Не е вистина дека Ѓоковиќ е вратен во Србија, тој се наоѓа во имиграциски хотел
Ниту е крај на сагата, ниту Ѓоковиќ е вратен во Србија. Ѓоковиќ моментално се наоѓа во Австралија и не е депортиран, односно вратен во Србија. Тој до понеделник ќе остане во имиграцискиот хотел „Парк“, кој е дом на баратели на азил во земјата
Ниту е крај на сагата, ниту Ѓоковиќ е вратен во Србија. Ѓоковиќ моментално се наоѓа во Австралија и не е депортиран, односно вратен во Србија. Тој до понеделник ќе остане во имиграцискиот хотел „Парк“, кој е дом на баратели на азил во земјата
Тениската ѕвезда од Србија, Новак Ѓоковиќ, го окупира светскиот медиумски простор откако при обид да влезе во Австралија за да игра на тенискиот турнир Австралија опен остана заглавен во Мелбурн бидејќи не приложил доказ дека е вакциниран со две дози против ковид-19, ниту имал веродостоен документ со кој би потврдил дека од медицински причини не може да биде вакциниран.
Но тој се уште е во Австралија и не е вратен во Србија како што ударно и сензационалистички тврди оваа објава на Фејсбук.
Крај на сагата: Новак Ѓоковиќ вратен во Србија!
Ова е неточно. Ниту е крај на сагата, ниту Ѓоковиќ е вратен во Србија. Притоа, на објавата е прикачена фотографија на која се гледа Ѓоковиќ со куфери, но, таа фотографија, иако е снимена во Австралија, не е од сега. Фотографијата е од јануари минатата година (2021) кога Ѓоковиќ пристигна во Австралија, а пред да замине во задолжителен карантин од две недели.
Но, каде се наоѓа тој во моментов и зошто?
Ѓоковиќ моментално се наоѓа во Австралија и не е депортиран, односно вратен во Србија. Тој до понеделник ќе остане во имиграцискиот хотел „Парк“, кој е дом на баратели на азил во земјата. Србинот беше префрлен таму откако неговите адвокати поднесоа жалба на одлуката на австралиските власти, кои го одбија неговото барање за виза, откако од организаторите на турнирот му беше одобрено да учествува и покрај тоа што не е вакциниран против ковид-19, што е главен услов за влез во земјата.
Светскиот рекет број еден ќе остане во имигацискиот хотел до понеделник, кога Федералниот суд во Мелбурн ќе одлучува дали тенисерот ќе остане и ќе учествува на тенискиот турир Австралија Опен за да ја брани титулата, или ќе мора да се врати назад во Србија. Адвокатите на Ѓоковиќ треба да достават докази до сабота попладне.
Претходно Новак Ѓоковиќ, откако слета во Австралија, неколку часа беше задржан на аеродромот во Мелбурн, а на крајот му беше укината визата и не му беше дозволено да влезе во Австралија да се обиде да се бори за 21-иот Грен слем трофеј.
Премиерот на Австралија, Скот Морисон за случајот изјави дека правилата се правила и никој не е над нив.
Визата на Ѓоковиќ е откажана. Правилата се правила, особено кога се во прашање нашите граници. Никој не е над овие правила. Нашите силни гранични политики беа од клучно значење за Австралија да има една од најниските стапки на смртност во светот од ковид, ние продолжуваме да се бориме, напиша Морисон на Твитер.
Министерката за внатрешни работи на Австралија, Карен Ендрјус, вели дека Новак Ѓоковиќ може да ја напушти Австралија кога ќе посака. Таа ги отфрли обвинувањата на родителите на тенисерот дека австралиската влада го држи во заробеништво.
Ѓоковиќ не е заробеник во Австралија. Тој може да ја напушти земјата во секој момент кога ќе посака, а нашите гранични служби ќе му помогнат во тоа, изјави Ендрјус во разговор за Еј-би-си.
Ѓоковиќ секако ќе остане во карантин во Австралија до понеделник, а дури потоа ќе се знае дали ќе заигра на Австралија Опен или навистина ќе треба да се врати дома во Србија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар