Не е вистина дека македонски студент по медицина измислил лек за зглобови

Објавата е измамничка, бројни елементи, меѓу кои и тој дека „успешен студент го измислил лекот и си помогнал самиот себе да стане од инвалидска количка“ се измислени, а за таа цел се злоупотребени фотографии од лице кое има церебрална парализа и е зависно од инвалидска количка

Објавата е измамничка, бројни елементи, меѓу кои и тој дека „успешен студент го измислил лекот и си помогнал самиот себе да стане од инвалидска количка“ се измислени, а за таа цел се злоупотребени фотографии од лице кое има церебрална парализа и е зависно од инвалидска количка

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ревматолог: Единствениот лек кој продира во зглобовите и обновува хрскавицата одвнатре.

Ваквата најава со граматичка грешка и испуштен збор, е проследена со фотографија од крема но без да се гледа нејзиното име или состав.

Кога ќе се пристапи на линкот на којшто наводно се дознава повеќе за „лекот“, се гледа дека веб веб-страницата е на домејн со чудно име hodrichanger.net. Страницата дополнително, лажно се прикажува како да има повеќе рубрики меѓу кои „свет, Македонија, технологија, уметност, култура, политика“ итн, меѓутоа тие се сите празни, односно кога ќе се кликне на нив, тие повторно го носат читателот на единствената објавена содржина на страницата, која е всушност невистинита и полна со печатни, граматички и логички грешки.

Имено, во објавата се тврди дека „македонски студент по медицина измислил лек за зглобови кој може да ги отстрани целосно проблемите со зглобовите без операција“. Но, веќе од првата фотографија каде е прикажан „студентот“ лажно именуван како „Драган Петровски“, веќе е јасно дека рекламниот материјал спакуван како да е „новинарски текст или интервју“ е полн со невистини, односно дека е фабрикуван!

Имено, на фотографијата на која се тврди дека е студентотот по медицина Драган Петровски, седи лице кое е во инвалидска количка, а за кое лажно се тврди дека е самиот Петровски. Самата објава дезинформира дека „Петровски со својот лек што го измислил, успеал да направи таков прогрес, што од инвалидска количка стигнал до тоа да застане на нозе и да скија“, што е невистина. Дека се работи за манипулација покажува фактот што „Вистиномер“ ја пронајде оригиналната фотографија што се злоупотребува како да е од Петровски. На неа не е никаков „најдобар студент по медицина што измислил лек за зглобови“, туку е Дејмиен Сим, кој има церебрална парализа. За него медиуми објавуваат дека електричната количка му била украдена додека бил во посета на пријател, па неговата населба се солидаризирала со него и собрале пари да му купат нова. Целиот текст за неговата голгота може да го прочитате овде, а кампањата за собирање на средства која била активна пред повеќе од пет години – погледнете ја овде.

Значи, во објавата што ја рецензираме, се злоупотребува идентитет на лице од странство кое има церебрална парализа, за лажно истото да се претстави како да е успешен доктор што успеал да се извлече од инвалидската количка со лекот што самиот го создал. Во текстот од објавата што ја рецензираме, со намера не се прецизирани бројни елементи кои несомнено и брзо ќе покажат дека ваков студент не постои, туку дека се работи за маркетинг трик. На пример, не се наведува кој е „водечкиот европски универзитет“.

Ова не е единствениот елемент кој несомнено покажува дека објавата е втемелена во невистини. Во целиот текст, се провлекуваат бројни јазични нелогичности, грешки,  зборови кои не постојат –  на пример „болки во зглобовите“ е напишано како „болки во ставовите“. Вакви јазични неусогласености се вообичаен дел од фабрикуваните интервјуа и невистинити пи – ар текстови чија цел е да продадат некој производ на начин што ќе го претстават со глорифицирани перформанси.

Во објавата исто така е објавена непостоечка измислена изјава од „професорот“ кој наводно му предавал на студентот на „водечкиот европски универзитет“. Но на фотографијата е Павлов Валентин Николаевич од доктор уролог од Русија.

И како овие измамнички елементи во целата реклама да не се доволни – има уште. На крајот на текстот, се тврди дека кремата што се претставува како лек – Bone Control, сега не може да се најде во аптеките, ама може да се најде „на попуст“ на интернет од 4.800 на 1.200 денари и потоа се споделени компјутерски генерирани, наводни искуства од „задоволни корисници“. Тие искуства се нереални, односно и тие се креирани со компјутерски алатки.

Ненавлегувајќи во делотворноста на производот кој се рекламира, ќе заклучиме дека тој не е лек, не е регистриран во регистарот на лекови и медицински средства на Република Северна Македонија кој го води Агенцијата за лекови и медицински средства. Бројни елементи, меѓу кои и тој дека „успешен студент го измислил лекот и си помогнал самиот себе да стане од инвалидска количка“ се измислени, а за таа цел се злоупотребени фотографии од лице кое има церебрална парализа и е зависно од инвалидска количка.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција