Не е вистина дека микробрановите печки го скратуваат животот

Фото: pixabay.com

Според Светската здравствена организација, кога микропечката се користи како што треба и правилно, нема ништо опасно во врска со микробрановото зрачење.  Експертската јавност е децидна дека микропечките продуцираат бранови со релативно ниска фреквенција, ги има само внатре во уредот и само кога е вклучен

Според Светската здравствена организација, кога микропечката се користи како што треба и правилно, нема ништо опасно во врска со микробрановото зрачење.  Експертската јавност е децидна дека микропечките продуцираат бранови со релативно ниска фреквенција, ги има само внатре во уредот и само кога е вклучен

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен медиумски напис преку кој, пак, се тврди дека „Познат руски имунолог кој го лекува Путин тврди дека овој уред (микробранова печка) го скратува животот“. Во насловот од текстот се сугерира веднаш да го тргнете таквиот уред од домот.

Накратко во текстот се тврди дека рускиот имунолог Богдан Владимирович Городиски на предавање во Суботица, Србија, кажал дека штетното електромагнетно зрачење води кон намален имунитет.

За силен и здрав организам потребно е да пиете 30 милилитри вода на килограм тежина, последниот оброк да биде околу 19 часот, а микробрановата печка да ја отстраните од домовите, се тврди во текстот што го рецензираме.

„Би Би Си“ пишува дека нема ништо штетно во радијацијата од микробрановите печки, но дека е штетно да се загрева пластика, па се сугерира храната да се загрева во печката не во пластични садови, туку во други садови кои не се изработени од пластика, а се безбедни за користење во микро печка.

Според Светската здравствена организација, кога микро печката се користи како што треба и правилно, нема ништо поради кое би требало да се грижите во врска со микробрановото зрачење. Според наведеното на официјалната страница на СЗО, микробрановите се случуваат само внатре во печката, и само кога таа е вклучена, а вратата од уредот е затворена. Се препорачува проверка дали вратата од печката се затвора добро.

Енергијата од микропечката може да биде апсорбирана од телото и да предизвика топлина во изложеното ткиво. Органите каде нема доволно добар доток на крв и контрола на температурата како очите, имаат повисок ризик од штета. Но, термално оштетување ќе се случи само ако се изложиите на многу моќни нивоа во текот на долго време. Храната зготвена во микропечка е безбедна и има иста нутритивна вредност како таа што се готви во регуларна рерна. Треба да знаете дека храната зготвена во микропечките не станува радиоактивна. Ниту пак, каква било енергија од микропечката останува во храната по готвењето и исклучувањето на печката. Микропечките реагираат како светлина, кога ќе го исклучите прекинувачот, и таа се гасне,  пишува на сајтот на СЗО.

„Би Би Си“ пишува дека зрачењето од микропечките е комплетно безопасно.

Микропечките користат електромагнетно зрачење исто како тоа што се користи во сијалиците и радијата. Кога ќе ставите храна во микро печката, ги апсорбира овие микробранови што прави водените молекули во храната да вибрираат, создавајќи фрикција која ја загрева храната. И луѓето апсорбираат електромагнентни бранови исто така. Но, микропечките продуцираат бранови со релативно ниска фреквенција и тие се содржани внатре во микропечката. Дури и да не беше така, тогаш брановите би биле безопасни, тврди за Би Би Си Јунминг Танг, професор за инженеринг на храна на Универзитетот Вашингтон Стејт, пишува во написот на „Би Би Си“.

Што изјавува професорот Танг?

Микропечките се дел од електромагнетните зраци на кои сме секојдневно изложенни. Кога печете леб, вие сте изложени на електромагнетни бранови и инфрацрвена енергија од елементите во рерната. Дури и луѓето разменуваат радиоактивни бранови меѓу себе. Ако јадете житарици што се израснати од сончева светлина тогаш не треба да се грижите за храната од микропечката, вели Танг.

За разлика од рентгенот микропечката не користи јонизирачка радијација, што значи дека нема доволно енергија да ги откачи електроните од атомите.

За да ја оштетите ДНК, мора да ги разрушите хемиските соединенија. На таков начин убива радијацијата, ги мутира клетките и предизвикува канцер, вели Тимоти Јоргенсен, професор на Џорџтаун Универзитетот.

Тој додава дека загриженоста за радијација од микропечките имало многу во годините кога микропечката била за првпат измислена. Иако самите бранови се безбедни, не е безбедно да се загрева храната во пластични садови, покажува студија од 2011 година.

Според неа, испитувани биле 400 пластични садови кои биле загревани во микропечка и откриено е дека повеќето од нив испуштале хемикалии кои им наштетуваат на хормоните.

Канадскиот центар за окупационо здравје на прашањето дали микропечките може да дозволат проток на радијација, одговара:

Дел од енергијата на микропечката може да протече од вашата микропечка додека ја користите, но ова не претставува здравствен ризик, сè додека печката е соодветно сервисирана. Стара или лоша врата, е најчест причинител за проток на зрачење од микропечката, пишува на нивната страница.

Невистини за тоа дека микропечките наводно се забрануваат во Јапонија поради штетноста на нивните бранови по здравјето на луѓето, веќе се побиени од странски проверувачи на факти.

Болницата Јашода објави дека микробрановите не се ништо повеќе од високофреквентни радио бранови и исто како и другото зрачење (светлина), се дел од електромагнетниот спектар. Храната и течностите лесно апсорбираат енергија од микропечката која понатаму помага таа да се претвори во топлина и да се зготви храната.

Користењето на микропечка за да загреете храна не е воопшто штетно. Кога се користи како што наведува производителот, микропечката е безбедна и ефикасна за да се загрее и зготви огромен спектар на храна. Храната загреана во микропечката не станува радиоактивна и затоа е безбедна. Микропечките работат на фреквенција која не е штетна, за разлика од другите повисоки радиофреквенции. Кога микропечката е исклучена, ниту емитува енергија ниту пак енергијата останува внатре во неа. Според Американската асоцијација за канцер, микробрановите не се рентген зраци или гама зраци. Микропечките не ја прават храната радиоактивна туку ја готват без да и ја сменат хемиската природа на храната и таа е ослободена од ефектите кои предизвикуваат канцер, пишува на страницата на болницата.

Американската агенција за храна и лекови ФДА, пишува дека федерален стандард е да се ограничи количеството на микробранови кои може да протечат од печката за време на целиот нејзин „животен век“, на 5 миливати на квадратен сантиметар на 2 инчи од печката.

Овој лимит е далеку под нивото потребно за да им се наштети на луѓето. Енергијата од микропечките исто така драматично се намалува како што се оддалечувате од изворот,посочуваат тие.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека треба да ја фрлите микропечката од домот зашто го скратува животот, како што се тврди во постот  што го рецензираме.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција