Не е вистина дека Груби на Фејсбук ги нарекол политичките противници „копилиња“
Груби зборува за ѓаволштини или уште може да се преведе како мајмунлаци, а не за „копилиња“ како што сака да прикаже објавата што ја анализираме. Точно е дека Фејсбук нуди опција за автоматски превод на кој било јазик, но истиот не треба да се зема здраво за готово, како што е тоа случај тука
Груби зборува за ѓаволштини или уште може да се преведе како мајмунлаци, а не за „копилиња“ како што сака да прикаже објавата што ја анализираме. Точно е дека Фејсбук нуди опција за автоматски превод на кој било јазик, но истиот не треба да се зема здраво за готово, како што е тоа случај тука
Анализираме објава на Фејсбук која погрешно тврди дека вицепремиерот Артан Груби од ДУИ преку објава на Фејсбук ги нарекол политичките противници „копилиња“.
Има ли погрубо, погрдо, попросто, понасилничко, пошовинистичко суштество од Артан Северџан Груби‼️?? U.S. Embassy North Macedonia За ова сте слепи?, стои во објавата која ја анализираме.
Објавата споделува и принтскрин од објавата на Груби на македонски јазик во која може да се прочита следното:
Спорниот пасус од објавата кој го содржи зборот „копилиња“ гласи:
Да ги направиме овие копилиња невозможни за овие што живеат на исто место, гласајте сите за Али Ахмет и Европскиот фронт да ги направат 30 пратеници, па да видите како се.
Од начинот на кој е напишан статусот, очигледно е дека станува збор за автоматски превод на Фејсбук од албански на македонски јазик.
Доколку отидете на оригиналната објава на Артан Груби, ќе ја најдете истата на албански јазик.
Спорниот пасус го ставивме на Гугл транслејт и го добивме следниот превод:
Ајде да ги спречиме овие шеговити што предизвикуваат поделби, сите гласаат да им даде на Али Ахмет и на Европскиот фронт 30 пратеници, па ќе видиме како ќе се однесуваат.
На Гугл транслејт, зборот „копилиња“ пренесен во објавата која ја анализираме, го преведува како „шеговити“.
Поради нејасноста на напишаното, Вистиномер консултираше колеги Албанци кои ни укажаа дека Груби никаде во објавата не напишал „копилиња“. Преводот кој го добивме од нашите колеги гласи вака:
Да ги оневозможиме овие ѓаволштини (или мајмунлаци) на овие што прават поделби. Гласајте сите да им дадеме на Али Ахмети и на Европскиот фронт 30 пратеници па ќе видиме како се однесуваат.
Значи, Груби зборува за ѓаволштини или уште може да се преведе како мајмунлаци, а не за „копилиња“ како што сака да прикаже објавата која ја анализираме.
Точно е дека Фејсбук нуди опција за автоматски превод на кој било јазик, но истиот не треба да се зема здраво за готово, како што e тоа случај тука.
Поради сите горенаведени факти, истата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар