos da im pracaat raketi so osiromasen uranium a toj ke zagadi i pocva i voda se

Меѓутоа, ова не е точно, не станува збор за забрана поради квалитетот на продуктите.

Пет земји од ЕУ – Полска, Унгарија, Словачка, Романија и Бугарија, пред два месеца по писмен пат побараа од Европската комисија помош за своите земјоделци и производители на храна кои страдаат поради евтиниот увоз од Украина. Како резултат на тоа, ЕУ на крајот на март договори пакет помош во вредност од 56 милиони евра, кој им стои на располагање на земјите членки за обесштетување на нивните земјоделци.

Во средината на април, прво Полска а потоа и другите четири земји членки еднострано ги забранија житарките и другите земјоделски производи увезени од Украина, велејќи дека сакаат да ги заштитат своите земјоделци.

По две недели интензивни преговори, Брисел објави договор за украинското жито за кој вели дека ја штити економијата на Украина и егзистенцијата на земјоделците од ЕУ.

Европската комисија во петокот објави дека постигнала договор со пет земји на ЕУ, вклучувајќи ги Полска и Унгарија, за гарантирање на транзитот на украинските житарки, по забраните за увоз наметнати од овие земји и кои Брисел ги оцени како „неприфатливи“.

Овој договор го зачувува и извозниот капацитет на Украина, така што таа ќе продолжи да го храни светот, како и егзистенцијата на нашите земјоделци во ЕУ, твитна претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Договорот предвидува крај на едностраните забрани за увоз, во замена за „исклучителни заштитни мерки“ за четирите украински производи: пченица, пченка, семе од репка, семки од сончоглед.

Објавата на овој манипулативен и невистинит пост, што е предмет на рецензија, е од 2 мај, односно четири дена откако ЕУ постигна договор со петте земји членки кои привремено го попречија увозот на житарки од Украина.

Според горенаведените факти, заклучуваме дека неточно се тврди оти ЕУ го забранила увозот на пченица од Украина во некои од земјите членки. Напротив, таа се спротивстави на ваквите еднострани одлуки на владите на овие земји, по што постигнаа заемно прифатлив договор.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција