Не е вистина дека коронавирусот се лекува со солена вода

Голем број дезинформации се споделуваат на социјалните мрежи. Една од нив, која од неодамна циркулира на социјалните мрежие тоа дека ковид 19 може да се лекува со конзумирање на солена вода. Всушност, ова е стара дезинформација бидејќи на почетокот на пандемијата ваквите информации се ширеа многу повеќе. Како и да е, оваа дезинформација предизвика интерес кај многу луѓе.

 

Не сме знаеле дека овој толку едноставен раствор бил лекот против коронавирусот кај лицата со симптоми, е насловот на рецензираната содржина. Оваа содржина најпрво беше објавена на порталот „Лајме Диторе“ во јануари 2021 година, и пред неколку дена одново е споделена на социјалните мрежи на страница со истото име.

 

Оваа содржина собра стотици лајкови и коментари во кои се вели дека многумина го применувале овој метод за време на пандемијата, но не знаеле дека е толку „ефективен“.
Во насловот на содржината се тврди дека постои многу едноставен начин на лекување на коронавирусот, а во текстот дека тој лек е солената вода, и дека овој раствор ја ублажува кашлицата и настинката, но никаде не се докажува дека лекува од ковид 19.

 

Сеуште нема лек или конкретен третман кој лекува ковид 19

 

Во моментов нема конкретен лек за ковид 19. Лекувањето на пациентите со ковид  за цел да ги менаџира и намали симптомите додека пациентот да закрепне. Повеќето заболени – околу 80 проценти – имаат асимптоматска или блага инфекција која може да се третира дома. Според СЗО, луѓето кои имаат благи симптоми на ковид може да се лекуваат дома, да одмараат, консумираат доволно течности и да примат лекови за ублажување на треската и болката. Во меѓувреме научниците продолжуваат да работат напорно за развивање на други ефективни третмани.

 

Во октомври оваа година, фармацевтската компанија Мерк ги објави резултати од нивната студија за орален антивирусен лек за лекување ковид 19. Антивирусниот лек, наречен Молнупиравир, значително го намалил ризикот од хоспитализација и смрт кај луѓето со благ до умерен КОВИД-19. Ако ФДА го одобри овој лек, Молнупиравир ќе биде првиот лек за КОВИД-19 што може да се зема по орален пат во рана фаза на инфекцијата за да се намали сериозноста на болеста.

 

Кои терапии се применуваат за лекување на КОВИД-19?

 

Дексаметазон

 

Од почетокот на пандемијата, многу лекари, како и оние во Соединетите Држави, критично болните пациенти со ковид 19 ги лекувале со кортикостероиди. Овој третман има биолошка смисла за оние пациенти кои развиле хипер-имунолошки одговор на вирусната инфекција. Во овие случаи, претераната реакција на имунолошкиот систем е таа која ги оштетува белите дробови и другите органи, а многу често доведува и до смрт. Дексаметазонот и други кортикостероиди (преднизон, метилпреднизолон) се моќни антиинфламаторни лекови. Тие се лесно достапни и ефтини. Во упатствата за лекување ковид 19 се препорачува употреба на дексаметазон кај некои хоспитализирани лица со тешка клиничка слика.

 

Тоцилизумаб

 

ФДА одобри итна употреба на лекот тоцилизумаб (Aктемра). Овој лек се користи за лекување на хоспитализирани возрасни и деца над 2 години кои примаат системски кортикостероиди како што е дексаметазон и на кои им е потребен дополнителен кислород, механичка вентилација. Toцилизумаб е моноклонално антитело, веќе одобрено од ФДА за лекување на некои автоимуни болести. На некои пациенти со ковид им се влошува состојбата поради претераната имунолошка реакција на телото (цитокинска бура) кон вирусната инфекција. Кога тоа ќе се случи, телото произведува прекумерни количини на интерлеукин-6 (IL-6) – протеин кој учествува во воспалителниот процес во клетките на белите дробови. Тоцилизумаб го блокира дејството на IL-6 и на тој начин го ублажува претераниот одговор на имунолошкиот систем. Тоцилизумаб не е одобрен за употреба кај нехоспитализираните пациенти со Ковид-19.
Ремдесивир

 

Ремдесивир (Веклури) е уште еден лек кој може да го намали ризикот од хоспитализација кога се дава во почетна фаза на инфекцијата. Но, Ремдесивир треба да се дава интравенозно во болнички услови.
Во октомври 2020 година, ФДА го одобри антивирусниот лек Ремдесивир за лекување на КОВИД-19. Лекот може да се користи за лекување на возрасни и деца над 12 години кои се хоспитализирани како резултат на КОВИД-19. Клиничките докази сугерираат дека кај овие пациенти Ремдесивирот може да го забрза времето на закрепнување.

 

Антикоагулантни лекови („разредувачи на крвта“)

 

Речиси сите хоспитализирани пациенти со КОВИД-19 добиваат лекови за спречување на згрутчувањето на крвта. Лекарите обично препишуваат ниски дози на хепарин или еноксапарин. Меѓутоа некои пациенти имаат потреба од полни дози на антикоагуланси кога веќе имаат развиено згрутчување на крвта или се изложени на висок ризик од тоа. Лекарите секогаш треба да го имаат предвид ризикот од опасно крварење кога препишуваат цели дози.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција