Не е вистина дека НАТО авионите нè „прскаат“ со вируси, бактерии и графен оксид
Не е точно наведеното во објавата дека „новите варијанти на Ковид вирусот се шират преку прскање од НАТО авиони“, ниту пак дека „НАТО авионите испуштаат тешки метали над Скопје, ниту пак дека „НАТО авионите испуштаат вируси и бактерии и графен оксид“.
Не е точно наведеното во објавата дека „новите варијанти на Ковид вирусот се шират преку прскање од НАТО авиони“, ниту пак дека „НАТО авионите испуштаат тешки метали над Скопје, ниту пак дека „НАТО авионите испуштаат вируси и бактерии и графен оксид“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал во кој се прикажуваат кадри од небото над Скопје кое е делумно наоблачено и се вели:
Триесетти октомври 2025 година, Католичка црква Скопје. Веројатно цела ноќ и половина ден прскаат со авиони. Обавезно да се вакцинирате, вакцините сигурно се добри за тешките метали што ги пуштаат од НАТО авионите, сигурно се добри за вирусите, бактериите што ги испуштаат од НАТО авионите, добри се за графен оксид кој ќе ви ги запуши крвните садови, одлични вакцини се овие, така што најверојатно до 2030 година ако примите од вакцините ќе ве снема. Фино лепо ќе ве снема, ќе плачат по вас роднини пријатели, браќа сестри ова она, ама ќе ве нема. Ама битно е дека ќе бидете заштитени наредните 3 години, и одеднаш ќе паднете на улица и ќе ве снема. Тоа е идејата. Се уште прскаат почнува кампањата со вакцините ова-она. Како што реков пред 5 дена не беше почната, а сега почнаа со кампања повторно да се вакцинирате и ќе бидете среќни ете така.
Во склоп на објавата објавен е и текст со содржина:
30-ти октомври 2025-та година – Повторно труење на Скопјани со НАТО-авиони !!! (Еве како ,,се шират новите варијанти на Ковид вирусот,,).
Не е точно наведеното во објавата дека „новите варијанти на Ковид вирусот се шират преку прскање од НАТО авиони“, ниту пак дека „НАТО авионите испуштаат тешки метали над Скопје“, ниту пак дека „НАТО авионите испуштаат вируси и бактерии и графен оксид“.
Кампањата за вакцинација која што се споменува во објавата воопшто не е поврзана со ковид 19 туку со сезонски грип, а причината поради која се повикуваат ранливите категории граѓани да се вакцинираат против сезонски грип не се поврзани со прскања од авиони како што тоа невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, туку е поврзано со фактот што во есенскиот период настапува сезоната на инфлуенца. Вакцинацијата против грип не е задолжителна, ниту пак државата им налага на граѓаните да се вакцинираат, туку истото го прават со слободна волја, незадолжително, со пријавување преку апликација за вакцинација. Вакцините против ковид 19 не содржат графен оксид и таа дезинформација „Вистиномер“ веќе ја дебанкираше.
Авионите на НАТО не трујат луѓе од воздухот. Оваа идеја е дел од долготрајна теорија на заговор, позната како „кемтрејлс“. Во реалноста кондензационите траги (контрејлс) – белите линии што ги гледате зад авионите што летаат високо – се составени од водена пареа која се замрзнува во кристали од мраз кога жешкиот издувен гас од моторите ќе се сретне со студениот воздух на голема височина. Нема веродостојни научни докази дека воените или цивилните авиони намерно испуштаат токсични хемикалии над населението. Еколошките и здравствените институции (како СЗО, НАСА и националните метеоролошки институти) повеќепати вршеле тестирања на воздухот и водата и не пронашле ништо што ги поддржува тие тврдења.
Авионите на НАТО се користат за повеќе намени, но ниедна не е „запрашување“, „труење“, „прскање тешки метали“ ни за „испуштање бактерии и вируси“.
Авионите на НАТО се кроистат за воздушно патролирање и одбрана на воздушниот простор. НАТО одржува постојана мисија наречена „NATO Air Policing“ (Воздушно патролирање на НАТО) со цел да го заштити воздушниот простор на земјите членки. Во ова се вклучени борбени авиони и екипажи кои се подготвени 24 часа на ден, 365 дена во годината, за да реагираат на можни нарушувања на воздушниот простор.
НАТО ги користи авионите и за воздушно рано предупредување, надзор, команда и контрола. НАТО располага со сопствена флота на специјализирани авиони со радарски системи кои овозможуваат далечинско откривање и следење на воздушни и поморски цели и пренесуваат информации во реално време до силите на копно, море и воздух.
Авионите се користат и како реакција при кризи, за поддршка на операци и одвраќање. Авионите се користат за различни мисии, следење со непријателски воздушни движења, поддршка во борба против тероризмот, евакуација на цивили, спроведување ембарга и друго. На пример, летовите НАТО AWACS обезбедуваат безбедност и одвраќање на закани по инциденти како анексијата на Крим.
Овие цели покажуваат дека авионите не се користат за „труење“ или тајно прскање со хемикалии, туку за одбрана, надзор и координација. Мисиите се јавно документирани од страна на НАТО и неговите агенции а нивната цел е одбранбена и колективна.
Ниту една вакцина нема цел за 3 години тие што ќе ја примат „да ги снема“. Нема никаква поткрепеност во фактите или логиката дека животниот век на човек што се вакцинирал против ковид 19 или грип, ќе биде ограничен на 3 години после вакцинацијата. Кампањата за вакцинација против сезонски грип во Северна Македонија е успешна и секоја година Министерството за здравство набавува се поголем број на вакцини против грип. Годинава таа бројка изнесува 80 илјади дози, а истите се примаат доброволно, доколку граѓанинот изрази интерес и доколку се наоѓа во ризичните групи на граѓани.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Таа е незадолжителна, по желба на граѓанинот. Бесплатната вакцинација против сезонскиот грип во Република Северна Македонија е наменета за следните ризични групи – стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
Самото видео кое е презентирано не прикажува ништо посебно во смисла на доказ дека „НАТО авиони прскаат од небото“. Се гледа вообичаено небо.
Конкретно, инфлуенцата (грипот) се шири не од авиони, туку преку капки кога луѓето кашлаат, киваат или зборуваат. Поретки случаи се преку допир на заразена површина или предмет на кој бил вирусот, а потоа допир на устата, носот или очите.
Ковид не се шири преку вирус кој паѓа на земјата од авиони туку со близок контакт со инфицирано лице. СЗО е децидна дека има социјални контексти, односно услови во коишто вирусот се шири.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар